РАНИ КУЧЕ ДА ТЕ ЛАЕ-КРАТОК РАСКАЗ ЗА ТОА КАКО СТАНАВ „ВЕТОВИСТ“

Пишува: Маузер

Насловот на мојата денешна колумна доволно добро објаснува за што ќе пишувам и на каде одат моите размислувања. Самиот лично до пред кратко време бев доста против ветото и го сметав за беспотребен инструмент кој неповратно ќе ги оштети бугарско-македонските односи. И во мал дел тоа сеуште е вистина, но колку повеќе влегувам во дискусија и го опипувам пулсот на народот, толку повеќе влегувам во кампот на „ветовистите“ каде што во моментов можеби сум и длабоко „зацапан“.
Секако дека како граѓанин на Македонија (РСМ), не ми е во интерес мојата држава долго време да биде надвор од ЕУ и би било пожелно државата да ни се движи кон таа насока со убрзано темпо. Во исто време, како македонски бугарин, исто така ми е во интерес односите помеѓу двете држави да бидат на што повисоко ниво. Нормални, неоптеретени и пријателски односи и што поголема културна размена, помеѓу два навидум блиски народи. Сето тоа звучи одлично на хартија и како најголема пречка кон тоа е очигледно ветото кое ни голем број од македонските Бугари не го поддржуваат. Што на површината на работите е сосема разлибливо, но кога ќе се загребе таа површина многу наивно.

Идејата на тие кои што се против ветото е дека се што фали за добри односи помеѓу Бугарија и Македонија е Бугарија да биде поприсутна во Македонија. Да влијае културно, економски, спортски итн. И со тек на време да ги олабави Македонците кои би требало да изгрaдат позитивно мислење за Бугарија и Бугарите, кои 80 години се прикажувани во најлошо светло. Тоа спуштање на гардот некои од нив се надеваат дека ќе доведе до полесно прифаќање на историските вистини и потенцијално до „ре-бугаризација“ на Македонија. Основа за тоа е примерот со Србија која што има огромно културно влијание врз Македонија и која Македонците ја приемаат за најблиска. Втора основа пак се личните примери каде што секој од нас кој бил „конвертиран“ или „конвертирал“ некого го направил тоа со многу разбирање и меко, полека, чекор по чекор за разлика од конфронтирањето кое само создава поголем отпор. Тој отпор некогаш станува толку силен, па соговорникот дури и зацапува во целост во длабоките води на србоманијата и гркоманија каде што му се згадуваат сите македонски херои. И третата работа е загриженоста дека Македонија оди со блокадата поблиску до Белград и Москва геополитички. Се тоа е легитимно, но под првшината многу наивно, па ајде да видиме зошто мислам така.

Прво, не знам колку сте приметиле, но интересното е што во моментов најголемите анти-бугари во Македонија го зборат истото. Тие постојано зборат како Бугарија не знае што прави, па дека пропуштиле златна шанса да влезат во Македонија на сите полиња, дека само ги изгубиле неповратно Македонците ликувајќи над ветото на некој начин иако реалноста е дека се повеќе од загрижени. Тие се толку самоуверени и самите предизвикуваат Бугарија повеќе да се фокусира на инфраструктура, култура, економија, спорт и што се не. Зошто делуваат така самоуверено, барем од надвор? Па затоа што се свесни дека сите такви иницијативи на Бугарија нема да вродат со голем плод! Бугарската музичка и филмска сцена нема да зависат од тоа да им се отвори македонскиот пазар, бугарската економија е веќе доста навлезена и Бугарија е 6ти најголем трговски партнер на Македонија (втор најголем извозен партнер!) и голем дел од регионалните центри се наоѓаат во Софија. Исто така инфраструктурната поврзаност само ќе го олесни шопингот и еднодневните екскурзии, но Софија никогаш нема да го замени Солун во однос на пристапност и привлечност. Тие се свесни дека сите такви инцијативи ќе вродат со мал плод се додека се оставени да делуваат антибугарски во сите други полиња додека во исто време постојат мал милион разни инструменти за да се блокираат разните инфраструктурни и бизнис иницијативи.

Тука доаѓаме и до втората точка, а тоа е делувањето на Србија. Често слушаме дека Македонците на практика биле Срби со говорна маана затоа што гледале Зведе Гранда и мал дел од нив сеуште навиваат за Партизан и Звезда. Вистина, Македонија е веќе 100+ години под културна доминација од Белград и српско-хрватското говорно подрачје, па пак Македонците не станаа Срби колку и да сака некој да не уверува во тоа. Србија е гледана како пријателска земја, но 1-2 лоши потега на Србија или ако Србија реши да си дојде по своето во „Јужната Бановина“ да видиме дали ќе останат толкави миленици. За разлика од некои овдешни Бугари кои потајно се надеваат дека ако Азис настапува во Македонија секој втор викенд Македонците ќе станат Бугари, Србите немаат таков интерес. Интересот на Србија е да ги држи Македонците што подалеку од (ре)бугаризација и да го одржува македонизмот што по автоматизам ги прави Македонците да се чувстуваат сигурно околу Србија. Ниту Србите им ги бараат националните херои на Македонците, ниту пак Македонците ги сакаат малкуте дејци на српското четничко движење и српската пропаганда.
Плус, Бугарија колку и да сака не може да ја замени српската музичка/фимска сцена на пазарот. Може да се избори за дел од колачот, но да ја истисне не може. Процесот на урбанизација кој културно не дефинира во овој момент ние го поминавме во државна заедница со Србија и бодликава жица кон Бугарија. Сеќавањата на екс-ју хитовите не може да се заменат.
За разлика од Србија го немаше луксузот на стогодишно непредизвикано влијание,а доминацијата на српската музичка/филмска сцена се познава дури и во Бугарија. Тоа е и на некој начин логично кога ќе ги ставиме работите во перспектива, а тоа е дека српско-хрватското говорно подрачје брои околу 30 милиони со дијаспорите, додека бугарското 10 милиони во најдобар случај. Поголем пазар, полесно оставарување на економија од обем и поголем кванитент од кој што излегува квалитет. Во исто време српско-хрватскиот свет беше цело време отворен кон западот, па сите западни трендови влегоа преку Србија и Хрватска на балканот, а Бугарија помина децении позади железната завеса.

