Нов пат и можност за еманципација на малите „проевропски“ политички партии на релацијата Скопје-Софија

///

Пишува: Атанас Величков

Бугарската Агенција за патна инфраструктура на својот официјален web сајт ја објави прекрасната вест дека издала јавен налог на идејно решение и детален план за изградба на автопат Дупница-Ѓуешево, т.е. автопат од автопатот „Струма“ во Бугарија до границата со РС Македонија. Според соопштението кандидатите за изведувачи на проектот имаат време до 15 септември да ги претстават своите предлози за изградбата на автопатот.

Со Господ напред, во блиска иднина од бугарска страна конечно ќе има убав и безбеден автопат до границата со РС Македонија. Буџетот за зафатот, ќе биде обезбеден од самата агенција, па ако некој во Бугарија реши да се богати на грбот на овој проект, што одамна требаше да биде реализиран, а се разбира и на грбот на бугарските даночни обврзници, тоа ќе треба да си го санкционираат компетентните органи таму. Наше е да го поздравиме чекорот.

Реално на полето на транспортот имавме потреба од една таква најава, по неуспешната авионска авантура меѓу Скопје и Софија.

Ако ја исклучиме онаа несреќна „илинденска“ изјава на претседателот Пендаровски дека историската вистина за бугарската фашистичка окупација нема да биде замолчена, ни со договор ни со протокол, се набљудува едно смирување на топката по оската Скопје-Софија. Најавениот документ од министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, исто така предизвика лесен потрес, заради несмасно пренесената вест од страна на македонските медиуми. Македонското МНР излезе со позиција во однос на интерниот документ, кој во суштина си е внатрешна бугарска работа. Но тоа се бели јадови.

Јадовите за македонските политички играчи и мали и големи, ќе настанат тогаш кога Бугарите, конечно ќе го заземат своето место во Уставот на РС Македонија и нивен претставник ќе мора да стане дел од некој иден парламентарен состав на Собранието на РС Македонија.

Условната поделба на „проевропски“ и „антиевропски“ партии во македонскиот парламент е очигледна. Во европскиот камп се СДСМ ДУИ и останатите албански партии, додека ВМРО-ДПМНЕ и Левица се од другиот табор. Моменталната власт има огромна желба сликата да изгледа токму така исчистено и без непотребни прашалници. Но, не треба да бидат заборавени „пајтон“ партиите, кои се наоѓаат во животоспасувачки, за самите нив, коитус со социјалдемократите. Таму проевропската агенда и не е така исчистена, ако се разбира ја исклучиме ВМРО-Народна и нејзиниот лидер „големиот пријател на Бугарија, на Красимир Каракачанов, Ангел Џамбаски, Коста Филипов и на кој ли уште не“, Љубчо Георгиевски. Само тие јасно и гласно ја дадоа својата поддршка за т.нар. Француски предлог, кој дефакто ја тргна блокадата на европскиот пат на РС Македонија.

Во коалиција со СДСМ се секако партијата на Павле Трајанов Демократски сојуз, Демократската обнова на Македонија на Маја Морачанин и Либерално-демократската партија на Горан Милевски, кои јасно го искажаа своето неодобрување на веќе прифатениот Собранието на РС Македонија француски предлог.

Колку „европска“ е коалицијата предводена од СДСМ покажува и оваа еманципација на нејзините приврзоци. Но, до каде може да оди таа еманципација? Дали истата не била „контролирана“, колку да се покаже различен став и шареноликост во мислењата во коалицијата? Никој не може да даде конечен одговор на овие навидум неважни прашања.

Како ли ќе се однесуваат истите тие партии и нивните политички лидери, кога на пратеничка фотелја до нив ќе седне и претставник на Бугарите во земјата? Малку е веројатно пратеникот со бугарска самосвест да дојде во парламент како дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ќе биде дегутантно Антонијо Милошоски повторно да станува Бугарин. Многу поголема ќе биде веројатноста Бугаринот-пратеник да влезе во парламент како дел од коалицијата, која се кити со предзнакот „европска“.

Ќе имаат ли сили Трајанов, Морачанин и Милевски да ја голтнат таа бугарска кнедла? Какви ќе бидат нивните побарувања? Пратеникот нивен колега ќе треба да биде мирен и молчалив исто како пратеникот од „пробугарската“ ВМРО-Народна партија, Љупчо Балкоски. Ќе треба да има јасно изразена еколошка свест, ќе треба да биде и проверен човек, за да биде сигурен Павле Трајанов, дека во парламентот не влегол некаков лик, кој службите нема да можат да го контролират.

Трајанов, Морачанин и Милевски нема да имаат никакви дилеми, ако нивниот колега со бугарска самосвест е фикус, сличен на поранешниот претседател Иванов. Но, тоа е многу вулгаризирана проекција. Можеби духот на европеизацијата ќе ги зафати и овие политички играчи и тие ќе покажат доволно изразена политичка созреаност и ќе го прифатат Бугаринот во сопствените редови.

Можеби ќе го видиме и тоа чудо во македонскиот парламент. Македонци кои се крстат во АСНОМ, наместо во икони, да го забораваат Законот за македонска национална чест и да му ја бранат честа на Бугаринот, чиј дедо не е задолжително да бил колјач и силувач на мртви партизанки (сетете се на лагата на еден од плакатите на русофилскиот циркус наречен Левица, на кој пишуваше дека Вера Циривири Трена била силувана после смртта од страна на бугарскиот окупатор). Тогаш навистина ќе можеме да зборуваме за еманципација и европеизација на поголемиот дел од македонскиот политички блок.

За таквиот чекор нема да биде потребен ниту договор, ниту протокол, ниту дури коалиционна одлука, што го забранува „пријателскиот оган“ внатре во проевропскиот камп. Ќе биде потребна само храброст и политичка вештина за решавање на вистинските проблеми што стојат пред „едното општество за сите“, за кое трубеше на лево и на десно поранешниот премиер Заев. Тоа е реалноста, која, ако продолжи да биде замаглувана од одредени политички играчи, преносители на вишок антибугарски вирус, со страшна сила ќе се удри врз главите на оние, кои најмалку го заслужуваат тоа, нормалните граѓани на РС Македонија. Тие во блиска иднина ќе можат да патуваат побрзо и побезбедно до Софија, откако автопатот од Ѓуешево до Дупница биде готов.

Нов пат за нови можности и реално зближување на луѓето, кои беа разделени не по нивна вина доволно долго време.

Претходна статија

Досијеата и патот кон Европа (1)

Следна статија

Митови за иднината на пристапните преговори на РС Македонија Кон ЕУ: Кој се плаши од пристапниот процес?

Најново од Истакнато