| |

Политико: Како Бугарија тајно ја спаси Украина

Софија го снабдуваше Киев со гориво и витално оружје од советската епоха, но мораше да ги држи во тајност доставите поради промосковските политичари во владата.

Во пролетта минатата година, на украинската армија очајно и недостигаше гориво и муниција од советски тип потребни за борбата со Русите.

Спасот неочекувано дојде од Бугарија.

Благодарение на нејзината фрагментирана внатрешна политика и проруската пристрасност на голем дел од нејзината елита, за време на инвазијата Софија се потруди да нагласи дека не ја вооружува Украина.

Меѓутоа, според истрагата на германскиот весник „Велт“, сестринско издание на Политико во групата Axel Springer, тоа било само димна завеса. Благодарение на ексклузивните интервјуа со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, поранешниот бугарски премиер Кирил Петков и неговиот министер за финансии Асен Василев, „Велт“ состави слика за тоа како Бугарија влегла во улогата на посредник и користела посредници за да му обезбеди на Киев важни пратки со оружје, муниција и дизел гориво во критичен момент од борбите минатата година.

Додека Петков, кој беше премиер на Бугарија на почетокот на војната и се обидуваше да ја посочи земјата како прозападна, про-НАТО траекторија, мораше да се бори со силниот отпор од про-кремљските политичари, вклучително и меѓу неговите коалициски партнери – социјалистите, кои се наследници на старата комунистичка партија. Тој дури мораше да го отпушти сопствениот министер за одбрана затоа што изрази мислење блиско до руското за војната. Барем јавно Петков се обидуваше да ја омаловажи идејата дека Бугарија – и покрај нејзините значителни залихи на оружје од советската епоха – ќе интервенира и ќе ја вооружи Украина.

Со оглед на овие чувствителности, официјалната позиција на Бугарија за војната ја става во иста ситуација како Унгарија на Виктор Орбан – премногу политички врзана за Москва за да може да се справи.

Но, Петков и Василев, сега опозициски политичари кои бараат пат до власта на очекуваните претстојни избори, го прекинаа својот молк за вистинските размери на улогата на Бугарија минатата пролет.

Додека Социјалистичката партија во Софија ги нарекуваше бугарските испораки на оружје за украинските сили „црвена линија“, претставниците на Петков избегнуваа договори меѓу владите и користеа посреднички компании во Бугарија и во странство за да ги отворат воздушните и копнените патишта за снабдување преку Романија, Унгарија и Полска.

„Според нашите пресметки, околу една третина од муницијата што и е потребна на украинската армија во раната фаза на војната доаѓа од Бугарија“, изјави Петков за “Велт“.

Подеднакво важно, дизелот што Бугарија и го испорачува на Украина се преработува од руска сурова нафта во црноморската рафинерија во сопственост на руската компанија Лукоил. „Бугарија стана еден од најголемите извозници на дизел гориво во Украина и на моменти покриваше 40 проценти од нејзините потреби“, изјави за “Велт“ поранешниот министер за финансии Асен Василев.

Владата во Киев ја потврди оваа верзија на настаните. Во април минатата година Кулеба за “Велт“ изјави дека неговата земја е во опасност да остане без муниција. „Знаевме дека во бугарските магацини има големи количини потребна муниција, па претседателот [Володимир] Зеленски ме испрати да ги набавам потребните материјали“, рече Кулеба.

Во тоа време се работеше за „живот и смрт“, објасни Кулеба, бидејќи во спротивно Русите ќе окупираа повеќе села и градови, ќе „убиваа, мачеа и силуваа“ повеќе Украинци.

Соочен со барањата на Киев, Кулеба рече дека Петков одговорил дека неговата домашна ситуација „не е лесна“, но дека ќе стори „сѐ што е во негова моќ“.

„Кирил Петков покажа интегритет и секогаш ќе му бидам благодарен што ги искористи сите свои политички вештини за да најде решение“, продолжува Кулеба. Приказната, рече тој, е едноставна: додека некои членови на бугарската коалиција застанаа на страната на Русија, Петков одлучи „да биде на вистинската страна на историјата и да ни помогне да се одбраниме од многу посилен непријател“.

