Прирачник за ЕУ
Facebook статус на Никица Корубин
Кој ги држи македонските граѓани во незнаење? Одговорот е долг и комплициран, бидејќи станува збор за цел систем на “заробено општество” како пандан на “заробената држава”, но комплементарен пандан, оние кои се хранат и поттикнуваат меѓусебно. Видливата страна се медиумите, партиите и “јавноста”, но тие се суштински беспомошни без невидливата страна, сите кланови и структури (бизнис, партократски, академски, невладини, аналитички, “сиви еминенции” и други паравани). Но, ефектот е јасен: “статус кво” општество на манипулација и контрола. И тоа нема никаква врска со формалната власт или опозиција.
Како се држат македонските граѓани во незнаење? Преку хармонично дејствување на горенаведениот систем. Кој понекогаш изгледа контрадикторен, само поради неможноста да биде секогаш видлив и експлицитен. Но, матрицата е слична, многу пропаганда, малку кредибилни информации и многу “врева”: константно диктирање на наратив на скандали и проблематизирање на се’. Речиси на ниво на магионичарски трик на одвлекување на вниманието од суштината. А, суштината е јасна, како Северна Македонија да биде функционална демократска држава.
Што не’ води до главното прашање, зошто граѓаните се држат во незнаење? Зошто сите се служат со “прост говор” за “луѓе од народот”? Особено од оние кои тоа сигурно не се, по сите критериуми (финанскиски, имотни, по основа на реална моќ и влијание). Која е заблудата која треба да биде “на сила” и која е крајната цел кон која треба да се однесе државата?
Затоа, едноставно кажано, со речникот кој тие го разбираат, реалноста на Македонија е следната:
Како станавме држава во 1991 година? Со распадот на СФРЈ.
Како станавме дел од СФРЈ? После Втората Светска Војна, во која влеговме како дел од Кралството Југославија, како окупирана територија од страна на Србија. Што значи дека со Републиката во СФРЈ постигнавме дупла победа, автономија и (делумно) ослободување од окупацијата.
Како станавме “условена” членка на Обединетите нации? После резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност и Времената спогодба од 1995 година, со услов за решавање на спорот за името со Грција.
Кога го решивме спорот за името? Во 2018, точно 23 години, после моделот за решавање од 1995 година.
Што се случуваше тие 23 години, нерешавање на превземената обврска? Транзиција на “елитите од СФРЈ” во “елити на Република Македонија”. И се’ се вртеше околу воспоставување и задржување на таа контрола. Градење на општеството за нив, а не за граѓаните. Одржување на шовинистичко и квази-националистичко општество на исклучување, а не вклученост.
Дали решавањето на спорот за името, ни го отвори патот во НАТО? Да, во НАТО влеговме во 2020 година, една година после усвојувањете на уставните измени.
Дали во услови на војна во Украина, и сите сегашни и идни потенцијални конфликти, единствен гарант за безбедноста, а со тоа и опстанокот на државата е НАТО? Да, затоа што Северна Македонија нема капацитет самата да се одбрани од било каков напад, на пример како терористичкиот напад во Косово.
Дали сите економски врски и финансиска помош, е врзана со САД и ЕУ? Да, затоа што без сите заеми, програми, грантови и кредити од “Западниот свет”, државата ќе банкротира за многу кратко време. Ќе нема плати и пензии воопшто, а не па “поголеми плати и пензии”.
Дали ЕУ е единствениот вредносен, економски и политички систем, кој гарантира демократско општество и економска и политичка стабилност? Да, затоа што “системот на права” и особено правото да се има “став за се'” е одлика само и исклучиво на демократските општества.
Дали членството во ЕУ е единствениот начин Северна Македонија да биде функционална, демократска и економски стабилна држава? Да, затоа што, тоа е најдобриот модел за политичка, економска и цивилизациска унија, во 20-от век, друг модел ни приближно нема, а особено нема модел каде што може да се биде слободен граѓанин, буквално и фактички, а концептот на “граѓанин” е потоа основа за се’ останато.
Дали може да се зборува, а не па да се заштити “идентитетот, јазикот и културата”, ако немаме демократска, слободна и безбедна држава, или ако немаме држава воопшто? Не.
Па, кому тогаш ЕУ не му треба?
Која тогаш алтернатива се’ нуди?
Кој е тој што сака “силни врски” со еден сосед, а лоши врски со сите останати? Кому тоа пречи Охридскиот договор, Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор, како односи кои истиот “систем” од почетокот на текстот, 30 години одбива да ги реализира на цивилизиран и демократски начин?
Кој тоа шири антиалбанство и антибугарство, како инструмент за поттикнување на омраза и конфликти?
Кој тоа ќе “си ја среди државата од внатре”, а што не е веќе “средено” во изминативе децении?
Кој упорно лаже и за кого?
Што се чека и кој чека, враќање на состојбата од пред 1991 година или на состојбата од пред 1944 година? Ефектот е ист, разликата е во нијансите. Но, во ниту еден од случаите, Македонија не е држава.
Белким некој тоа јавно и тајно не го посакува?
Овој прирачник има многу прашања. На секое од нив може да се даде одговор. Но, важно е да се постават. Затоа што овој прирачник логично не’ води до ЕУ. А, против логиката не се може, зарем не? А, таа вели дека оној што го опструира, блокира и компромитира нашиот пат кон ЕУ, ја опструира, блокира и компромитира државата.
Едноставно, нели? Каде точно сакате да не’ одведете сите скриени и јавни “избрани”, додека чекате ЕУ да се реформира? Или тој трик го чувате последен? Само што кога трикот станува очигледен, магијата исчезнува и останува само блефирањето.
Можат нашите “магионичари”, да посакуваат и чекаат и војни и конфликти, можат да се надеваат и на “распад на ЕУ” и на секаква анархија; ама во тој нивен патолошки и деструктивен свет, на “непостоење на меѓународен поредок, не постои ниту држава Северна Македонија”. Па, ќе нема каде да бидат “газди”. За “слуги” можат и сега, подаништвото е ментална, а не фактичка категорија. И ова е веројатно одговорот на првото прашање: кој ги држи македонските граѓани во незнаење?

