|

Невремињата стануваат безбедносна закана

Итно е потребна заедничка акција во Скопје за спречување на ефектите од климатските промени, бидејќи невремињата, топлотните бранови и загадениот воздух во градот стануваат сѐ посериозна закана врз безбедноста и здравјето на граѓаните

Невремето кое го зафати Скопје е екстремен настан и такви често ќе се случуваат во иднина поради климатските промени, алармираат граѓански еко-здруженија.

Невремињата и поплавите ќе бидат се поголема закана врз безбедноста на граѓаните, во услови кога официјални документи покажуваат дека половина Скопје не е покриено со атмосферска канализација. Граѓаните ќе страдаат и здравствено поради загадениот воздух, екстремните топлотни бранови во лето и екстремните ниски температури на зима.

Затоа од Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ повикуваат на итна заедничка и координирана акција меѓу државата, локалните власти, бизнис секторот и граѓанските здруженија за Скопје да стане по-отпорно на климатските промени.

Тие укажуваат дека градот се соочува со неправилен развој поради преголемата урбанизација и непланското градење, а континуираното намалување на зелените површини значи и намалено апсорбирање на големите количини вода по силните дождови.

„Скопје има план за адаптација и тоа е Стратегијата за климатски промени „Отпорно Скопје“ од 2017 година. Таа содржи многу убави мерки, кои сѐ уште не гледаме дека се имплементирани во пракса, а за тоа е потребна поддршка од централната власт. Потребно е взаемно информирање и координирање, а тука можат многу да помогнат и бизнисите“, вели Елена Никловска од „Еко-свест.“

Како опасности поврзани со климатските и метеоролошките влијанија во стратегијата „Отпорно Скопје“ е наведено дека се високо загадениот воздух, екстремните временски појави како топлотните бранови во лето и студените бранови во зима, свлекување на земјиштето, поројни врнежи проследени со луњи и грмотевици, силни ветрови и долготрајна магла која се задржува во скопската котлина.

Од „Еко-свест“ велат дека негативните ефекти од климатската криза во земјава, а особено во главниот град, допрва сите ќе ги чувствуваме.

„За жал, ние како општество само покажавме дека воопшто не сме подготвени за справување со последиците од климатските промени“, велат од „Еко-свест.“

Стратегијата „Отпорно Скопје“ покажува колкава е опасноста од поплавите, бидејќи скоро половина од главниот град не е покриен со атмосферска канализација.

„Атмосферската канализација покрива само 25 отсто од градот или повеќе од 50 проценти од станбената површина“, се вели во документот.

Токму поради тоа се случува поплавувањето на подвозниците на критичните точки во центарот на градот, целиот напис можете да го видите овде.

Извор: www.slobodnaevropa.mk



Слични Објави