Новиот бугарски парламент ја одржа својата конститутивна седница
Новоизбраните пратеници во 49. Народно собрание на Бугарија дадоа заклетва на свечена седница со која ќе се отвори новиот парламентарен состав.
Бугарскиот претседател Румен Радев во своето обраќање до новите бугарски парламентарци истакна дека е крајно време Бугарија да работи за остварувањето на амбициозни национални цели. Радев ги потсети пратениците дека нивната задача е многу одговорна и им посака на добар час.
Најстариот пратеник во собранието Вежди Рашидов (ГЕРБ-СДС), раководеше со конститутивната седница, како што одредува бугарскиот Устав.
На првата седница на 49. Народно собрание покрај претседателот Румен Радев, присуствуваа потпретседателката Илијана Јотова, како и вршителот на должноста премиер Галаб Донев и членови на владата.
Присутни беа претставници на Уставниот суд, на судската власт, различни државни институции, на дипломатскиот кор, верските заедници, а исто така и претходните претседатели на државата и претседателите на Националното собрание.

