МНР на Бугарија: Неказнивоста за злосторствата од омраза е недозволива, ќе продолжиме да го поддржуваме Пендиков во борбата за правда
Министерството за надворешни работи на Бугарија остро реагираше на ослободителната пресуда на Основниот суд во Охрид за обвинетите во случајот со претепувањето на Христијан Пендиков. Во објава на нивната официјална страна на Facebook, Министерството оцени дека одлуката го зајакнува чувството на неказнивост за дела од омраза и порача дека ќе продолжи да ги поддржува Пендиков и Бугарите во Северна Македонија во борбата за правда и еднакви права.
„Денеска во Охрид се одржа првото рочиште во обновената судска постапка за бруталното претепување на Христијан Пендиков во јануари 2023 година. Тогаш омразата го доведе македонскиот Бугарин на работ на парализа и наложи негово долготрајно лекување во Бугарија.
Потсетуваме дека неговите напаѓачи веќе беа осудени на незначителни казни во првостепена постапка во 2025 година, при што, од необјасниви причини, мотивот „омраза“ беше изоставен од образложението на судот. Подоцна Апелациониот суд во Битола го врати предметот на повторно разгледување во прв степен.
На денешното рочиште, за помалку од два часа, Основниот суд во Охрид целосно ги ослободи од обвинение сторителите на претепувањето. На тој начин судскиот систем во Република Северна Македонија уште еднаш остави без последици тешко злосторство од омраза врз македонски Бугарин и ги покажа причините за заостанувањето на соседната држава во европската интеграција.
Недозволиво е натамошното зацврстување на чувството на неказнивост за злосторства од омраза во Република Северна Македонија. Токму поради натрупувањето на ваквите проблеми, европскиот компромис од 2022 година стави акцент врз прашањето за правата на Бугарите. Резултатите од неспроведувањето на овој компромис, вклучително и за евроинтеграцијата на земјата, се очигледни.
Бугарија ќе продолжи да им дава целосна поддршка на Христијан Пендиков и на сите Бугари во Република Северна Македонија во нивната борба за правда и еднакви права, без оглед колку време и напори ќе бидат потребни за тоа“, се вели во соопштението на МНР на Бугарија.
