Одбележуваме 159 години од раѓањето на легендарниот револуционер и припадник на ВМОРО Андон Тошев-Дончо Штипјанчето
На 20-ти јуни 1865 г. во овчеполското село Ерџелија е роден легендарниот револуционер АНДОН СТОЈАНОВ ТОШЕВ – ДОНЧО ШТИПЈАНЧЕТО. Учи шест години во Бугарското егзархиско училиште во Штип, а потоа занает. Околу 1888 г. бил убиен неговиот татко и Дончо почнал да се занимава со кожуварство. Бил активист на бугарското читалиште „Дејателност“ во градот. Се жени за Катерина, ќерка на поп Апостол Поликарев, кој бил делегат на Првиот црковен народен собор при основањето на Бугарската екзархија. Покасно продолжил со подоходовниот занает на кираџија. Се вклучува меѓу првите во дејноста на штипскиот комитет на ВМОРО, врбуван од Даме Груев. По доаѓањето на Гоце Делчев во Штип тој станува негов прв курир. Негова задача била да пренесува оружје и бомби за комитетите. На 3-ти април 1896 г. требало да пренесе бомби, сокриени во вреќите со ориз и некои писма за Прилеп и едно до Аврам Мојсов во Битола. Пред самиот влез во Битола, стражарите го откриваат и затвораат. Бил подложен на жестоки измачувања, но тој не издал никого. Осуден е на тешка робија, но покасно е амнестиран. По смртта на Даме Груев се приклучува кон Христо Матов и Тодор Александров. Околу 1913 г. со своето семејство се преселува во Бугарија. Умира на 15-ти април 1931 г. во Ќустендил.
“Во неделата на 6-ти април пристигнав во Битола. Кај црквата Св. Недела ме сопреа колџиите. Првиот коњ врвеше напред на сто метра од другите два коња, до кој бев јас. Кога ме сопреа и ме запрашаа, јас им одговорив на турски јазик. Не можеа да ме познат дека сум Бугарин и ме уапсија. Ме водеа цели два часа низ градот. Не знаеја каде да ги растоварат коњите. Колџиите беа 5 души. Најсетне запреа во Беледието (општината). Во два часот по турско време дојдоа тројца полицајци и ме запрашаа од каде сум роден, каков милет сум и сл. Им кажав дека сум од Штип и дека сум Бугарин. Кога разбраа дека сум Бугарин, рипнаа и штом кажаа „ѓаур!“ почнаа да ме тепаат. Не знам колку ме тепаа, паднав во несвест и сум лежел 4 часа. Со вода ме освестија – целиот бев измокрен. Уште колџиите го најдоа писмото. Јас успеав да го искинам и да го голтнам половината.
Го скроив следниот план: оризот е купен во Виница, трговецот е Скопјанец, а каква вера – не знам. Јас не знаев што има во товарот затоа што сум кираџија.
На другиот ден пред ручек ме извадија пред валијата на горниот кат. Полицаецот кажа, дека сношти еден кираџија донесол стока, но тоа е нешто лошо- еден товар турбии. Една да се запали, цела Битола ќе изгори. Валијата ме праша: “Каков милет си?“ Му одговорив: Бугарин.
-А, Бугарин, ѓаурдур!
Тогаш валијата ме фати и се обиде да ме фрли надолу, но полицаецот ме прифати. Ме слегоа долу. Цели три месеци ме испитуваа, повеќето ноќно време.
Ме молеа со пари – ми даваа двеста лири, ми предлагаа да сум комесар и други служби, за да бидам кај нив на работа и уште што не. И јас како што знаев така говорев. Многу ме тепаа. Шест месеци ме држеа под долапот, како зимски прозорец, во кал и вода до колена, широк еден метар, висок 1,50. Лежев една година до делото и уште шест месеци по делото.
Трите коња ми ги зедоа уште во Беледието. Ми зедоа 25 лири од оризот, кој го продадов во Прилеп. 20 лири од восокот, 12 лири чинеа бадемите. Два товари ориз и осум лири пари, сите пари 65 лири.
Ме осудија 101 година затвор во пранги. Во затворот се запознав со Ј. Гавазов, С. Лазов и седум негови другари. Таму се биевме против Мицко – србоманскиот војвода. При борбата му забивме четири ножа. Поради тоа наново ме ставија уште три месеци во долап.
Во 1897 г. амнестираа десет души од Битола, поради Грчко-турската војна. Ако не беше војната ќе ме пратеа во Дијар-бекир. Најмногу настојуваа за мене Д. Лимончев и Бугарскиот конзул во Битола, кој секој месец ми праќаше по 3-4 лири.“