На 25 февруари, само еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин ја нападна Украина, на неформалниот состанок на Европскиот совет во Брисел, Петков им нагласил на своите колеги лидери дека на Зеленски можеби му остануваат помалку од 48 часа живот, дека е на списокот на Московските џелати и дека Советот мора веднаш да донесе тешки одлуки за санкции. На крајот, Европската комисија ги поддржа овие чекори.

Во исто време, министерот за финансии Василев учествуваше на состанокот на министрите за финансии на ЕУ во Париз. И таму имало неодлучност, како што опишува. Сите сѐ уште беа во шок од нападот. После тоа Василев одржа говор. Не за бројките и економските последици, туку за тоа што Путин подразбира под „денацификација на Украина“. Тој се потпираше на сопственото искуство на Бугарија.

„Тоа го направија Русите во Бугарија по Втората светска војна, убија илјадници дисиденти, професори и свештеници“, рече Василев. Тој повика и на итни одлуки, а учесниците на средбата за „Велт“ потврдија дека бугарскиот министер го свртел вниманието на собраните делегати.

Два дена подоцна, Брисел ги спроведе овие мерки. Во круговите на ЕУ беа наречени „бугарскиот предлог“.

На 19 април, непосредно пред посетата на Петков на Киев, украинскиот министер за надворешни работи Кулеба отпатува во Софија кога започна нова и неизвесна фаза од војната. Украинците ги одбија напаѓачите од пошироката област на Киев и од север, но многу западно оружје сè уште не беше доставено. Борбите беа толку интензивни, вели Кулеба денес, што на Украина итно и требаше да ги надополни своите резерви, особено муниција од советско производство. Зеленски смета дека Кулеба може да обезбеди воена помош за време на неговата мисија во Софија.

Петков сега вели дека неговата влада им дозволила на посредниците да извезуваат не директно во Украина, туку на фирми посредници во странство.

“Нашата приватна воена индустрија произведуваше со полна брзина“, вели Петков. Снимките од април документираа товарни авиони „натоварени до врв“ со оружје што летаат меѓу Бугарија и Полска. Она што е познато е дека полскиот аеродром Жешув, 70 километри од украинската граница и строго чуван од НАТО, е главен пункт за испорака. Се погриживме копнената рута низ Романија и Унгарија да биде отворена и за камиони“, рече Петков.

Кулеба ги потврди овие испораки. Тој нагласи дека не станува збор за доставување на воена помош од страна на бугарската влада директно на Украина, „туку обезбедување можност за украинските компании и компании од земји на НАТО да го купат она што им е потребно од бугарските добавувачи“.

Според информациите доставени до “Велт“, САД и Велика Британија платиле за испораките.

Меѓународните медиуми останаа фокусирани на испораката на западно оружје, вклучително и американските ракетни фрлачи “Химарс“.

Вистината излезе на виделина во јуни кога шефот на државната компанија за извоз на воено производство „Кинтекс“, Александар Михајлов, мораше да поднесе оставка по политички спор и јавно објавени податоци – веројатно со цел да ја разниша владата. Михајлов зборуваше за извоз вреден „2 милијарди евра“ од почетокот на војната. Тој го спомена и снабдувањето со муниција за повеќенаменскиот ракетен фрлач Grad BM-21.

Но, тогаш работите повторно се смириле. Социјалистичката партија во владата постојано се закануваше дека ќе ја растури коалицијата доколку има директна поддршка за Киев – но не можеше, бидејќи таква поддршка официјално не постоеше.

Одејќи уште подолу под радарот, Бугарија испрати дизел гориво до силите на Зеленски.

Василев се сеќава на состанокот на Светска банка во Вашингтон во пролетта. Таму, вели тој, еден украински функционер му рекол дека на киевските трупи им снема гориво. Бугарија има рафинерија во близина на Бургас на Црното Море, со која управува подружница на руската групација “Лукоил“ и се снабдува со нафтени танкери од Русија.

