Одложената средба меѓу Рубио и Лавров го доведува во прашање планираниот состанок Трамп–Путин во Будимпешта
Надежите на американскиот претседател Доналд Трамп за брз состанок со рускиот лидер Владимир Путин можe да не се остварат, откако извори блиски до ситуацијата изјавија за Си-Ен-Ен дека планираната претходна средба меѓу клучните советници за надворешни работи на двете земји оваа недела е одложена – барем засега, јавува БГНЕС.
Трамп на 16 октомври, по разговор со Путин, изјави дека двајцата „се договориле следната недела да се одржи состанок на нашите советници на високо ниво“.
„Првите состаноци од американска страна ќе ги предводи државниот секретар Марко Рубио, заедно со други лица кои ќе бидат дополнително определени“, напиша тој на платформата Truth Social.
Сепак, очекуваната средба меѓу Рубио и неговиот руски колега Сергеј Лавров е одложена. Претставник на Белата куќа потврди дека засега не е познато зошто состанокот нема да се одржи оваа недела, но еден извор наведе дека Рубио и Лавров имаат различни очекувања околу можниот крај на руската инвазија врз Украина.
Не е јасно какво влијание ќе има ова одложување врз потенцијалниот самит меѓу Трамп и Путин, кој беше планиран да се одржи во Будимпешта, Унгарија.
„Претседателот Трамп доследно работи на наоѓање мирно и дипломатско решение за да стави крај на оваа бесмислена војна и да се прекинат убивањата. Тој храбро ги ангажира сите страни и ќе направи сè што е во негова моќ за да постигне мир,“ изјави заменик-прес секретарката на Белата куќа, Ана Кели.
На 20 октомври Рубио и Лавров имале телефонски разговор, во кој, според кратко соопштение на Стејт департментот, разговарале за „следните чекори“ во продолжение на разговорот меѓу двајцата претседатели за можноста за прекин на конфликтот во Украина.
Во соопштението се наведува дека Рубио „ја нагласил важноста на претстојните ангажмани како можност Москва и Вашингтон да соработуваат за трајно решение на војната, во согласност со визијата на претседателот Трамп“.
Кремљ, пак, го опиша разговорот како „конструктивна дискусија“ која се однесувала на „можни конкретни чекори за спроведување на договорите“ постигнати меѓу Трамп и Путин.
Сепак, извор запознаен со ситуацијата рече дека американските претставници по разговорот дошле до заклучок дека руската позиција не се променила доволно од својата максималистичка рамка. Според истиот извор, Рубио засега веројатно нема да препорача одржување на средбата меѓу Путин и Трамп следната недела, иако е можно тој и Лавров повторно да разговараат во наредните денови.
Последната лична средба меѓу Трамп и Путин се одржа пред повеќе од два месеца во Анкориџ, Алјаска. Средбата, која траеше речиси три часа, заврши без конкретен договор, но двата лидери ја оценија како напредок. Од тогаш, Трамп јавно ги повикува Киев и Москва да „ја запрат војната веднаш“.
„Го следиш фронтот, каде и да е. Во спротивно е премногу комплицирано. Никогаш нема да успееш да разбереш. Запираш на линијата на фронтот,“ изјави Трамп на 18 октомври.
