НЕМА ВЕЌЕ ЛАВОВИ ВОЈВОДО, ОСТАНАВМЕ САМО МАЧИЊА

Апостолот го мудруваат војводо, следен си ти на ред…

Во истото време во „верниот Исток“, каде што ти си ги описменувал децата пред повеќе од 100-на години, веќе не се раѓаат многу деца. Младите го фатија белиот свет за корка леб, а замисли војводо султанот не ги избрка. „Нашите“ султани војводо испаднаа полоши управувачи од сите турски, грчки и српски владетели од твоето време.

Најмалиот проблем во случајот, верувам дека ќе се согласиш е фактот, што до пред 20-тина години ти беше табу тема и во тебе се колнеа само „најбудалите“ и „отпадниците“. Од тоа што го имам прочитано и слушнато за тебе, сум разбрал дека никогаш не си бил жеден за слава и малку ти значи дали денеска,  Петко, Станко и Драганче ќе си речат дека си бил голем војвода, кога случајно на facebook ќе им се појави некаква патриотска фотографија со тебе, гарнирана со некаква твоја мисла (најчесто преработена да изгледа појуначки или директно измислена за да биде во склоп со пропагандата) .

Денес твојата Македонија, се соочува со организиран грабеж, од духовните наследници на Алеко Пашата. Заради тој грабеж во нашата Македонија не можеш да функционираш нормално, ако не си уценет со работно место од владејчката гарнитура и баш поради тоа, луѓето го бараат спасот надвор. Огништава веќе не горат војводо, се загадувал воздухот од нив…

Така изладени нѐ бомбардираат со измислени проблеми. Со тебе се китат едни, а другите пак ти лепат етикети, а и едните и другите исти. Си се крмат со пари на граѓаните и наместо да ги стигне правдата ги стигнува амнестијата и судска и секаква. За еден месец има избори војводо, почнаа пак да го лажат народот. И не, не се султански ибрикчии ниту странски платеници, наши гомна си се и си ги трпиме, оти сме навикнати на нивната смрдеа.

Проблем сега кај нас не се правдата, што реално е кривда или пак ужасните услови во болниците и мизерните плати на лекарите, туку каков бил Гоце и до каде сме со идентитетот, оти ќе дојдат татарите и ќе ни го земат. И ти беше татар војводо, треба да се почувствуваш навреден заради тоа. После решија алеко-пашевци да те рехабилитираат… тоа веќе е вистинска навреда за твојот лик и дело.

Им пишав пред малку на новопечените комити, да се научат да колат кокошки, за да не им се слоши од преголемите дози јуначење по социјалните мрежи. Нема да ме послушаат. Нема веќе лавови војводо, сето е мачиња. Мачиња што седат мирно додека нивните најмили умираат во ужасните болници, не од умрешка, туку од сепса. Мачиња сме војводо, лавовите одамна ги нема, ние само се мислиме за такви. Прости ни.

Автор: Атанас Величков