| |

ζῷον πoλιτικόν (Zoon politikon) – за заедницата, а не за себе

Facebook статус на Никица Корубин

Повикувањето и самоидентификувањето со индивидуалните човекови права, се наметнаа во јавноста, како ad hoc решение, на упорното и нејасно (од позиција на интересите на државата и нејзините граѓани) одбивање да се изговори уставното име – Северна Македонија. Иако, “решението”, дојде брзоплето и во блиц криг манир, на (не)очекуваната брза и јасна реакција на меѓународната заедница; ширењето на наративот за компромитација и игнорирање на сопствениот устав, за воља на вистината трае неколку години.

А, пак темелот за најголемиот “инжињеринг” во нашата понова историја поставен од стартот на независноста и спакуван во “идентитетски пакет”; каде што и после цели три децении анестезирани и дезинформирани граѓани, координирано и наменски, се уште не разбираат дека основата за Преспанскиот договор е поставен уште во 1995 година. Од страна на светот – Обединетите нации.

Тоа што “животот во лага” и неговото монструозно одржување било комотно за многумина (партии, интелектуалци, јавност, медиуми), всушност е пеколно за секој индивидуалец – граѓанин денес, кој така лажен и манипулиран, затворен во нашиот “медиумски балон” верува во свет кој не само што не постои во моментов, туку и никогаш не постоел во формата и структурата која му се претставува(л) (лажна историја, лажна реалност, лажна загрозеност, наменски идентитет).

Оставен без елементарни индивидуални човекови права на пристоен живот и предвидлива иднина. Зошто никој не се грижи и повикува на овие, домашно загрозени, човекови права? Кои знаеме дека се еднакви за сите, тука нема и не смее да има привилегија или самоволие .

Кога некој вели “мое човеково право” се подразбира дека се однесува на неговиот личен и приватен живот. Секој има разни човекови права (дефинирани и сублимирани во Универзалната декларација за човекови права), кои загарантирано може и мора да ги практикува во својот живот, за себе и приватно, во секоја демократска држава под закрила на меѓународниот правен поредок на Обединетите нации.

Истите оние Обединети нации каде што се донесени и Резолуциите 817 и 845, Времената спогодба и на крајот Преспанскиот договор, во однос на името, немешањето во внатрешните работи на соседите и демонополизирање на историскиот и регионален термин “Македонија”. Затоа што, освен во нашиот “пропаганден меур” со популарен назив “јавност” никаде и никогаш немало држава со име Македонија, пред нашата држава која дефинитивно го регулира својот статус во 2019 година како Северна Македонија.

И тоа е истата БЈРМ, бидејќи никогаш во меѓународниот правен поредок не сме биле Република Македонија, токму поради нашиот нерешен статус во Обединетите нации. И никогаш не сме имале сопствена независна држава пред 1991 година, затоа што “федералниот” идентитет од 1945 е југословенски, а “српскиот” територијален идентитет до 1945 година е србизирана варијанта на освоена територија. На дел од историскиот регион Македонија, кој денес се наоѓа во рамките на соседни држави, стратешки партнери за нашата иднина и нашиот опстанок.

Која Македонија тогаш е “човеково право” и чие? Што е толку “малку и недоволно македонско” во нашата Северна Македонија, па се посега, иредентистички и опасно (по нас самите), по територии на туѓи држави, и спротивно на сопствениот устав? А, го знае ли некој од “противниците на Северна” потеклото, употребата и реминисценцијата на терминот Северна Македонија?

Да го знаеше се ќе беше поинаку во наметнатата перцепција. Затоа што нели (не)знаењето е сила, (не)знаењето е моќ. А, јавното добро е над приватното. И нема “индивидуални човекови права” кои се косат со правото на заедницата (државата), особено од позиција на политичка функција, која не само што не се претставува себе си лично, туку сите нас како граѓани; на ист начин на кој со својата функција и позиција, ги штити не своите лични права, тука нашите лични права, како дел од целото општество.

Па, ако веќе се посветени на Универзалната декларација за човековите права, таа вели дека “сите се еднакви пред законот …” (уставот вели Северна Македонија); “секој има право на општествен и меѓународен поредок во кој правата и слободите можат да бидат остварени во целост” (демократско општество и ЕУ членство); “секој има обврски кон заедницата” (а, не само права) и “овие права и слободи не можат да се остваруваат спротивно на целите на Обединетите нации” (чиј член е и Северна Македонија).

Но, во психлошката игра на емоции и перцепции, всушност сето ова се чини како опасен параван, за клучниот збор: анимозитет. Анимозитет кон “Северна” всушност е анимозитет кон независна македонска држава, со вечна носталгија кон “нашата југословенска Македонија”. Кон “југословенското” чувство на супериорност кон другите, од инфериорната позиција на Македонците vis a vis другите внатре во СФРЈ. Таа наметната шизофрена ситуација на “жртва” која посегнува преку конструираните митови кон другите, е најголемото човеково право кое ни се суспендира 30-тина години.

Право на знаење и самопочит. Право на (пристоен) живот. И за никогаш да не бидеме успешни, мораме да бидеме гневни. Кон себе, кон соседите. Потонати во фобии, стравови и неправди. А, има ли поголема неправда да ја презираш сопствената држава, единствената за која имаш право да ја наречеш своја? Нема поголемо право од правото на вистина. Вистината за Северна Македонија.

Слични Објави