ПОСВЕТЕНО НА ЛИЧНАТА (НЕ)КУЛТУРА – НАШАТА СОПСТВЕНА ПЕЧКА

Се растура раскош и мизерија. Отсекогаш било така, ама во нашава животна отсечка вака не било. Зошто е тоа така, што е причината, дали е само од себе, дали е од бога или е од урок?  Проблемот е во нашата сопствена (не)квалитетна понуда.

Да се понуди нешто на животната тезга, првин треба да се произведе. Но, што да се произведе за животната тезга која нема ни ногарки ни платформа, едноставно ги има  потрошувачите на твоите добра, кои кружат околу неа и ја меркаат твојата стока. Дали таа вреди за нивните пари и вкусови, е најголемото животно прашање. Кој дел од твојата понуда е здрав, кој скапан, кој атрофиран. Кој дел од тебе вреди да се најде на таа животна тезга, дали се што носиш во себе, дали дел од тебе, дали целиот ти, тоа е најголемото прашање што го мачи целиот свет – сега, секогаш и во вечни векови.

Што помалку набиеници и скапаници имаш на себе и зрачат од тебе – цената ти расте. Во спротивно те грди самиот изглед, а за душата и за здивот да не зборуваме.

Животна тезга

Во која фабрика да се произведе тоа што треба дa го понудиш на твојата животна тезга. Па се разбира, во твојата сопствена печка. Да го одбереш првин мастрафот за манџата што мислиш да ја вариш. Но дали е најден вистинскиот рецепт? Колку мирудија и зачини ќе му ставиш, колку сол или пелин ќе му посолош, колку масло ќе туриш?  Дали сите тие се во соднос?  Дали се трпат едни со други или се негираат меѓу себе? Дали се на иста страна или се на твоите две различни  страни од кои си составен?

На иста страна или  на твоите две различни  страни од кои си составен?

И не само една манџа треба да проврие во твојата сопствена печка: Илјадници или милиони рецепти да извари твоето тенџере, па тогаш имаш право да се фалиш дека на твојата тезга има квалитетна стока. Тогаш немаш проблем со јазиците што не ги зборуваш и не ги разбираш, а можеш да комуницираш со сите. Едноставно се разбираш со невидливиот магнетизам што струи меѓу сличните на тебе. Тогаш никој нема да те праша од каде те има ветерот донесено, на кој бог му се клањаш и во кој храм се молиш. Едноставно те купуваат и ги купуваш и не ги жалиш парите, па колку и да е висока цената.  Во спротивно ти не си стока, ти си добиток.

Добри манири

Кое и какво гориво треба да се ложи во таа печка? Се разбира првин добрите манири од твојот дедо и прадедо, баба и прабаба, од татко ти и од мајка ти, од векот и правекот, од добрите бајки, од хуманоста, од толеранцијата, од филозофијата, од гандиевштината, од фантазијата, од ренесансата од византијата, од романиката, од истокот и од западот и од северот и од југот. Кога таа енергија ќе почне да гори, да согорува и да изгори во твојот горилник, да те омекне и да ти ги зарумени образите, тогаш појави се на тезгата како тазе лепче, кое со мрисот им прави лиги на минувачите. Тогаш излези на животната тезга и продавај се! Ако не, покриј се со дебела глина или со олово, зашто не само што нема да вредиш, туку и ќе зафаќаш место на тезгата што им припаѓа не некои подобри од тебе.

Автор: Бране Стефановски/ magazin.antoris.mk