ПО БРАТСКОТО ВЕТО ЗА ЗАДУШНИЦА

Да ги наведнеме главите пред оние кои го дадоа највредното нешто, што навистина го имаат, а имено животот за таа пуста незаздравена рана- Македонија.

loading...

Вчера Заев рече дека Бугарија го прекршила членот бр. 2 од  Договорот за добрососедство пријателство и соработка меѓу Софија и Скопје, со блокадата за Република Македонија за почеток на преговорите за влез во ЕУ.

Денеска фронтменот на бугарскиот „татаро-фашистички“ рок бенд Красимир Каракачанов му врати на нашиот премиер дека неговата земја нема никаков проблем и може со години да спори со Македонија за историјата, јазикот, идентитетот и сл.

Значи постои можност Македонија да влезе во нова пеколна трка на преговори со свој сосед заради проблем кој реално може да се реши со неколку состаноци на историската комисија, се разбира ако има волја за тоа од двете братски страни.

Во моментот историчарите во мешовитата комисија се како двајца браќа кои се фатиле за гуша за 2 квадрати земја, бидејќи оградата на едниот од браќата е поставена на спорно место според другиот брат. Типична балканска приказна, верувам ќе се согласите.

Во еден мој претходен текст напишав дека нашите историчари, со факти и документални докази треба да им ја срушат тезата на нивните бугарски колеги- дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени. Истото тоа „рушење“ да се пренесува во живо за да нема шпекулации, од типот дека некој ќе биде обесен или пак некој друг стрелан. Јасно и гласно: Дечки ние поради тоа, тоа, тоа и тоа, немаме никакви бугарски корени. Баталете ги приказните за правата од типот како сакам ќе си го викам јазикот или пак дека било небулозно во 21 век некој да ти бара да признаеш туѓи корени за сопствената нација.

Таа пасивност од наша страна ме плаши! Бугарската политичка елита е речиси обединета околу ветото, колку и истото да е спорно за одредени либерални кругови во ЕУ и во самата Бугарија. Бугарскиот национален интерес е во ЕУ да не влезе земја која својот идентитет го гради врз омраза и историски фалсификати насочени кон Бугарија и бугарската историја. Како мислите дека ќе ги убедите бугарските политичари, да ги прифатат нашите ставови, ако истите не се покажат и докажат јавно? Германија ќе ги истегне Бугарите за уши? Можно е да се случи, ама, ако доказот за нашата исправност зависи од едно тегнење на уши, ебате исправноста.


loading...

Затоа гордо и достоинствено. Немаме бугарски корени и точка, ама со докази, кога веќе сте се нафатиле да преговарате. Ете академик Ќулавкова меѓу редови ги нарече Бугарите дошљаци на Балканот, со кои ние немаме ништо заедничко, бидејќи нели ние сме автохтони. Ќулавкова изгледа заборавила дека истите тие дошљаци, за разлика од нас имале свест да се изборат за своја црква и што е најстрашно, баш ние автохтоните преку наши автохтони епски мангупи сме им помагале да го направат тоа. Истите тие мангупи, можеле да се борат за македонска, а не за бугарска Егзархија, ама не го направиле. Зошто? Предавници ли биле на својот род и јазик? Прости ли биле? Заведени ли биле? Некој со сила ли ги терал да се тепаат со грчиштава за да ги избркаат од своите цркви? Ете на тие прашања гордо и достоинствено треба да одговорат нашите историчари, а не да се вадат со муабетот такво било времето. Времето било тешко за сите христијански народи на Балканот, како така Бугарите испаднаа покурнази од нас?

Ние треба да си одговориме на тоа прашање. Ние Македонците! Некое бате од Стара Загора што нема никаква врска со Македонија и не се борело за Македонија како например Пејо Јаворов (од Чирпан), нема што да ни попува на нас и да ни кажува кои сме и што сме! Ние треба да расчистиме прво со историските факти, а имено на чија страна се истите и после да им се извиниме, ама не на Бугарите, тие се исти „говеда“ како нас. Треба да им се извиниме на десетиците илјади луѓе кои умреа за Македонија без да прават разлика кој од каде е, во што верува и дали наместо мляко вика млеко.

Вчера се навршија 105 години од загинувањето на војводата на ВМОРО и бугарски офицер Христо Чернопеев. Истиот никогаш не бил „врховист“ колку што ми е познато, но таман станал пратеник во бугарскиот парламент и ја напуштил функцијата за да отиде да се бори за Македонија! За годишнината од смртта на војводата мислам дека можеше да се прочита само овде. Затоа, без вишок курназење, демек многу пазиме нели на такви настани сакам да направам нешто.

Простете ми мене, јунаци! Простете ми мене што денеска коските ваши ко да гнијат заради наметнатата омраза. Простете ми мене за сите неправди кон вашиот подвиг. Јас сум крив, но вашата саможртва не е залудна. Вистината ќе излезе најаве,  и тогаш Македонија навистина ќе стане Независима.

Автор: Атанас Величков