| | |

Одбележуваме 81 години од убиството на големиот бугарски карикатурист и публицист со потекло од Македонија Рајко Алексиев

На 18 ноември 1944 година e претепан до смрт бугарскиот уметник, карикатурист, фељтонист, кинематографер, издавач и општественик Рајко Алексиев. Тој станува жртва на т.нар. „народна власт“ во Бугарија, што е воспоставена по комунистичкиот државен удар на 9 септември истата година.

Само четири месеци подоцна, Шестиот совет на Народниот суд во случајот број 6, познат како Случај на интелектуалците, ја објавува формалната причина за пресудата. Се работи за карикатура на лидерот на СССР Јосиф Висарионович Сталин со секира во раката од која капе крв, пишува Фактор.

Обвинение против Алексиев има и поради неговата шега дека англиската гума е еластична, холандската е уште поеластична, но најеластичен е рускиот галош во кој биле сместени 150 милиони луѓе.

Рајко Алексиев е роден во Пазарџик и е потомок на стара бугарска фамилија со корени од Солун. Сестрано талентираниот млад човек дипломирал на Академијата за ликовна уметност и литература на Универзитетот во Софија. На почетокот на својата професионална кариера работел во весниците „Македонија“, „Зора“, „Б’лгаран“, „Смеа“, каде што стекнал големо искуство. Ја уредувал сатиричната страница „Смеа и шеги“ во „Зора“, каде што во 1931 година почнал да ја објавува својата „Хумористична историја на Бугарите“ Во 1932 година Раjко Алексиев земал заеми од неколку банки и сам го финансирал создавањето на неговиот хумористичен весник „Штурец“.

Во првите години по појавувањето на весникот, Алексиев сам ги цртал карикатурите, ги пишувал статиите, фељтоните и смешните минијатури. „Штурец“ е уредуван во домот на Алексиев и се печател повеќе од една деценија од 30-тите до раните 40-ти години на минатиот век.

„Пишуваше како фурија. Како да беше некаков предавател за се што „фотографираше“ во градот – во кафеана, во продавница или каде што се видел со луѓе“, вели во своите сеќавања неговата сопруга – актерката Весела Грнчарова, цитирана од истражувачката на архивата за животот на бугарската интелигенција Ивајла Александрова.

Во весникот работеле или соработувале познатите бугарски уметници и интелектуалци Илија Бешков, Стојан Венев, Ангел Каралијчев, Тома Измирлиев, Елин Пелин, Николај Ракитин, Никола Подврзачов и други истакнати карикатуристи и писатели.

Алексиев меѓу своите современици станал национално познат под псевдонимите Гратис, Гуњо Г’сков, Јарец, Скитник Перо, Тома Черни, Спартакус, Мртва стража и Фра Дjаволо, со кои ги потпишувал своите публикации. Во 1930-тите, „Штурец“ бил во првите редови на печатените изданија во Бугарија, неговиот тираж достигнал 50.000 примероци, забележува Марија Захариева во публикацијата за животот и делото на Рајко Алексиев во Blgari.eu.

Слични Објави