БУГАРСКИОТ ПРАТЕНИК КОЈ СЕ ОТКАЖА ОД ФУНКЦИЈАТА И ЗАМИНА ВО ВОЈНА ЗА ДА УМРЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Черњо Пеев (попознат како Христо Чернопеев) е малку позната личност од нашата историја. Роден е на 16 јули 1868 г. во селото Дерманци, во близина на градот Ловеч. Служи како фелдфебел во бугарската армија, каде што се запознава со Борис Сарафов, кој го вклучува во македоно-одринското револуционерно движење.

loading...

По напуштањето на армијата, Чернопеев е воен инструктор на четите на Организацијата. Бил комита во четата на Михаил Апостолов-Попето. Токму Попето за прв пат го нарекува Черњо Пеев, Чернопеев.

Од 1900 г. е војвода на чета, а во истата е и еден од браќата на Гоце Делчев- Димитар Мицо Делчев, кој загинува во борба со турскиот аскер на 4 февруари 1901 г. кај селото Бајалци.

Чернопеев е учесник во грабнувањето на американската протестантска мисионерка Елена Стоун, останато во историјата како „Аферата Мис Стоун“. Учествува со чета од 250 луѓе во Илинденското востание.

По поразот на востанието се зближува со Јане Сандански и Димо Хаџи Димов. Од 1905 г. е раководител на Струмичкиот револуционерен округ. Уапсен е како осомничен за учество во убиствата на Борис Сарафов и Иван Гарванов во 1907 г. од страна на Тодор Паница, но обвинението не е докажано. Чернопеев се дистанцира од Сандански и неговата група, а по Младотурската револуција преку остро писмо упатено до самиот Сандански го обвинува во соработка со Турците.

За време на Првата балканска војна, е војвода на чета од составото на македоно-одринското ополчение. Учествува во освободувањето на Банско и Кавала, а во неговата чета се Јонко Вапцаров и Пејо Јаворов.

loading...


За време на Втората балканска војна е војвода на чета која оперира во реонот на Радовиш и околината. По крајот на двете балкански војни е награден за својата храброст покажана на македонскиот фронт и му е доделен офицерски чин поручник од Бугарската армија.

Избран е за пратеник во бугарскиот парламент од Струмица, но во 1915 г. го напушта парламентот и заминува за Македонија.

Христо Чернопеев го губи својот живот на денешен ден во 1915 г. како командир на чета на бугарската армија. Убиен е во борби со француските војски кај Криволак. Погребан е во црквата „Успение на Света Богородица“ во Ново село, штипско. По воспоставувањето на комунистичката диктатура на територијата на Македонија, неговиот гроб заличен.