| |

Одбележуваме 124 години од смртта на Иван Лимончев, егзархиски учител и припадник на ВМОРО

На 4 април 1899 г. во Костур умира ИВАН ХРИСТОВ ЛИМОНЧЕВ, голем револуционер и егзархиски учител, роден во Охрид 1864 г. Завршува Бугарска гимназија во Солун, а потоа учителствувал во Охрид. Во 1894 г. дава заклетва пред Даме Груев и е избран за член на околискиот комитет на ВМОРО во Охрид. Во 1886 г. на Илиден во куќата на Климент Заров во Горна Порта, во Охрид дел од членовите на просветното друштво „Св. Климент“ учествуваат во создавањето на револуционерен кружок. Тие ги обиколуваат селата во Охридската кааза и агитираат населението да отвара училишта, да го искористат поактивно временото одобрение на османските власти да се вооружува против албанските разбојници кои беснеат во тоа време, како и да ги избегнуваат османските судови. Во 1895 г. е назначен за главен учител во Бугарското училиште во Костур, каде по 4 години починал и е погребан во с. Апоскеп.

“Во текот на февруари и март 1878 г. се забележуваше едно тајно приготвување за пречекот на руските ослободителни војски во Охрид. Во митрополијата старешините, училишните и црковните настојници се собраа и се советуваа за тој пречек. Сите, дури и децата знаеја, дека во Сан Стефано е склучен мир меѓу Русија и Турција. Според оцртаните граници на Сан-Стефанска Бугарија Охрид беше ослободен.

Градот ечеше од песни од предстојното посретнување на руските војски и ослободувањето на Охрид. Песната „1878-ма год. се ослободи од Турција Бугарскиот народ беден“ се пееше во секоја куќа… По интуиција секој знаеше, дека пречекот треба да биде многу поблескав од пречекот на Бугарскиот митрополит Натанаил во 1874 г. Мали деца еден на друг си ја искажвавме наивно нашата радост. Едно момче кажваше: „И вујко ми Иван ќе си дојде со руските војски, тој е со сабја на крстот и се бореше на Шипка.“ Друго кажваше: „Ами и татко ми“, трето – „Ами и стрико ми“; четврто кажва: „Абе и татко ми го чекам, но… мама носи бел тулбен (знак за жалост на главата). И’ кажаа дека тате бил убиен во една страшна битка при Шипка. Јас… јас во тоа не вервам; тате ќе си дојде со руските војски.“

Не после многу месеци во Охрид започна де се пее песната: „Проклета и триклета да бидеш ти Европо, блуднице вавилонска!“ Берлинскиот договор го определи Охрид и цела Македонија да биде под ропство, под Турција.

Во текот на 1879, 1880 и 1881 г. Охрид бил во револуционерно настроение. Поттик на тоа било и Кресненското востание, во кое дедо Натанаил, Охридскиот владика играл важна ролја. Тоа револуционерно подготвување беше откриено во 1881 г. и задушено со апсење на мнозина граѓани. Зачестија убиства, грабежи, биење на Бугарското население од страна на Турците, охрабрувани од турската власт. Започна емигрирање на многу охриѓани во Бугарија, главно во Софија.

До 1885 г., до Србско-бугарската војна охриѓаните беа со полна надеж, дека скоро ќе се спроведе Сан-Стефанска Бугарија, или најмалку Македонија ќе се присоедини со Источна Румелија. За време на распустот 1885 г. по иницијатива на учители и возрасните ученици од Солунската гимназија Антон Кецкаров и Иван Лимончев и други граѓани го образувавме ученичкото друштво „Св. Климент“. Неколку членови од тоа друштво, меѓу кои И. Лимончев образуваа таен револуционерен кружок во куќата на Климент Заров, по повод законот на Фариите. К. Заров заедно со други охриѓани го подигна прашањето да се помога и на Охрид во учебното дело… Друштвото помагаше со книги и учебни помагала, учебници за сите охридски Бугарски училишта.

Од 1885 г. до 1893/1894 г., откако се изгуби надежта за Сан-Стефанска Бугарија кај интелигенцијата, во учителството во Охрид, како и во другите градови зрееше една идеја за едно сериозно организирање… Да се простиме со Сан-Стефанска Бугарија, – тоа ни го параше срцето. До вчера, до 1878 г. од Тулча до Охрид, од Ниш до Цариградските зидини, од Дунав до Белото море и од Црното море до Дрим, Бугарскиот народ, макар под робство, составуваше една единица со свој културен и црковен центар Цариград.“

ПРЕДВЕСНИЦИ НА РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО ОХРИДСКО, Антон Кецкаров



Слични Објави