| |

Пендаровски-политикантство, незнаење или преднамерена деменција

Пишува: Владимир Перев

Македонската јавност деновиве со големо задоволство ја ислуша изјавата на претседателот на РСМ Стево Пендаровски, бугарскиот министер за надворешни работи Милков, да ја посети Ваташа и да се потсети за периодот на насилие спроведуван во Македонија од страна на бугарските “окупациони“ власти во периодот 1941-44 година кога, по Пендаровски, овде имало насилие и терор врз македонците.

Трагедијата на 12-те младинци (не биле баш сите младинци, ама нека му е!) од национален настан, се претвори во мит, за потоа сето тоа да се бламира како некаква ударна тупаница на македонскиот/југословенскиот патриотизам, против бугарската “фашистичка окупација“, зачинето со изјави за невини жртви и слични нешта, сето тоа од неизцрпниот болшевичкиот пропаганден арсенал.

Реалноста е чиста и јасна. За време на Втората светска војна, бугарска интервентна единица, предводена од подполковник Апостолов, по потекло од Крива Паланка, влегува во Ваташа и стрела 12 млади луѓе кои биле обвинети во прокомунистичка субверзивна дејност. Тоа е чисто воено злосторство. Војната завршува, Апостолов е суден и стрелан, а новата власт, на невините жртви во Ваташа им се оддолжува со величествен спомен парк во Кавадарци, со други споменици во Тиквешијата и со една преубава тажна новокомпонирана песна.

До тука сѐ е јасно. Оттука натаму остануваат неразјаснети прашањата, како тоа Апостолов стигнал до Ваташа, како баш ги нашол тие невини и веројатно неупатени деца, кој ги поткажал – модерно речено – кој му бил логистика на Апостолов и што е преземено потоа за де се расчисти случајот во новата комунистичка власт…судења, казни за поткажувачите и слично. Веројатно имало такво нешто, но тоа е недостапно за нас, обичните граѓани. Зошто?
Пендаровски не знае или не сака да знае дека тоа не единствената трагедија на Ваташа. За време на српската власт/српската окупација на Македонија, во периодот 1912-1915 година извршени се бројни ѕверства на територијата на Македонија под српска и грчка власт. Да се потсетиме на Ваташа и српската власт во овој период.

За тоа време во Ваташа, од српската окупаторска власт се убиени слениве лица:

1. Пано Мелачов, 2. свештеникот Георги Хаџи Јорданов, 3. Лазар Христов Илиев, 4. Пано п. Димов, 5. Мишо Д. Иванчев, 6. Диме Андов Прцев, 7. Христо Пантев, 8. Камче Чонгаров, 9. Христо Параксов, 10. Димо Параксов, 11. Илија п. Ангелов, 12. Георге п. Ангелов, 13. Спиро Колов, 14. Наки Шарлиов, 15. Јосиф Сечков, 16. Петре Сејменов, 17. Лазо Мрмов, 18. Глигор Дујков, 19. Коцо Јарев, 20. Христо Шајкаров, 21. Коло Врахов, 22. Мишо Гурев, 23. Трајчо Петрунов, 24. Ташо п. Коцов, 25. Григор Т. Костов, 26. Цандо Мишев, 27. Диме Сланцев, 28. Димо Браснарков, 29. Фидо Велков, 30. Петре Еленов, 31. Диме Еленов, 32. Ефрем Крагуев, 33. Григор Плачков, 34. Славко п. Василев, 35. Селман Јусуф, 36. Бахри Неџеб, 37. Али Неџеб.

Тоа се вкупно 37 души од кои има неколкумина кои се блиски роднини, веројатно браќа или братучеди, убиени без суд и пресуда.

Не е само тоа. Има и обемен список на незаконски апсени, малтретирани, тероризирани и измачувани:

1.Христо Пенџуров, 2. Диме Ставров, 3. Пано В’чков, 4. Георги В’лков, 5. Мело Јанев, 6. Ефтим Панов, 7. Митре Клинчаров, 8. Глигор Каракошев, 9. Григор Мешков, 10. Цано Цонгаров, 11. Крум х. Јорданов, 12. Ифијадо Мицов, и 13. Алија Шарко.

Тоа би била кратката историја на уште една од трагедиите кои ја задесиле Ваташа. Ова било многу по рано, а виновници се претставниците на српската окупаторска власт. Причината е јасна. Убиени и измачувани се само затоа што не сакале да бидат срби по националност, не сакале да се откажат од својата национална припадност и христијанската верност кон Бугарската Екзархија каде што духовно припаѓале. Некои од потомците на жртвите сеуште живеат во Ваташа. Треба само некој да се потруди и да ја разбере вистината.

Ако, нека дојде Милков и нека го потсетат за Ваташа. Нека каже збор-два за видувањата на современа Бугарија кон настаните во тоа време. Си имаат и бугарите свои, тамошни трагедии, во селото Јастребино, но и на други места…таму барем работите се расчистени.

Милков со себе да донесе и план за споменик на убиените македонци кои не сакале да се откажат од својата Екзархија и од бугарската национална самосвест, па нека и нив им се изгради еден скромен споменик, како бугарско признавање на нивното достоинствено држање. Такви места име уште многу во Македонија. Албанците им оддадоа почит на борците и паднатите во Дебарско-Охридското востание, градејќи им соодветни обележја, а бугарската држава сеуште молчи за признанијата на овој план. Тука се и жртвите на Тиквешкото востание за кои сѐуште се молчи од официјалната македонска власт. Ова трае премногу долго. Списоците на жртвите од секое место и село се тука, ги има и во бугарскиот Државен Архив и во документите на Бугарската православна црква. Треба само да се потрудат да ги побараат!

За почеток, претседателот Пендаровски да ги спомене и овие жртви. Тоа ќе биде гест на признание, реално признание кон сите македонци без разлика на вера и нација. Само така Милков ќе биде замолчен, а Бугарија натерана на соодветна, реципрочна акција. Сѐ друго е гола вода, продавање магла и одново воспоставување национален раскол, сега промовиран од највисоката македонска институција.

Председателе, да се спомене Ваташа, така е, ама и тука треба демократија и рамноправност…мислев, дека барем тоа го знаете!

Слични Објави