(Видео) Плевнелиев: Бугарија мора да биде бескомпромисна кон „српскиот свет“ и прекршувањето на договорите
„Српскиот свет“ нема место во Европската унија. Унијата имаше романтичен поглед во однос на Србија, но се разбуди. Таа држава не е искрена во желбата да стане дел од ЕУ.
Бугарија мора да води бескомпромисна борба со вредности против идеологиите кои го скршија Балканот. Не треба да замижуваме пред агресивното кршење на меѓународното право од страна на Северна Македонија. Ова во интервју за БГНЕС го изјави претседателот на Бугарија во периодот 2012-2017 г. Росен Плевнелиев.
„Идеологиите кои се граничат со фашистички и сакаат доминација на една нација над друга немаат место во Европската унија. Фала му на Бога, светската демократска елита се разбуди во однос на тоа што се случува во Србија. Бугарија е должна да укаже на овој развој – Србија не е искрена во своите постапки. Тоа значи дека сите во ЕУ мора да сфатат, и покрај романтичниот однос кон Србија до неодамна, некои многу важни факти. Прво, непоколебливото пријателство меѓу Србија и Русија. Второ, посетата на кинескиот претседател Си Ѕинпин на Белград, во која беше објавена заедничка декларација за „заедничка иднина“. Што носи таа иднина останува да видиме. Имајќи ја предвид конфронтацијата на ЕУ и САД, како водечки двигатели на демократскиот свет, со Русија и Кина, тоа не навестува добро за Балканот“, категоричен е Плевнелиев.
Тој потсети дека Србија практично ги отворила апсолутно сите преговарачки поглавја и не затворила ниту едно.
„Тоа значи дека Србија не е искрена во својата желба да ги направи реформите што би ја придвижиле кон Европската унија. Мора да ги кажеме вистинските факти. За жал, со новата српска влада тоа ни е повеќе проблем отколку надеж и решение. Мора да се соочиме со овој проблем со трпение, вредности и надеж“, рече претседателот.
Росен Плевнелиев истакна дека во моментов, за жал, нема добри вести на Балканот. „Развојот на настаните во Србија, Северна Македонија и Црна Гора е од големо значење за сите нас, затоа мора да бидеме фокусирани и одговорни. Бугарија мора да биде силна на Балканот, фактор за европски развој и стабилност, но и да ја води вредносната битка против идеологиите од минатото, кои скршија се на Балканот, доведоа до етничко чистење и војни. Бугарија како фактор за мир и стабилност мора да се спротивстави на ваквите дејствија“, нагласи тој.
На прашањето на БГНЕС каква треба да биде бугарската политика кон Северна Македонија, по првите повици на новата влада за ревизија на договорите со Бугарија и Грција, Плевнелиев одговори:
„Бугарија, како демократска земја, не може да прифати каква било акција што ги нарушува правилата на меѓународниот поредок. Од оваа гледна точка, ние мора да бидеме бескомпромисни. Ниту една цел не може да се постигне ако се наруши владеењето на правото. За жал, гледаме барање од новиот државен врв во Северна Македонија за брутално и агресивно кршење на меѓународните норми и не можеме да замижиме. Ние мора да бидеме повозрасниот во просторијата, фактор на стабилност и развој во регионот. Бугарија мора да укаже на секое кршење на меѓународните правила, закони, договори од страна на РСМ, но секогаш да биде дел од решението“.
Претседателот истакна дека „народот на Северна Македонија не заслужува да има власт кои ја оддалечуваат земјата од европската интеграција.
„Треба да им помогнеме на луѓето од оваа братска, соседна земја да разберат кој е вистинскиот пристап – во никој случај тоа не е минирањето на владеењето на правото“, заклучи претседателот Росен Плевнелиев.
