| |

На Илинден Здружението на потомците на бежанците од Македонија во Бугарија му испрати писмо на Сарацин за да го потсети дека во РС Македонија нема „бугарско малцинство“

Здружението на потомците на бежанците и доселениците од територијата на РС Македонија и пријатели во Бугарија изпрати официјално писмо до Мануел Сарацин, специјален пратеник на германската влада за земјите од Западен Балкан.

Во своето писмо здружението реагира и испраќа апел до Сарацин во врска со негово интервју објавено на 19 јуни во бугарскиот весник „Капитал“, во кое тој зборува за „бугарско малцинство“ во РС Македонија. Тие исто така наведуваат дека намерно го избрале датумот 2 август Илинден, за да го испратат своето писмо, бидејќи на овој датум е кренато најголемото востание на територијата на Македонија и Одринско. Од здружението подвлекуваат дека востанието е кренато од македонски и тракијски Бугари, а кон него се приклучиле и делови од влашкото и албанското население во тие области.

Од здружението му укажуваат на Сарацин дека министерот за надворешни работи на РС Македонија Бујар Османи го критикувал фактот што се поголем државјани на РСМ се изјаснуваат како Бугари и го определил аплицирањето за бугарски документи, како вистинската „бугаризација“, што ѝ се случува на земјата заради нејзиното доцнење на европскиот пат.

Во писмото до Сарацин, претставниците на Здружението на потомците на бежанците и доселениците од територијата на РС Македонија и пријатели го изразуваат својот револт поради фактот што изјавата на Османи е нов напад на власта врз Бугарите, додека за добивањето на пасоши на Република Албанија, Косово или Србија нема такви реакции.

Во продолжение Ви го пренесуваме целосниот текст на писмото на Здружението на потомците на бежанците и доселениците од територијата на РС Македонија и пријатели во Бугарија до пратеникот на германската влада за земјите од Западен Балкан Мануел Сарацин.

Почитуван г-не Сарацин,

Поводот за нашиот апел е вашето интервју, направено од Александар Андреев, објавено на 19 јуни 2023 година во бугарскиот весник „Капитал“. Вие наведувате дека „со оглед на бројните, вклучително и емотивните, тензии меѓу Бугарија и Северна Македонија, нашата цел (на Германија, б.н.) беше да создадеме доверба во македонската земја дека тие можат да го направат овој чекор во однос на бугарското малцинство“. На друго место во истото интервју, пак велите дека „што се однесува на резолуцијата (на Бундестагот за признавање на „македонскиот јазик“, н.д.), таа има низа различни аспекти. Сепак, најважно е следново: Германија сака да направи се што е потребно за успешно усвојување на измените во Уставот на Северна Македонија, кои го вклучуваат бугарското малцинство во овој устав“.

Нашето здружение е создадено од лица кои потекнуваат од групата од над 400 илјади бугарски државјани, потомци на бегалци или доселеници од територијата на денешна Република Северна Македонија, кои пак се дел од околу 1,3 милиони бугарски граѓани кои се самоизјавуваат за своето потекло од географската област на Македонија. Решивме да ви се обратиме на 2 август – датумот на кој избувна Илинденско-Преображенското востание во 1903 година. Ова е најмасовното востание за слобода на Македонија и Одринска (Јужна) Тракија. Востанието го кренале главно Бугарите, а ним им се придружил и одреден дел од влашкото (аруманското) и албанското население. Сите документи на востаниците биле напишани на литературен бугарски јазик.

Како заинтересирана организација која директно ги изразува интересите на дел од населението на денешна Северна Македонија, длабоко сме загрижени што зборувате за бугарското малцинство во Северна Македонија. Како што е познато, во нејзиниот устав отсуствува категоријата „малцинство“. Во однос на идните промени, се чека влез на делот од бугарскиот народ, кој заедно со делови од другите народи живее на територијата на Северна Македонија.

Чекавме да видиме каков ќе биде развојот на овој случај, но со жалење забележуваме дека вашите пораки тенденцијално се перципираат од активните политичари во Северна Македонија и стануваат елемент на јазикот на омразата против се што е поврзано со Бугарија. На пример, на 25 јули, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, го критикуваше фактот дека сè поголем број граѓани на Северна Македонија се изјаснуваат како Бугари и аплицираат за бугарско државјанство, што е државјанство на држава членка на ЕУ. Господинот Османи наведува: „Нема поголема бугаризација од вадење на (бугарски, б.н.) пасош, бројката достигнува 100.000, како резултат на доцнењето на интеграциите. Вклучувањето на Бугарите во Уставот е официјализирање на фактот дека станува збор за два различни народи. За прв пат во Уставот ќе го имаме македонскиот народ како мнозинство и дел од бугарскиот народ како малцинство“.

Револтирани сме што во оваа изјава Бугарите повторно се предмет на напад на властите, додека нема забелешки за северномакедонските Албанци кои добиваат државјанство на Албанија и Косово или северномакедонските Срби кои добиваат државјанство на Србија.

Иако бугарскиот и германскиот народ имаат сосема различни историски судбини и акумулирано искуство, може да се најдат некои аналогии меѓу двата народа. Во една статија во Die Presse од 10 ноември 2018 година се вели дека „Австрија е основана во 1918 година како германска национална држава“. Овде би сакале да истакнеме дека во исто време, според податоците од последниот попис во Отоманската империја во 1906 година, кои се официјални, бидејќи оваа земја владеела со географската област Македонија повеќе од 500 години, вкупниот број на Бугари беше 762.754 луѓе. Во исто време, Бугарите го претставуваа мнозинството од населението на поголемиот дел од територијата што денес е дел од Северна Македонија. Прикачуваме податоци за некои градови и региони како прилози.

