ПЕТТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ НА ЕВРОПСКАТА ЛИТЕРАТУРА „BOOKSTAR“ / „КНИЖЕВНИ ЅВЕЗДИ“ ОД 7 ДО 10 ОКТОМВРИ

КНИГИ

Петто издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“ од 7 до 10 октомври

Објавено пред 40 минути – 3 октомври, 2019

ОдМакфакс

Петтото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, ќе се одржи од 7 до 10 октомври, под слоганот „Отаде“ во МКЦ и во Кино Фросина.

Од Издавачката куќа „Антолог“ велат дека фестивалот оваа година го поставува прашањето: Што се наоѓа отаде сивата магливост по слушнатите приказни на црната и белата страна? Како секоја така и оваа година, организаторите ќе се обидат преку книжевноста да ги објаснат културолошките промени.

Фестивалот „BookStar“ е од социјално ангажиран карактер и негова цел е да разбранува интерес кај пошироката јавност, нудејќи содржина што помага полесно да се разберат проблемите со кои се соочува општеството денес.

Оваа година пред македонската публика ќе бидат претставени шест автори со спротивни заднини, тематики и интереси: Халдора Тородсен (Исланд), Михал Вивег (Чешка), Кадер Абдолах (Холандија), Евгениј Водолазкин (Русија), Слободан Шанјдер (Хрватска) и Марко Шелиќ Марчело (Србија) – кои ќе се обединат и заедно ќе дискутираат на темите опфатени во нивните романи: религија, националност, традиција, политика, сексуалност и вечно присутната желба за моќ. Отаде шизоидните наративи во секојдневјето, постојат личните приказни, кои најдобро сведочат за хаосот на идеологиите.

Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен и вратите се отворени за сите љубители на квалитетната европска литература. Сите фестивалски активности и целосната програма се достапни на официјалниот настан на „Фејсбук“.