| |

Велигден – духовен и национален празник за Бугарите

Пишува: Тодор Вангелов/ БГНЕС

Се наближува големиот христијански празник Пасха – Велигден. Во старо време нашите прадедовци изговарале ВелиКден, како што до ден денес зборот е запазен во литературниот бугарски јазик. Иако не многу учени, нашите предци правилно го изговарале тој збор. Празникот Велиг(к)ден за нас христијаните е еден од највеликите (затоа и се нарекува Велик Ден) празници во христијанството, бидејќи се слави воскресението Христово, односно нашето спасение, затоа што Велиг(к)ден не означува смрт, туку премин во вечниот живот, како што во превод значи еврејскиот збор „Пасха“ – Премин.

Првата Пасха што ја празнувале евреите го означува чудотворниот Премин преку Црвеното Море, а Христовата Пасха означува Премин од смрт кон живот, од земјата кон Небото. Односно Пасхата означува празнување, славење на избавување од ропство. Првата Пасха евреите ја славеле поради нивното избавување од ропството во Египет, втората Пасха е избавување на душата од ропството на гревот.

Изминуваат последните денови од страсната седмица. Се нарекува „Страсна“ или „Страдална“ заради страданијата на нашиот Господ Исус Христос. Зборот „страст“ кој произлегува од црковнословенскиот (или старобугарскиот) јазик значи „страдање“ или на англиски „passion“. Во оваа страсна (страдална) седмица се прикажува предавството јудино, страдањата, маките и распнувањето на нашиот Господ Исус Христос, слегувањето во адот (пеколот) и Воскресението.

Христос беше предаден, мачен и распнат поради страв, завист, алчност, власт и пари од страна на среброљубивите и властољубивите еврејски свештеници и од еврејските патриоти кои очекуваа Христос да ги избави од римското ропство (еден од таквите беше Јуда).

Тука мора да го спомнам и бугарскиот Велиг(к)ден или страстите бугарски како што пишува Тончо Жечев. Тоа е духовен и национален Велиг(к)ден за Бугарите од Мизија, Тракија и Македонија.

Уште од самото укинување на Охридската Архиепископија во 1767 година не престанала борбата на македонските Бугари и воопшто на Бугарите за своја народна Црква (Црква во која ќе се служи на народен јазик, во која ќе служат народни свештеници и владици). Борбата, која траела со години, најжестоко се развила во Цариград на 3/15 април 1860 година за време на најголемиот празник – Велиг(к)ден. На тој ден бугарскиот народ го кренал својот глас против грчката патријаршија, започнале демонстрации и широко народно движење за изгонување на грчките владици.

Таа демонстрација на бугарскиот народ против гнетот на грчката патријаршија ја опишува Симеон Радев во книгата „Македония и Българското възраждане въ XIX вѣкъ“: „Во март 1860 год. епископот Иларион Макариополски собра кај себе неколку чорбаџии од бугарската колонија и им го одржа следниов говор: „Бев во Кукуш и ја понесов од Македонија следнава поука: кога не сакаат некој владика, го изгонуваат; кога сакаат да се ослободат од некој патријарх, му го исфрлаат името од Црквата.“ Иларион заклучи дека треба да се прекине официјално со Фанар и во иднина името на грчкиот патријарх да не се спомнува на Литургија. Овој предлог беше прифатен со ентузијазам и беше разгласено помеѓу колонијата дека на првиот ден на Велигден сите треба да се соберат во бугарската Црква… Кога ѓаконот ја започна ектенијата за грчкиот патријарх, се издигна еден силен глас: „Запри! Не го признаваме грчкиот патријарх! Прескокнете му го името!“ Тогаш Иларион, кој служел, се покажа со митра на глава пред дверите и го прашал народот: „Што правите? Кое име сакате да се постави наместо неговото?“ Сите одговорија да се спомне „името на султанот“… Псалтите и хоровите грмнаа молитва за султанот… После Литургијата, веднаш двајца пратеници отидоа во Високата порта за да објават на турското правителство, дека бугарскиот народ го отфрлил авторитетот на грчката Црква и ги прекинал врските со Фанар.

Интересен податок е дека во тогашната бугарска комисија која била во преговори со грчката патријаршиска комисија, покрај другите членови, бил и галичанецот Партениј Зографски.

Создавајќи своја народна Црква, бугарскиот народ и клир беше обвинет и осуден за етнофилетизам од тие кои го создадоа и проширија тоа зло. Дури творците на етнофилетизмот свикаа и вселенски собор во Цариград за да го осудат бугарскиот народ и да ја осудат Ег(к)зархијата за етнофилетизам. Иако етнофилетизмот е осуден од Црквата на Цариградскиот собор во 1872 год., тој и до денес се пројавува во неа, правејќи голема штета.

Зборот етнофилетизам произлегува од грчкиот јазик што значи: Етнос – народ; Фили – племе. Етнофилија означува црковно групирање врз национална основа.

Во долгогодишната, макотрпна борба за создавањето на Егзархијата голема улога и големи придонеси имаат многу личности, дејци, преродбеници, свештеници и владици од Македонија. За тоа ни сведочат записите на нашите верни, чесни, храбри, борбени, благочестиви предци. Еве што велат тие:

„Создавањето на Егзархијата е резултат од напори и жртви на целокупниот бугарски народ со најголемо учество на македонските бугари, зашто бугарската духовна преродба го има гнездото во Македонија: Пајсиј Хилендарски, Јоаким Крчовски, Кирил Пејчинович, архимандрит Теодосиј, Неофит Рилски, Браќата Миладинови и плеада светли борци за духовно пробудување, се синови на Македонија…“ (Органъ на Македонската емиграция в България, Македония, София 4 априлъ 1929 год.)

Сето досега напишано е само увертира. Идејата не ми е да напишам теолошки текст или да пишувам црковна историја. Сакам само да направам една компарација со актуелните случувања и секој да се запраша: „Каква Пасха би сакале да празнуваат Македонците и Бугарите односно РС Македонија и Р. Бугарија?“

Не случајно спомнав дека се наоѓаме во страдалната седмица. Не случајно ги спомнав маките и страданијата Христови и Неговото Воскресение односно Пасха. Низ какви искушенија и страданија треба да поминат РС Македонија и Р. Бугарија и каква Пасха би сакале да празнуваат? Дали воопшто од двете страни постои волја и желба да се празнува заедно?

Најпрво да се запрашаме: „За што Христос пострада?“ Секако, за вистината. Да, во Евангелието станува збор за духовната преродба на човекот и за духовната вистина, вистината за вечниот живот и спасението на човештвото. Но, вистината – духовна или национална – е вистина. На луѓето кои се научени да живеат во лаги и измами, секогаш ќе им пречи вистината и тие би направиле сѐ само да ја замолчат или искриват вистината. Најпрво, затоа што ги гризе совеста поради нивните лаги и измами и не можат да поднесат кога некој ја говори вистината, а потоа за да се одржат на позиција, власт. Секако тука се во прашање моќта и парите.

Христос беше предаден на римјаните за да биде распнат од тие кои ја знаеја (требаше да ја знаат) и проповедаа вистината, но не можеа да ја видат и познаат, поради нивната заслепеност од алчност за власт и пари – свештениците. А, на нив пак, им го предаде ревносниот патриот Јуда, кој беше еден од апостолите.

Денес сме сведоци дека, и покрај сите макотрпни напори што ги прави Бугарија за да се реши заедничкиот проблем (односно тоа е проблем на РСМ), РС Македонија нема ни малку желба да мрдне чекор напред од мртва точка. Застаната е некаде во далечната 1944-45 година и нема волја да промени нешто и да тргне напред, кон подобри перспективи.

Повеќе не живееме во едно затворено и мрачно општество (иако сѐ уште во РС Македонија владее медиумски мрак и медиумска војна против Бугарија), не владее едноумието (или можеби сакам да верувам дека е така), падна тоталитарниот и диктаторски режим на Тито (иако може слободно да се каже дека и денес се пројавуваат такви државни режими – груевизмот), но владата на РС Македонија, и не само владата, туку и опозицијата, сѐ уште како да се заостанати во тоа титово време. Ова е време каде што секој има пристап до секакви информации, сакал – нејќел, повеќе не може да се крие вистината од народот. Државата повеќе не може (или не смее) да креира режимска и фалсификувана историја, историја по нарачка, историја како на која владејачка партија ѝ одговара.

Вистината е очигледна. Колку ѝ да се труди некој тоа да го замаскира, фалсификува, искриви, скрие, вистината ќе излезе на виделина и веќе е излезена. Но, вистината секогаш им боде очи на оние кои ја засакале лагата.

Деновиве во нашата РС Македонија, наместо добра волја и пријателство, владее и се шири една омраза кон тие кои ја познаат, поддржуваат, зборат и шират вистината. Дали таа вистина ги заплашува, како некогаш еврејските свештеници кои се плашеа дека ќе го изгубат народот и синагогите односно власта, а со тоа и ќе имаат помала заработувачка т.е. ќе го изгубат капиталот, парите? Па, како што тие од страв, алчност, властољубие и среброљубие бараа Христос да биде мачен и распнат, така и денес се разгорува и шири национална омраза кон еден мирољубив и братски народ, а сето поради некаков неоснован страв од некаква загуба. И додека кон источниот сосед и македонските Бугари се води непријателска кампања, особено кон бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ – Битола, оцрнувајќи го ликот и делото на македоно-бугарскиот револуционер и водач на ВМРО Иван (Ванчо) Михајлов (од кој патем има восочна фигура во Музејот на Македонската борба во Скопје), македонска делегација на чело со градоначалникот на Валандово заедно со претставници од српската амбасада и српската заедница ги воспева српските окупаторски војски кои се бореле против ВМРО, против братот на Гоце Делчев, против нашите предци кои ги положија своите животи за слободна, независна и во иднина обединета Македонија со Бугарија.

Невиден срам за една нација! Да го воспева својот окупатор, а од друга страна, пак, да плука по своите народни херои!

Ако од една страна гледаме стигматизација од страна на државата и народот кон македонските Бугари, Бугарија и Бугарите, од друга страна истото се случува и во Црквата.

Некои великодостојници не признаваат постоење на македонски Бугари односно според нив тоа би било цепење, делење на македонската нација. Но, ако одиме по таа логика, нели веќе македонската нација е расцепена, разделена на Срби, Власи, Роми, Албанци…? Зошто е проблем да се впишат и Бугари во македонскиот Устав? Зарем некој се плаши од тие 3504 (според фалсификуваниот попис) Бугари? Имаат ли толкава сила тие да ја расцепат нацијата?

А, што означува зборот нација? Нација не значи народ. Под нација се подразбира збир на сите граѓани, сите народи/народности на една држава. Така да, тој поглед дека некој народ би ја расцепил нацијата, паѓа во вода.

Мислам дека денес секој има свое индивидуално право да се искаже и чувствува како сака. Никој не го оспорува постоењето на македонската нација, но и никој не треба да забранува и оспорува постоење на македонски Бугари.

И уште нешто. Дали писмото на МПЦ кое беше испратено до БПЦ со барање таа да биде нејзина мајка Црква беше искрено или само зад тоа се криеше личен интерес односно поддршка и признавање на МПЦ? Тука би сакал да додадам дека на теолошкиот факултет во РС Македонија, исто како и на историскиот, се учи една фалсификувана црковна историја во која Охридската Архиепископија се прикажува како некаква македонска Црква и за Егзархијата се предава дека била Црква создадена за продор на бугарската пропаганда во Македонија т.е бугаризирање на македонското словенско население, кое (според српската и македонската историја) било аморфна маса. Би ги запрашал македонските историчари: „Ако словенското население во Македонија било аморфна маса т.е. не знаело што е по народност, како тогаш пишувате и зборувате за некакви Македонци? Зарем Гоце, Даме, Тодор, Христо, Џинот, Жинзифов, Прличев, Миладинови и ред други дејци и преродбеници не знаеле што се, за што се борат, за што гинат и што проповедаат?“

Од погоре пишаното, може да видиме дека во минатото борбата за народна независна Црква ја водел целокупниот народ од Бугарија и Македонија. Може да се забележи како тој народ бил сплотен во едно, бил со една идеја, со еден идеал. Токму за најголемиот христијански празник Великден, тој народ, од двете страни на границата ја започнал својата борба за една заедничка Црква, која се нарекла Екзархија. Таа долгогодишна борба ја воделе македонските Бугари од Македонија и Бугарите од Бугарија.

Покрај тоа што пред сѐ Воскресението е духовен празник, за нас Бугарите е и национален празник.

Денес ние сме сведоци и учесници на едно ново национално Воскресение.

Во очи на самиот духовен празник Великден, исто како нашите предци во 1860 година, кои на сам ден Великден ја поведоа борбата за самостојна Црква и покрај сите искушенија и препреки не се откажаа и извојуваа победа, така и ние денес, сме свидетели и учесници на еден историски чин/настан. Посетата на премиерот на Бугарија Кирил Петков со владина делегација на отворањето на бугарските клубови „Иван Михајлов“ – Битола и „Хоризонти“ – Охрид, во пресрет на најголемиот христијански празник Великден, за нас е национално воскресение на една идеја и продолжување на борбата за зачувување на бугарското, кое со децении е забранувано и искоренувано од овие простори. Таа национална идеја и покрај сите премрежија, тортури, гонења, мачења и логори, никогаш не згаснала и нема ни да згасне. Тоа што не се убива, не умира!

Посетата на бугарската делегација на отворањето на културните клубови предизвика голема бура по медиумите во РС Македонија. Со ваквиот однос на македонската влада, опозиција и македонскиот народ, се докажува дека РС Македонија не е спремна и е многу далеку од европскиот пат. Не може некоја држава да бара да стане членка на европското семејство, а притоа да не ги исполнува европските вредности.

Дали РС Македонија би сакала да празнува вакво Воскресение кое ќе не разединува? Воскресение во кое нема покајување, нема приближување, нема љубов, пријателство, братство…

Со децении поминуваме тешки, макотрпни и страдални патишта, од кои исходот треба да е вистинското Воскресение; Воскресение кое ќе нѐ доведе до приближување, разбирање, пријателство… Која е целта на Воскресението? Целта на духовното Воскресение е духовна преобразба на личноста. Не треба ли и РС Македонија да се преобрази/промени или барем да посака да се промени, за да може да започне со преговори и во иднина да постане дел од европското семејство? До кога во РС Македонија ќе продолжи Голготата на македонските Бугари? Уште ли ќе ја врвиме „страдалната седмица“? Не треба ли најголемиот христијански празник Пасха да ни биде Премин од нашите стари и непријателски реторики и позиции, кон нови, европски и пријателски вредности и гледишта?

Македонските Бугари и Р. Бугарија не се непријатели на РС Македонија и Македонците. Ние бевме едно, сме едно и треба да останеме едно. Воскресението треба да нѐ обедини.

РС Македонија треба да го испочитува и исполни договорот кој го потпиша со Р. Бугарија, пред сѐ впишување на Бугарите во македонскиот Устав. Без тоа нема да заврши страдалниот пат, нема да стигнеме до заедничкото Воскресение.

Одлуката останува на македонската влада, македонската опозиција и македонскиот народ.

Христос воскресе!

Слични Објави