МОЖЕБИ НЕМА БУГАРИН КОЈ СЕ ВИКА ГОЦЕ, НО ИМА МАКЕДОНЦИ КОИ СЕ ВИКААТ АСПАРУХ

Признавам, читам коментари на Facebook. Ретко се замешувам, но редовно читам. Просто во мене работи некоја љубопитност што ме тера да видам како размислува просечниот идиот на некоја тема. Нема подобро место за да го опипате „пулсот на народот“ во многу мал sample size отколку коментарите на социјалните мрежи. Од сите пак социјални мрежи, најинтересно е што баш на таа каде што се со име, презиме, слика, деца, работно место, во целост на тапет, се појавуваат и најголемите бисери. Затоа што немам нерви и време на секој од нив да му одговорам, решив да почнам еден серијал на кратки текстови кои ќе се бават со разбивање на најшироко распространетите бисери по социјалните мрежи кои неретко и самите политичари ги пласираат и шират во јавноста.

За почеток, еден од бисерите кои се омилени на просечниот македонски фејсбук коментатор е аргументот дека Гоце е Македонец затоа што нема Бугари кои се викаат Гоце. Прилично храбра изјава,а чисто се сомневам дека некој освен бугарските матичари може да ни ја потврдат нејзината вистинитост дека помеѓу 3-4 милиони мажи во Бугарија и нејзината дијаспора нема ниту еден што се вика Гоце. Можеби е вистина, не велам не.
Дали авторите пробуваат да покажат колку Гоце е Македонец и колку името му е чисто македонско или пак да имплицираат дека за Бугарите Гоце е толку неважен што не сакаат ни едно дете да крстат по него не би знаел, но сепак морам да им признаам дека до некаде и имаат право.
Гоце, како „надимак“ е чисто македонски. Во зависност од областа на Бугарија, Гоце би бил Жоро, Гошо, Ѓоре, Гого итн.  и oд тој аспект имаат право што би го објаснило и отсуството на Гоце таму. Во право се и дека Гоце за Бугарите не е така значаен лик. Бугарите го сметаат за значаен и голем Бугарин, за разлика од македонската историја каде што Гоце е број 1 и се се врти околу него, за Бугарите тоа е локален херој. Регионален херој во Македонија и во помала мера Одринска Тракија, две области кои во најголем дел не се дел од Бугарија. Бугарската историја сепак има неколку Гоцевци.

Сепак авторите заборават или не се запознаени со фактот дека целото име на Гоце е Георги Николов Делчев што доведува до два многу интересни заклучока.
Првиот доаѓа од презимето на Гоце. За разлика од Делчев кој имал две презимиња, едно изведено од татковото име и фамилијарното, речиси никој во Македонија не ја следи таа традиција на именување. Гледај чуда, истата традиција и до денес е застапена во Бугарија.

Вториот е од неговото име кое што е всушност Георги, а не Гоце. Затоа, ако сакаме да дознаеме колку вистински имењаци на Гоце има во Македонија доволно е да го отвориме регистарот за имиња на државниот завод за статистика. Пребарувајќи доаѓаме до бројката од 753 луѓе кои го носат името Георги. За разлика од Македонија, во Бугарија едно од најчестите машки имиња е токму Георги и Гоце таму има повеќе од 171.000 имењаци.



Кој тука повеќе го уважува Гоце и кој е поблизок до него ако го гледаме неговото име и презиме? Што би бил заклучокот на фејзбук коментаторите? На крајот ќе испадне дека всушност ние сме тие што не именуваат деца по Георги Делчев и што ја отфрлија традицијата на две презимиња.

П.с Што ќе кажат истите коментатори за македонците кои го носат името Аспарух, Крум/Круме или Асен/Асенчо ? Едно е јасно можеби нема Бугарин кој се вика Гоце, но има Македонци кои се викаат Аспарух.

Автор: Маузер