ПОЧНУВА 13-ТОТО ПО РЕД ИЗДАНИЕ НА АКТО ФЕСТИВАЛОТ ЗА СОВРЕМЕНИ УМЕТНОСТИ

Вести Забава Истакнато Култура Магазин Разно

Во Битола годинава по 13-ти пат, од 23 до 25 август ќе се оддржи АКТО, еден од позначајните фестивали за современи уметности во Македонија. Темата ќе биде „Општество во изградба“ и ќе се случува во соработка со повеќе организации меѓу кои и граѓанската платформа „Мрдни со прст“.

АКТО годинава ќе има 5 програми: АКТО Уметничка програма, АКТО Музика, АКТО Агора, АКТО за заедницата и АКТО Воз. Во негови рамки ќе земат учество многу творци, кои имаат за цел активно да партиципираат во изградбата на градот Битола, нејзиното социјално, културно – уметничко и урбано заедништво, а како простори за своите активности, фестивалот ќе ги користи јавните ресурси кои градот ги нуди.

„Општество во изградба“ значи моментум на поинакви идеи, наспроти нео(и)либералната парадигма, имајќи го превид наследството на силната социјална компонента на уметноста. „Општество во изградба“ значи сите заедно, со сите гости и програми на АКТО, кои се курирани, да се врати полето на слободна мисла и прогресивност, на идеи во чекор со времето и на идеи кои му пркосат на секојдневието. Целта на организаторите е АКТО да биде простор каде ќе се создава заедно, каде сите ќе бидат вклучени и ќе се создава активна култура! – изјавија организаторите

Организацијата на АКТО е поддржана од Министерство за култура, Фондацијата Фридрих Еберт – Македонија, Град Битола, Проектот на УСАИД за граѓанско учество (ЦЕП), додека партнери на фестивалот се: Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста од Скопје, НУ Центар за култура – Битола, НУ Завод и Музеј Битола и НУ Народен театар Битола, Македонски Железници, Мезе бар Јагода, Кафе Радост, Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по Чекор“, ЛГБТИ Центарот за поддршка – Хелсиншки комитет за човекови права и Клуб Епицентар.