Одбележуваме 149 години од раѓањето на видниот револуционер од редовите на ВМОРО Тодор Станков
На 28-ми јануари 1875 г. во Прилеп е роден ТОДОР СТАНКОВ, виден револуционер на ВМОРО и национален херој. Ја завршува Бугарската гимназија во Солун, учителствува во Прилеп, каде влегува во Организацијата и станува член на местниот околиски револуционерен комитет. Покасно е учител во Штип, препорачан од Даме Груев да го заземе неговото место во комитетот, учителствува и во Радовиш, каде го предводи околискиот револуционерен комитет. Во август 1897 г. учествува во Дединската афера. Учителствува и во Крушево, а од април 1898 г. е нелегален војвода на чета во Радовишко. На 12 јуни завршува со поставените задачи, но потоа е предаден на турските власти. Макар, што е подложен на тешки измачувања не прави никакви признанија. Затворен е од властите и осуден на 6 години затвор, но е ослободен по грешка и бега во Бугарија. Тој е пунктов началник на ВМОРО во Ќустендил и администратор е на в-к „Вечерна пошта“. Еден е од легендарните ликови за време на славното Илинденско-Преображенско востание во бунтовната 1903 г. со четата на Лазар Маџаров, која дејствува во Лозенградско. При избувнувањето на Балканската војна, 1912. се запишува доброволец во Бугарската армија, во четата на Деветта велешка дружина на Македоно-одринското ополчение. Награден е со народен орден со круна VI степен. За време на Првата светска војна е кмет на Штип. Умира на 22 септември 1938 г. во Софија.
“Во првите денови на мај 1885 г. од амвонот на црквата Св. Благовештение во Прилеп се прочита посланието на Св. Егзархија до православните и подредените обштини, со кое се известуваше дека 11. мај ќе биде светителски празник и на тој ден ќе се чествува паметта на Св. Равноапостоли, двајцата браќа Св. Кирил и Методи, словенски првоучители, кои ја дале словенската азбука и го превеле евангелието и црковните книги, по кои се служи и чита црковната служба во православните цркви. Поради тоа на 11. мај 1885 г. по повод илјадагодишнината од смртта на постариот од браќата, Св. Методи (Св. Кирил умре порано) ќе се отпразнува за прв пат тој празник, најсвечено, како празник на првите просветители и првоучители во сите Бугарски цркви со учество на целиот Бугарски народ и младината… Се објави на народот кој чекаше дека празнувањето ќе се уреди по програма, составена од комисија, која се состоеше од членови на обштината, учителите и представниците на младите од сите еснафи. Решението на таа комисија ќе биде сообштено преку учениците на нивните родители и целиот народ – сите да се готват за тој ден, кој ќе биде втор Великден за Бугарскиот народ.“
ПРАЗНУВАЊЕТО НА ДЕНОТ НА СВ. КИРИЛ И МЕТОДИ ВО ТУРСКО ВРЕМЕ ВО МАКЕДОНИЈА, 1932 г.

