Последна фотографија од таткото и синот пред да се качат на подморницата: Се смеат и се гушкаат на палубата на бродот
Странските медиуми ја објавија последната фотографија од пакистанскиот татко и неговиот син пред да се качат во подморницата „Титан“.
Шахзад Давуд (58) и неговиот син Сулејман (19) биле снимени како се гушкаат и се смеат пред да се качат во подморница за патување за кое платиле по 250.000 долари, а потоа исчезнале заедно со уште тројца патници.
Сулејман и Шахзад ги имале на себе своите одела „Ocean Gate“, како и водоотпорни портокалови панталони и јакна, чизми и елеци за спасување и шлемови.
Фотографијата е објавена откако сопругата на Шахзад Кристин откри како ги поминале последните моменти пред имплозијата на „Титан“. Како што рекла, тие ја слушале омилената музика во целосен мрак за да заштедат струја и да ги набљудуваат суштествата од длабочините.
Кристин раскажала како таа и нејзината ќерка Алина (17) биле на другиот брод „Полар Принц“, мавтајќи им на сопругот и синот додека оделе во авантура.
Во подморницата биле директорот на компанијата „Ocean Gate“ Стоктон Раш, францускиот експерт за Титаник Пол-Анри Нарјолет, британскиот милијардер Хамиш Хардинг и таткото и синот – Шахзад и Сулејман Давуд. Експертите оценија дека екипажот загинал во катастрофална имплозија, а според нив, тоа било моментално, односно „ништо не почувствувале“.