Василев рече дека го охрабрил Лукоил во Бугарија да извезува вишок нафта во Украина. Реакцијата беше позитивна, а тамошните власти исто така ја осудија војната на Путин, рече тој. Самата Бугарија има потреба од околу половина од горивото што го произведува рафинеријата; остатокот, вели тој, бил испратен во Украина. Повторно, набавките од локални компании се вршеа преку странски посреднички фирми.

Киев потврди за „Велт“дека украинските компании набавиле бугарски дизел во оваа исклучително важна фаза од војната.

„Камионите и цистерните редовно патуваа до Украина преку Романија, а во некои случаи гориво се товареше и на товарни возови“, рече Василев.

Со тајните линии за снабдување на Украина, Петков презема голем ризик.

Анкетите во Бугарија покажаа дека 70 проценти од граѓаните се загрижени дека ќе бидат вовлечени во војната и затоа се против прекумерната поддршка за Украина. Претседателот Румен Радев, номиниран од Социјалистичката партија, ги поттикна овие чувства тврдејќи дека Бугарија ќе стане страна во војната доколку се доставува оружје.

Неодамна заврши играта криенка. Рафинеријата „Лукоил“ во Бургас од почетокот на годинава е целосно под контрола на Бугарија, без поврзаност со седиштето во Русија и веќе бара нафта од други земји. Во ноември, владата во Софија официјално побара од Европската комисија дозвола за извоз на дизел гориво рафинирано од руска нафта за различни дестинации, вклучително и за Украина.

Во Кремљ не изостана фактот дека Бугарија под водство на Петков и Василев прави огромни напори за поддршка на Украина.

Почнувајќи од мај, Москва ја бомбардираше неговата земја со сајбер напади, вели Петков. Тие го погодија снабдувањето со електрична енергија и поштата, а на моменти не можеа да бидат исплатени пензиите на граѓаните.

Москва исто така се обиде да поткупи пратеници и да се внедри во власта. Помеѓу март и јуни, Бугарија протера околу 70 вработени од руската амбасада во Софија поради шпионажа.

Москва знаеше дека Бугарија е најзависната земја од ЕУ од рускиот гас пред војната и реши да ја казни за пример.

Веќе на 27 април „Газпром“ ја избра Бугарија како прва земја од ЕУ во која ќе престане да извезува гас. Но, Софија не отстапи. Премиерот Петков во рок од 24 часа презентираше решение со кое на речиси 7-те милиони жители на Бугарија ќе им се овозможи да се справат без гас од Русија. Тој договори два танкери со ЛНГ од САД – по истата цена за кубен метар што ја наплаќаше Газпром.

Петков сега објаснува зошто САД биле подготвени да се согласат со тоа.

„Во текот на разговорите јасно кажав дека танкерите се политички сигнал за цела Европа дека секогаш постојат начини да се излезе од зависноста од Русија. Тој, исто така, нареди завршување на поврзувањето на гасоводот со Грција за да се катализираат алтернативи на руските линии за снабдување.

Владата на Петков беше соборена со парламентарно гласање за недоверба во летото. Своја улога во ова одиграа и проруските сили. Есента Петков и Василев беа само привремено на својата функција. Оттогаш, земјата и понатаму е во политички ќор-сокак, но односот кон Украина е малку променет.

Во декември, парламентот одлучи официјално да одобри испорака на оружје за Украина. „Ние сме длабоко благодарни на Бугарија за ова“, рече Кулеба. Сепак, тој истакна дека веќе ги набљудува обидите да се торпедира оваа одлука. „Неверојатно е колку овие сили упорно се обидуваат да ја привлечат Бугарија на страната на агресорот и касапот.

Петков и Василев веќе влегоа во историјата со својата невидена тајна помош. Со нивната партија „Ја продолжуваме промената“ сакаат повторно да се кандидираат на следните избори и да ја продолжат својата борба за Бугарија, која се справува со корупцијата на стариот поредок и зазема прозападен курс.

Петков инсистира дека едно нешто е неповратно: „Покажавме дека светот може да функционира без зависност и страв од Русија“.

Филип Волкман – Шлук, “Велт“, Политико

Берлин / Германија



Слични Објави