Кога во 1913 година Србија ја освои денешната територија на Северна Македонија и го започна протерувањето на нашите предци, таму беа затворени 761 бугарски цркви со 833 свештеници, како и 641 бугарски училишта со 1013 учители. Севкупно, во географската област на Македонија, по 1913 година, биле затворени повеќе од 1.300 бугарски цркви со 73 бугарски манастири, 7 бугарски епископи и 1.310 бугарски свештеници, како и 1.370 бугарски училишта со 2.266 учители. Бугарските учители и свештеници, огромното мнозинство од нив локални, беа истерани или убиени.

Врз основа на овие податоци, можеме да претпоставиме дека на почетокот на 20 век, Австрија социокултурно била германска, а географската област Македонија, а особено тој дел од неа, кој станал дел од денешна Северна Македонија, бил во социо-културен однос бугарски.

Иако бројот на австриски граѓани кои се чувствуваат Германци во моментов е помал од бројот на тие што се чувствуваат Австријци, никој не ги нарекува австриските Германци „германско малцинство“ во Австрија. Во Австрија, бургенландско-хрватската етничка група, словенечката етничка група, унгарската етничка група, чешката етничка група, словачката етничка група или Ромите се претставени како малцинства, но не е прифатено да се зборува за локално „германско малцинство“. Денешното самоопределување на австриските граѓани не влијае на толкувањето на минатото, во Австрија никој не ги прогонува австриските Германци, а самите Австријци не ја негираат нивната припадност на општиот германски социо-културен простор. Не постојат етно-културни разлики меѓу лицата кои се чувствуваат Австријци и оние кои се чувствуваат австриски Германци.

Со оглед на објективните факти од минатото, во Северна Македонија може да има исто толку „бугарско малцинство“ колку што има „германско малцинство“ во Австрија. Сакаме да нагласиме дека денес не постојат етно-културни разлики меѓу граѓаните на Северна Македонија кои се сметаат себеси за Македонци и оние кои се сметаат себеси за Бугари. Тие имаат иста култура, зборуваат ист јазик, но го нарекуваат со различни имиња. За Македонците тој е Македонски и ние не се противиме на тоа. Но оние кои си ја зачувале бугарската самосвест, продолжуваат да го нарекуваат Бугарски, како што го нарекувале сите преродбеници родени во Македонија. Бидејќи локалните бугарски дијалекти имаат некои минимални разлики со литературниот бугарски јазик во Бугарија, исто како што германските дијалекти во делови од соседните држави имаат уште поголеми разлики со литературниот германски во Германија, би било поправилно официјалниот јазик кодифициран во Северна Македонија да се нарекува Македонски Бугарски јазик од локалните Бугари. Овој јазик, со исклучок на 6-8% србизми вештачки вметнати во него, е разбирлив и за Бугарите во Бугарија.

Меѓутоа, за разлика од Австрија, властите во Северна Македонија ја продолжуваат старата југословенска политика на негирање на каква било бугарска припадност дури и во минатото, поради што тие продолжуваат да водат тотална репресивна политика во сегашноста. Поради оваа причина, ние денес ги сакаме истите човекови права за Бугарите во Северна Македонија како што ги имаат Германците во Австрија! Затоа, си дозволуваме да ја парафразираме паролата формулирана од Иван Михаилов, легендарниот последен поглавар на ВМРО формирана во 1893 година, од „Македонија – Швајцарија на Балканот“ на „Северна Македонија – Австрија на Балканот“!

Иако пописот на населението во Северна Македонија во 2021 година беше изманипулиран и бугарската етничка припадност на 20 илјади луѓе беше трансформирана во „бугарско државјанство“, а други 120 илјади не беа посетени од попишувачите и нивните податоци беа внесени на службен начин, од теоретски и практични гледна точка, не е толку важно колку точно е бројот на граѓаните на Северна Македонија со различни степени на зачувување на нивната бугарска самосвест. Важно е дека ги има, а не може да се сметаат за „малцинство“ со оглед на нивната вековна општествено-културна улога што ја одредува структурата, која продолжи и по почетокот на нивното принудно протерување или асимилација.

Бидејќи сметаме дека треба да има несебична солидарност во ЕУ во однос на примената на универзалните критериуми на хуманоста, апелираме и до Здружението на протерани во Германија, бидејќи веруваме дека тие најлесно ќе не разберат. Масовниот прогон на Бугарите во Македонија датира од 1913 година. Германците во Источна Европа беа масовно протерани по 1945 година, при што југословенските власти ги протераа Германците од Банат и во исто време започнаа новата форма на дебугаризација во југословенска Македонија, политика која продолжува и денес во Северна Македонија. Поради оваа причина, ние инсистираме дека во Германија треба да има коректен однос кон Бугарите во Северна Македонија – не како „национално малцинство“, туку како дел од бугарскиот народ што живее таму. Исто така, инсистираме одговорните политички фактори во Германија да ги направат потребните напори за вистинска реформа на Северна Македонија и гарантирање на основните човекови права на Бугарите во неа како основен услов за нејзиното членство во ЕУ!

Здружение на потомците на бежанците и доселениците од територијата на РС Македонија и пријатели

КОПРЕТСЕДАТЕЛ: проф. Трендафил Митев

КОПРЕТСЕДАТЕЛ: проф. Спас Ташев

СЕКРЕТАР: Димитар М. Димитров

Софија,

Илинден, 02.08.2023 година



Слични Објави