| | |

„Раѓањето на македонската нација“ (4)

Поздравно писмо на Георги Димитров до ЦК на Македонскиот национален сојуз во Америка

Москва, 13 мај 1934 г.

Братски поздрави до делегатите на Четвртиот Конгрес на Македонскиот Народен Сојуз! Јас се чувствувам нераскинливо поврзан со судбината на македонскиот народ и како бугарски пролетерски револуционер, и како син на семејство што потекнува од Разлог – долината на историското Илинденско востание.

Бугарскиот пролетаријат е животно заинтересиран за националното ослободување на Македонија. Националното ропство на македонскиот народ е извор за засилување на угнетувањето на работниците и селаните во Бугарија, Југославија и Грција. Разделена и ограбена Македонија е јаболко на раздорот меѓу балканските империјалисти и извор на постојана опасност од воени конфликти и потреси на Балканот.

Македонскиот народ со својата борба за ослободување нема и не може да има други вистински пријатели и сојузници освен револуционерните работници и селани во Бугарија и на Балканот. Во својата борба за национално ослободување бугарскиот пролетаријат го гледа македонското револуционерно движење како еден од своите најдобри сојузници. Борејќи се против фашизмот и за работничко-селанска влада, за Советска Бугарија, бугарските работници и селани, под раководството на Комунистичката партија, се борат во исто време за укинување на секое национално ропство, на ропството и на македонскиот народ.

Македонското движење има многу непријатели. Најзлиот, меѓутоа, негов внатрешен непријател – тоа се агентите на бугарскиот империјализам, на бугарскиот монархизам, на бугарскиот фашизам, и пред сè бандата на Михајлов. Преку тие свои агенти бугарската буржоазија го искористува македонското движење за своите себични интереси и за зацврстување на својата крвава диктатура врз самиот работен народ во Бугарија. Со помош на таа банда, која се нарекува „Внатрешна револуционерна македонска организација“ и што се потсмева со идеалите на македонскиот народ, Цанковистите успеаја на 9 јуни 1923 година да ја соборат земјоделската влада и да организираат крвав терор против работничките и селанските маси. Со нејзиното касапско учество беше задушено народното востание во септември 1923 година и беа убиени и уапсени илјадници бугарски работници, селани и интелектуалци. Таа банда ги истреби старите независни македонски револуционери во Горна Џумаја во 1924 година. Нејзините главорези беа искористени за убиство на повеќе од 2000 работници, селани и интелектуалци во врска со провокаторскиот атентат во „Св. Недела“ во април 1925 година. По налог на бугарскиот фашизам тие подло го убија великанот на македонското револуционерно движење Димо Хаџидимов, храбриот македонски пратеник Христо Трајков, многу македонци со поинакво мислење, како и такви славни дејци на работничкото движење во Бугарија, како работничкиот пратеник Напетов.

Не може да има успешна борба против националното угнетување и за ослободувањето на македонскиот народ без конечно изолирање од македонските маси на таа штетна банда, без целосно онеспособување на нејзината предавничка улога во македонското движење и во внатрешниот политички живот на Бугарија.

Долг на македонската емиграција во Америка, како и на македонската емиграција во самата Бугарија, е да дејствува со сите сили за поскоро остварување на таа задача, поддржувајќи ги напорите на ВМРО (Обединета) за сплотување на сите вистински револуционерни македонски сили.

Само единствена револуционерна борба на македонскиот народ во најтесен сојуз со работниците и селаните во Бугарија, Југославија и Грција може да ја доведе до победа македонската ослободителна револуција.

Само советскиот систем, како што го покажува блескавиот пример на големиот Советски Сојуз, може да го обезбеди конечното национално ослободување и целосно национално обединување.

Од сето мое срце ви посакувам најголеми успеси на вашиот конгрес во тој дух.

Г. Димитров

Резолюция на Четвъртия конгрес на Македонския Народен Съюз в Америка по отчета на цитирания комитет за дейността му през организационните 1933-1934, с. 1-4. ЦДА, КМф – 36/780 18. Ксерокопие. Печатно. Вж. ЦДА, ф. 146 б, оп. 2, а.е. 313, л. 1-3.

Слични Објави