НОЌТА СПРОТИ СВ.ВАСИЛИЈ- СЕ ИЗВЕДУВААТ ОБРЕДИ СО МАСКИ И СЕ МЕСИ ЗЕЛНИК/МАЗНИК СО ПАРИЧКА, И ДОЧЕК НА СТАРА НОВА ГОДИНА

Во некои делови од Западна Македонија, на овој ден се изведува обредот “лепче со паричка” и се палат огнови, се меси сукана пита или зелник со тиква во кои се замесува паричка и оној кој ќе ја најде, му следува среќа цела година. Во поново време, овој празник го слават и сите оние кои го носат името на овој светец.

Ноќта спроти Василица, се прославува и дочекот на Стара нова година по стариот календар, кој го прославуваат многу христијански верници и за нив новата година започнува токму на 14 јануари.

За време на Василица, празник кој непосредно се наоѓа во периодот на  некрстените денови, обичај е да се зборуваат безобразни работи. Како што мојата покојна баба, милуваше да кажува безброј пцовки и притоа да не чувствува ни грам срам за тоа што го кажала. Се верува дека во овие денови, “ѓаолштината” е извадена надвор и ние “не сме свои” и затоа само на овој ден можеме да збориме како ни душа сака. Тоа е така затоа што овој празник како и останатите Божиќни празници, симболично се поврзуваат со култот кон плодноста.

Се сеќавам, на телевизија, на прва програма на денешен ден го емитуваа македонскиот филм “Ноќ спроти св.Василиј” кој обработуваше етнолошка содржина поврзана со Василица. Ја емитуваа точно на полноќ, бидејќи содржеше еротски компоненти. Навистина добар филм, во кој може да се видат и обредите со маски (василичари, суровари), култот кон плодноста и злите духови – суштината на Василица сместена во некрстените денови.

Џоломарството, е обичај во с.Бегниште, кој се практикува за време на Василица односно ноќта спроти неа. Учесниците во овој обред, се нарекуваат Џоломари-маскирани мажи исцрнети во лицето со долги бради и  облечени во кожувки на кои се закачени клопотарци, звонци кои прават силен вресок и се верувало дека на тој начин се истеруваат лошите сили и духови. Во групата на маскирани мажи, се јавувале маски на невеста и баба, каде што нивната симболика се поврзува со плодноста и еротиката.

Овие обреди припаѓаат во групата на културно материјално богатство, вкоренети во нашиот идентитет и постанокот на човештвото во Космосот. Интересно зарем не? Истовремено претставуваат генијална но и застрашувачка идеја некогаш создадена од човекот низ времето и нешто по кое нашата земја се разликува од останатите во светот.

Карактеристично за овие настани е што тие  симболично го повторуваат примордијалниот хаос пред почетокот на светот и со периодичното повторување на тоа “прво” време се регенерира сегашниот свет.

Автор: Кристина Паско, етнолог