НАЈДОБРОТО ОД КИНЕНОВА 2019 ПОВТОРНО ВО КИНОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА

Меѓународниот филмски фестивал Киненова Скопје ги повикува љубителите на филмската уметност кои ќе имаат уште една и единствена можност да ги погледнат филмовите кои ги понесоа наградите на овогодинешното издание на фестивалот, но и филмови кои предизвикаа силен интерес кај публиката и филмофилите.

Репризната програма, се отвора во сабота во 20 часот со апсолутниот победник на годинашното издание на „КинеНова”, филмот кој ги освои срцата на жирито, контроверзниот „Блискост” на рускиот режисер Кантемир Балагов, кој ги доби трите главни награди во Скопје: најдобар филм, најдобро сценарио и најдобра режија.

Филмот за кој во Русија се вели дека „не е баш добро да се прикажува, но кога веќе мора, тоа нека биде без голема помпа”. Но, како да се спречат реакциите на публиката, која секаде каде е прикажуван жестоко реагирала, а дел од нив и не можеле да го догледаат поради жестокоста со која и’ пристапува на темата!? Со своето дебитантско остварување, режисерот Балагов, кој излезе од филмската академија на светски почитуваниот Александар Сокуров, си отвори добар пат за успешна филмска кариера, чиј почеток ќе биде обележен со нашата награда, како добар потсетник дека „КинеНова” открива и сесрдно поддржува филмски таленти со бескомпромисен став.

Во недела, двојно кино-задоволство: од 18 часот ретка можност да погледнете одличен филм од перуанската кинематографија, наградуваниот „Ретабло” на авторот Алваро Делгадо Апарисио, приказна која не’ носи на прекрасните Анди и низ визуелно супериорен пејсаж ни раскажува за малите луѓе, кои секогаш со себе носат неоткриени тајни.

Во 20 часот, како фино надоврзување, уште еден визуелен спектакл, големото пријатно изненадување од соседната, бугарска кинематографија, филмот „Ага” на Милко Лазаров, кој пред само два месеци го освои „Срцето на Сараево” на Сараевскиот филмски фестивал

Слични Објави