Од март минималецот ќе изнесува 18.000 денари, пратениците ги усвоија законските измени

/

Собранието денеска во второ читање ги усвои измените на Законот за минимална плата со кои се дефинираат условите за минималната плата од 18.000 денари. Тие треба да почнат да се применуваат со мартовската плата што ќе се исплати во месец април.

Законот за минимална плата беше изгласан со 90 гласа „за“, без против и воздржани.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, има двојно зголемување од 2016 година, со што станавме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата.

Со новото законско решение старите критериуми се заменети со два нови поповолни критериуми со кои усогласувањето на минималнaта плата ќе биде: 50% од порастот на просечно исплатената нето плата во Република Северна Македонија во петходната година и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Третиот критериум е новина, со која висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.

Според министерката Тренчевска, вака дефинираната нова методологија покрај зголемувањето на минималната плата гарантира одржливост и континуиран раст на минималната плата, сразмерно со покачувањето на продуктивноста на трудот, што значи дека износот од 57% нема да зависи од волјата на политичките субјекти кои се на власт.

За спроведување на Законот за минимална плата до крајот на годината ќе бидат потребни 939.645.000 денари од буџетот на Република Северна Македонија. Државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од минималната плата од 15.200 денари која се исплаќа сега, до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари.



Предвидената финансиска помош од буџетот на Република Северна Македонија се однесува за периодот март-декември 2022 година истата ќе биде во износ од 1.197,00 денари. Притоа, се дефинира дека оваа финансиска помош им се обезбедува на работодавачите за работници на кои основната плата ќе се исплаќа до нивото на бруто-плата во износ од 26.422,00 ден.



Претходна статија

СДСМ: Арсовска измислува лажни афери и ги објавува на веб-страницата за која вели дека не работи

Следна статија

Нинова до Бугарите од С. Македонија: Ќе се бориме заедно за вашите права

Најново од Вести