| |

По пет векови угнетување, Априлското востание докажа дека Бугарите се созреани за слобода

Пишува: Велислав Илиев/БГНЕС

Датумот е 19 април (стар стил) и синот на големиот трговец од Копривштица Лулчо Каблешков – Тодор – лежи болен од треска во татковиот дом. Ненадејно, младиот Каблешков слушнал разговор од соседната соба, го прилепил увото до вратата и разбрал дека неговата мајка Ана разговара не со некој друг, туку со к’рсердаринот Неџиб-ага од Пловдив.

Како последица на предавство, османлиските власти дознале дека Бугарите се подготвуваат да востанат против петвековното ропство, а еден од бугарските апостоли во Западна Тракија е токму Тодор Каблешков. Неџиб-ага, на чело на група заптии, е испратен во Копривштица за да го уапси Каблешков и останатите членови на месниот комитет. Лукавиот Турчин ја измамил Ана, велејќи дека чорбаџи Лулчо го испратил во Копривштица за да му предаде писмо на синот Тодор. Но уште попаметна се покажала Ана Каблешкова. Сфаќајќи за што доаѓа агата, храбрата Бугарка со хладнокрвие го поканила на кафе и му објаснила дека Тодор моментално не е дома. Меѓутоа, револуционерот го слушнал разговорот, ја заборавил треската, го закачил револверот на појасот, излегол тајно низ комшилукот и ги собрал останатите заговорници. Уште истата вечер било донесено решение за кревање на востанието. Рубиконот е преминат!

Следниот ден е еден од најсудбоносните во повеќевековната бугарска историја. Востаниците од Копривштица се поделиле на два одреда. Водени од Георги Тиханек, јунаците тргнале кон градската чаршија и за таа цел поминале преку Кал’чевиот мост, каде наишле на заптието Кара Хусеин. Турчинот се подготвувал да пука, но мечкарскиот истрел на Тиханек го престигнал. Куршумот го погодил Кара Хусеин во срцето и така бил даден првиот истрел на Априлското востание. Востаниците го нападнале конакот и го убиле мјудуринот со уште неколку заптии. Камбаните биеле празнично, знамето се веело пред конакот, а раката на Каблешков го натопила гушиното перо во крвта на убиениот мјудурин и напишала писмо, повикувајќи ги апостолите Георги Бенковски и Панајот Волов да востанат. 19-годишниот јунак Георги Салчев го зел писмото и за само три часа стигнал во Панаѓуриште. Крвавото писмо било отворено од рацете на Бенковски, кој со треперлив глас го прочитал и го дал почетокот на бунтот во целиот Четврти револуционерен округ.

Останатото е историја… Хврковатата чета, црешовите топови, запаленото Панаѓуриште, ѕверствата на башибозукот во Перуштица и Батак и самопожртвувањето на Ботевата чета засекогаш ќе останат симболи на Априлското востание. Бунтот траел само околу 20 дена, но сам по себе претставувал цела епоха. Епоха обележана со ентузијазам и колективни напори на една млада нација, соочена со страшната алтернатива: Слобода или смрт! „Пијанството на еден народ“ – така Вазов ја нарекува главата во „Под игото“, посветена на подготовката на востанието. Ретко кои страници во бугарската литература може толку неповторливо да го пренесат читателот во таа магична пролет од 1876 година. Децата леат куршуми, девојките шијат знамиња и востанички униформи, чорбаџиите ги сечат своите цреши, а младите ги претвораат во артилериски топови. Црквата ги дала своите свештеници, училиштето – своите учители, а полето – своите орачи. Сите општествени слоеви биле толку вчудоневидени во подготовката што, како што пишува Вазов, дури и Турците да разбрале за бунтот – немале толку широка тамница за да ги сместат сите заговорници и толку долг синџир за да ги врзаат.

Вистина е дека бунтот завршил трагично, но да тврдиме дека неговите водачи се надевале на воен успех против една империја што се простирала на три континенти, значи да го потцениме нивниот интелект. Иако тракиските Бугари платиле ужасна цена, со ѕверствата на османлиските власти, Априлското востание ја исполнило на 100% својата политичка програма. Печатот во Западна Европа зборувал за случувањата во Батак и Перуштица, а востаниците ги освоиле симпатиите на некои од најсветлите умови во светската историја, како: Чарлс Дарвин, Дмитриј Менделеев, Лав Толстој и Виктор Иго.

Самиот Бенковски сфатил дека ја исполнил својата мисија, иако цената била смртта на многумина од оние што му поверувале и го следеле. Стоејќи во местноста Лисец, со лице озарено од пламенот на запаленото Панаѓуриште, апостолот ги изрекол пророчките зборови: „Во срцето на тиранот, јас отворив толку лута рана што никогаш нема да зарасне“. Во истиот дух се и зборовите на Цанко Дјустабанов, кој, пред османлискиот суд, изјавил: „Нашата цел, не беше да ве победиме со сила, туку само да ве провоцираме и да направите ѕверства, кои веќе ги направивте многу и благодарение на кои се компромитиравте пред целиот образован свет, а таа наша цел е веќе постигната. Затоа, бидете известени дека ние победивме“!

Априлското востание го поставило Бугарското прашање, како дел од големото Источно прашање, во центарот на политичкиот дневен ред на сите Големи сили. Без бунтот, тешко ќе се стигнело до Руско-турската ослободителна војна. Без Копривштица, немаше да има и Шипка. Бугарската слобода не е подарок, туку е платена со крвта на батачките маченици, на храбрите бранители на Перуштица – Спас Гинев и Кочо Чистеменски – со крвта на Ботев, Васил Петлешков, Каблешков, Бенковски, Волов и уште многу познати и заборавени херои.

Како што не е основано да се тврди дека нашата слобода ни е подадена на тепсија, исто така неосновани се и конјунктурните становишта од режимот пред 1989 година, дека Априлското востание е бунт на онеправданите ниски општествени слоеви. Напротив! Како што комитетската мрежа на Левски, така и редовите на априлците биле доминирани од средната класа, од трговците и од интелигенцијата. Ова е бунт насочен не против лоши економски услови, туку кон слобода и независност. Следејќи ги идеите на Просветителството, бугарските револуционери биле убедени дека националната држава е основен услов за понатамошниот економски, културен и демографски развој на бугарската нација.

Со своите модерни идеи, самопожртвување и просветен национализам, хероите од Априлското востание докажале дека Бугарите созреале за слобода по пет века туѓо ропство!

Слични Објави