ОД ГДУ-ШТИП СЕ НАДЕВААТ БРАНАТА НА РЕКАТА ОТИЊА ДА БИДЕ ИЗГРАДЕНА ВО ОВОЈ ВЕК

Ние од ГДУ би сакале да го поздравиме проектот брана на река Отиња! Искрено се надеваме дека истиот ќе се реализира во овој век. Проектот е прекрасен, исто како и сите други проекти кои досега се спомнати и од страна на СДСМ и ДПМНЕ, поготово во предизборието. Програмите и проектите и на двете партии се едни од подобрите што може да се слушнат, но за жал многу тешко можат да се видат. Штип а и целиот исток, нема проблем со проекти, туку има проблем со реализација на истите.

Ние ја поздравуваме идејата за изградба на брана, но искрено се сомневаме во реализација на истата.
Ве молиме да не ни се лутите за нашите СОМНЕЖИ. После 28 години на проекти, граѓаните влегуваат во фаза каде што и да ја видат браната изградена, нема да поверуваат веднаш. После аква парковите, жичарите и уште какви не големи големи проекти, имаме право да се посомневаме. Доколку грешиме со нашите сомнежи , подготвени сме да се извиниме со цело срце.

Како што забележувате темата за средствата од доприносот собирани од штипјани кои беа наменети за изградба на браната не ја поставуваме, бидејќи сме сигурни дека во духот на транспаретноста локалните власти ќе ја соопштат вистината пред штипјани.

Во контекст на изборните ветувања, дека потребно е градоначалникот да биде од иста партија како партијата на власт на државно ниво, со цел полесно да поминуваат проектите и за доброто на граѓаните, би сакале да знаеме и за Штип но и за истокот, кои проекти се поддржани од страна на Владата во изминатиот период?

Со исклучок на проектите кои се започнати од претходната политичка гарнитура, освен проектот за патот Штип-Почивало, финиширањето на детската градинка во Сењак, замената на столаријата на ОУ „Тошо Арсов“, дали има други проекти на кои има помогнато Владата и колку средства има пуштено во Штип?

Последното прашање е дали општина Штип е помалку или повеќе задолжена со доаѓањето на оваа локална власт?

И благодариме на локалната власт што е отворена за идеи, па затоа ќе ја искористиме оваа прилика да дадеме скромен допринос со генијална идеја за прскање против комарци. Ако не успеете во овој период верувајте нема потреба во декември. 
А доколку веќе имате прскано против комарци, длабоко се извинуваме, до небо се извинуваме, вели претседателот на локалниот клуб на Граѓанско Демократска Унија во Штип, Борче Пачемски.