Министерството за здравство најави итни контроли во приватните болници по обвинувањата за непотребни хируршки интервенции
Министерството за здравство реагираше на сериозните обвинувања што се појавија во јавноста за наводни непотребни хируршки интервенции во приватни болници, чија цел наводно била остварување профит. По изјавата на кардиологот Сашко Кедев, пренесена од неколку медиуми, дека се вршат операции без медицинска неопходност, институцијата најави итни и вонредни надзори.
„Врз основа на информациите што се споделени во јавноста, Министерството за здравство веќе се координира за проверка на тврдењата како и спроведување на итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика,“ информираат од Министерството.
Министерот Азир Алиу посочи дека целосната дигитализација на здравствениот сектор, вклучително и двонасочната размена на информации меѓу јавните и приватните установи преку системот „Мој Термин“, ќе овозможи подобра контрола и увид во евентуалните злоупотреби.
„Само тогаш ќе имаме јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства,“ истакна Алиу.
Од Министерството нагласуваат дека здравствениот систем функционира според строго утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, и дека постојат надлежни тела за нивна примена. Почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници и правата на пациентите е задолжително.
„Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрени да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење — тоа е дел од добрата медицинска практика,“ велат од Министерството.
Во контекст на јавната дебата, институцијата апелира за одговорна комуникација.
„Здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без поистоветување на поединечни случаи со целиот систем,“ се наведува во реакцијата.
„Секако дека секој има право на свое мислење, а посебно ако тоа е поткрепено со аргументирани факти, но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави кои водат до генерализации и сензационализам,“ додаваат од Министерството.
