ПОЧНА РАСПРАВАТА ПО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ
Во Собранието на Македонија почна расправата по ребалансот на Буџетот за 2019 година. Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот е точка на дневен ред во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.
Пред членовите предлогот го образложува министерката за финансии Нина Ангеловска, според која алоцирање на средствата онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми економски ефекти е целта на предложениот Ребаланс на буџетот.
Според предлогот, вкупните приходи со ребалансот на Буџетот се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228, 3 милијарди денари. Во овие рамки на планирање расходи и приходи, дефицитот останува непроменет во однос на планираниот со основниот Буџет, односно е со позициониран износ од 17,7 милијарди денари или 2,5 проценти од БДП.
Со ребалансот на Буџетот се издвоени 400 милиони денари за субвенционирање на растот на платите во приватниот сектор, 200 милиони денари за активни мерки за вработување, дополнителни средства за поддршка на земјоделството, 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, 193 милиони денари за заштита на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за исплата на поврат на ДДВ…
Поради слабата реализација на одредени капитални инвестиции од иницијално планираните 25,9 милијарди намалени се одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација. Вкупното намалување на капиталните инвестиции изнесува 50 милиони евра.
Според Владата, со ребалансот продолжува да се дистрибуираат повеќе пари кај граѓаните, односно вклучено е зголемувањето на платите во јавната администрација, здравството, образование, градинките, културата, полицијата, одбраната и другите дејности во јавната администрација.
Предвиден е и трансфер за Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, односно 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб.
Расправата во Комисијата, согласно собранискиот Деловник трае 10 дена, по што Предлогот оди на пленарна седница. На предлогот се поднесени 391 амандман.