Пендаровски: Рамковниот договор е предност, а не пречка за нашиот развој и просперитет
Три документи се издвојуваат по своето значење за стабилноста и иднината на земјата: првиот устав од 17 ноември 1991-та кој комисијата на Бадинтер го дефинира како точка на наша формална дисолуција од поранешна Југославија, потоа, Охридскиот договор од 2001-та и Преспанскиот договор од 2018-та, кој ни овозможува влез во меѓународните организации со дефинирани идентитетски маркери и за државата и за македонскиот народ, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Конференција “После Охрид” по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор.
-За Охридскиот договор коментарите надвор од земјата беа позитивни, речиси, без исклучок, меѓутоа, внатре во земјата, тие не можат да бидат поразлични, не само меѓу политичките субјекти. За жал, ставовите за договорот, и по 20 години, најчесто се поврзани со етничката припадност на граѓаните или политичарите. Сепак, и во тие рамки, постои и една позитивна тенденција, имено, во првите неколку години по потпишувањето, мнозинство етнички Македонци го ставаа договорот во групата на најголемите безбедносни закани за државата. Нивниот став произлегуваше од стравот дека имплементацијата на Рамковниот договор ќе го трасира патот за брза дезинтеграција на земјата затоа што Македонија за Албанците, наводно, е само транзиторен ентитет. Меѓутоа, она што се случуваше во годините потоа, покажа дека иако потенцијалот на договорот за засилување на кохезијата на општеството во целина, не е голем, факт е дека со секоја фаза од неговата имплементација не се зголемуваа, туку, напротив, се намалуваа внатрешните конфронтации по етнички линии, рече Пендаровски кој беше близок соработник на двајца од потписниците на договорот.
Тој додаде дека дури и повеќе, политички и безбедносни тензии, од време на време се јавуваа поради контрадикторните интерпретации на неговите клучни одредби, а, не заради имплементацијата на договорот. Денес, вели тој, во сите анкети, Рамковниот договор или не фигурира како безбедносна закана или се наоѓа сосема долу на листата на негативни безбедносни индикатори.
-Во изминативе 20 години во мојот став за договорот немаше промени: имено, и тогаш и денес сметам дека тоа беше најдобриот можен одговор на политичкото раководство на тогашниот внатрешен безбедносен, политички и историски контекст. Солиден аргумент во прилог на оваа теза е дека и тогаш и денес, дури и неговите најжестоки критичари не се во состојба да понудат оддржлива алтернатива на неговата базична логика. При тоа, успехот во имплементацијата на договорот, кој е неспорен, не се должи на неговата беспрекорна нормативна структура или на уникатните политички решенија, затоа што неговите клучни одредници, со мали модификации, ги има во сите такви, слични документи со кои завршуваа конфликтите, не само во нашиот регион, на пример, во Договорот за мир во Северна Ирска од 1998-та. Решавачко беше тоа што оние кои го потпишаа немаа намера да ја фингираат неговата реализација и едно да зборуваат пред странците, а друго да прават пред својот домашен електорат. Се разбира, критичен предуслов беше синхронизацијата на европскиот и атлантскиот дел на западната алијанса што се случи навреме за разлика од балканските конфликти во 1990-тите, подвлече шефот на државата.
За улогата на САД и Европската Унија во 2001-та во нашата јавност, посочува тој, имаше бројни шпекулации лиферувани, пред се, од дел домашни актери кои со префрлање на одговорноста ја покриваа својата некомпетентност или пак не ја разбираа стратегијата на клучните западни актери по распадот на Југославија.
-Меѓутоа, за улогата на потписниците на Рамковниот договор, САД и Европската Унија постојат доволно докази кои потврдуваат дека тие од 1991-та до денес, во континуитет ја поддржуваат нашата независност. А, на критичните крстосници од поновата македонска историја беа незаобиколен фактор на сцената: од влезот во Обединетите Нации, преку потпишување на Рамковниот договор, се до смената на автократскиот режим пред четири години, чии вредности беа некомпатибилни со западните демократии, вели Пендаровски.
За столбовите на договорот – соодветната и правична застапеност и децентрализацијата, во Охрид, според него,меѓу учесниците во преговорите имаше најмногу несогласувања, на моменти, целосна недоверба кон барањата на другиот, а, на крајот и најтешки компромиси под притисок на медијаторите. Маргиналната застапеност на Албанците во институциите пред 2001-та, вели тој, кај нив беше извор на постојани фрустрации и тензии, а, во ситуација кога една четвртина од населението не учествува во креирање на политиките, јасно е дека нивната лојалност кон државата ќе биде на минимално ниво. За децентрализацијата, додава претседателот Пендаровски, е важно дека, наспроти перцепциите во некои кругови, таа не значеше територијализација на етничките права.
-На сите ни е познато дека уживањето на етничките права без демаркација на територијата ја прави работата на политичарите посложена, заради нужноста од постигнување на меѓуетнички компромиси, но, нетериторијалните етнички права се единствениот оддржлив модел на Балканот, затоа што федерализацијата или кантонизацијата се сигурен пат во уште подлабоки поделби, дури и во етнички чистења. Сепак, една димензија на документот, според мене – есенцијална, не е експлицитно наведена во него. Имено, дека двете најбројни заедници за битните, за стратешките прашања не треба да си работат зад грб, туку заедно. Целиот напис прочитајте го овде.
Извор: ТВ 21
