НАГРАДЕНИ НАЈУСПЕШНИТЕ ВО УЧИЛИШНИОТ СПОРТ
Сојузот на училишен спорт, денес им ги додели наградите на најуспешните ученици и екипи од основните и средните училишта во општината, кои во текот на учебната година, спортуваа, се натпреваруваа и освојуваа значајни резултати. Со континуираната реализација на квалитетни дополнителни, спортски програми кои на нашите деца и младинци им даваат можност за правилен телесен развој, интелектуален, естетски и морален раст, се прави значајно доближување на децата и младите луѓе до спортските терени. Дел од тие програми се и: реализацијата на училишните општински првенства, активност во која беа вклучени 3000 до 4000 ученици од 20 училишта, во вкупно 28 првенства во машка и женска конкуренција во кошарка, ракомет, одбојка, футсал, фудбал, шах, пинг-понг, реализација на ноќната трка по повод 4 ноември, како и реализација на големиот број други активности. Сојузот на училишен спорт беше домаќин и на регионалните првенства во кошарка, футсал, голем фудбал и одбојка, а сите реализирани активности континуирано беа поддржувани од Општина Битола. За ваквата значајна поддршка, Сојузот на училишен спорт со посебна благодарница и се заблагодари на градоначалничката Петровска, која пак потенцираше, дека токму училишниот спорт е спортот во кој најмногу треба да се вложува.
„Денес ги имаме победниците на сите овие натпревари. Секогаш велам: училишниот спорт е токму расадникот на спортот и токму тој треба да биде поддржуван од Општина Битола. Моите заложби и во иднина ќе бидат токму во таа насока – овој спорт да биде максимално поддржан, а средствата за училишен спорт да се зголемат, наспроти средствата за професионален спорт, затоа што професионалниот спорт, согласно законот треба да биде финансиран и од други извори. Само на тој начин, би имале добар расадник и би имале добра завршница во делот на професионализмот”, изјави гардоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска