Пожртвуваноста и хуманоста немаат граници: Во кривопаланечкото село Киселица спасена дива коза од сигурна смрт
Љубители на животни, хумани луѓе и професионалци уште еднаш докажаа дека хуманоста, пожртвуваноста, љубовта и ентузијазмот не само кон луѓето, туку и кон животните, немаат граници. Токму една таква група деновиве учествуваше во спасувачка мисија на дива коза во кривопаланечкото село Киселица, која 10 дена била „заробена“ и беспомошна на висока карпа, јавува Kumanovonews.
Очекувано, и овојат дел од акцијата беше Мариа Дибиаџио, сопственичка на „Кантрисајд ретрит“ во Ранковце, првиот центар во државата каде се спроведува хипотерапија за деца, но воедно и ранч на коњи и други животни кои во најголем дел таа ги пронашла болни и напуштени и ги спасила од сигурна смрт.
„Ми се јави Стефан Павловски од Крива Паланка, кој заедно со работниците на „Гранит“ кај каменоломот во Киселица ја виделе заглавената коза која не можела да скокне од карпата. Таа билa дел од стадо од неколку диви кози кои живееле во тој предел. Во овој случај беше јасно дека ние како ентузијасти не можеме сами да ја завршиме работата и дека ни е потребен професионалец. Објавив во групата за миленичиња дека ни треба алпинист да се вклучи како волонтер во акцијата, но шансите дека ќе дојде некој до Крива Паланка беа едвај еден отсто. Но, за чудо, за помалку од 20 минути ми се јави Надир Мурсели, искусен алпинист од Тетово, кој, иако не се познававме, веднаш тргна наваму“, објаснува Мариа како се одвивала целата акција.
Во спасувачката мисија на заробената коза која траела цели 8 часа, а имале голема помош и од вработените од „Гранит“, особено од чичко Ване од Делчево, кој останал со нив на врвот на карпата и после работното време, се додека не завршило успешно спасувањето на козата. Им помогнала и Весна Трајановска од Ветеринарната станица која се погрижила да им обезбеди храна и вода.
(Целиот напис и видеото од спасувањето погледнете го овде.)