И на крај доаѓаме и до третата точка, а тоа е дека веќе имаме големо бугарско влијание кое не дава плод. Како што споменав погоре, Бугарија е еден од најголемите трговски партнери на Македонија, а тоа ќе се зголемува понатаму. Бугарија има преку 100.000 свои државјани тука, голем дел од колите ги возиме на бугарски таблички, имаме стотици студенти во Софија, со интернетот се отворија сите пристапи за бугарската музика, јазик и филм и пак Македонците сеуште ја приемаат Бугарија за непријателска земја. Бугарија дури и кога правеше големи пријателски гестови како првото меѓународно признавање и лобирање да се признае Македонија, гест како заканата со војна ако Србија се реши да прати тенкови кон младата македонска држава, подарок на тенкови во момент кога Македонија располага со тек неколку Т-34 од ВСВ, отворена граница за време на меѓународното ембарго врз Југославија и грчкото кон Македонија, избавување од сиромаштија на илјадници македонски семејства и пак ништо не доби. Во муабети со Македонците, а и според македонските политичари, тоа биле некакви си прикриено непријателски гестови со цел да се асимилираат Македонците или да се саботираат. Посмешно од тоа како се извртува поклонот на речиси 100 тенкови во нешто негативно затоа што после тоа Македонија ја чинело пари да ги стопи за старо железо нема. Кога би бил груб би можел да кажам дека некој начин за Бугарија важи поговорката „рани куче да те лае“. Кога ги имаме сите примери на пружана рака и упорен анти-бугаризам како да се надеваме дека ако Бојко прати 10.000 вакцини или Галена одржи концерт во Струмица дека нешто ќе се смени? Ако на индивидуално ниво функционира добротата при „конверзиите“, тоа истото тешко да може да се емулира на ниво на држава/нација. Нормално дека би било добро Бугарија да е присутна во повеќе сфери во Македонија, дека порелаксирана клима е добра за сите нас од двете страни на границата, но Бугарија може и со ветото да ги прави истите работи. Нема да бидат еднакво примени, но Грција не ја спречи грчкото вето да навлезе во целост во македонскиот бизнис секотор и да не направи во ранг на грчка колонија.



Коренот на македонско-бугарскиот проблем е друг, а тоа е искрвиената историска перцепција и нејзиното фалсификување. Македонија и покрај 30 години независност нема ниту 1 цм променето во својот историски наратив кон Бугарија, Бугарите, а уште повеќе кон македонските Бугари. Во Македонија се уште имаме негирање на бугарскиот идентитет на дејците на ВМОРО и на преродбениците. Имаме негирање на средновековната бугарска држава, се премолчуваат цели делови од историјата и се учи дека Бугарите тука биле пандан на Германците во Полска. Како банален пример сеуште се сеќавам на часовите по историја каде што ни професорот ни кажуваше дека предавниците врховистите ги нас‘скале Македонците да се дигнат на востание со цел да ги остават на цедило и да изгинат додека се премолчува дека истото востание е дигнато и во Одринска Тракија. И сега покрај сите сопки и непријателства, па уште се дрзнуваат Бугарите да ни ги присвојат Гоце, Даме, Самоил, Миладиновци, Шапкарев и др. Замислете како тоа делува на еден млад човек кога го учи и чита. Како е возможно некој Македонец после 12 години образование да има тронка симпатија кон Бугарија?

Се додека во Македонија се учи дека Бугарија е некаков шејтан кој секогаш ги саботирал Македонците, секогаш делувал подмолно со цел да ги изигра и асимилира, кој бил жесток окупатор што само убивал и силувал до тогаш нема да може да се тргне напред. Се додека Македонците чувстуваат дека Бугарите на некој начин им се должни за некакви си историски гревови нема да има пријателство. Да е ситуацијата потрагична тие учења немаат ни допир со вистината. Ајде да е голем дел од тоа историска вистина, па да се каже дека е неправедно менувањето на историскиот наратив. Ние тоа не можеме уште да го објасниме, а уште помалку и дека „присвојувањето“ на Гоце, Даме и другите не е од некаков си каприц, туку врз основа на личните пишувања и делувања на истите. Да не зборувам дека нема никаква ни рехабилитација ни каење за трагичните судбини на Чакатрови, Ѓузелов, Дрангов и илјадници други чиј грев беше тоа што си беа Бугари што по автоматизам ги прави одродени предавници кои си го заслужиле добиеното. Колку е само тоа комично, илјадници личности од македонската историја се избришани или обележани како врховисти и предавници поради нивната бугарска свест, а се игнорираат илјадници страници документи каде што „светлите личности“ го изјавуваат истото.

Додека во Македонија нема ревизија на историскиот наратив и учебниците и не се признае јавно дека работите не биле како што не учеше југословенската номенклатура нема основа за пријателство. Македонија и Македонците мора да поминат низ катарза и да се помират со „бугарштината“ на нивните херои. Кога ќе помине некое поколение кое ќе израсне свесно дека нашата и бугарската историја се испреплетени, дека Бугарија секогаш историски ни била најголем пријател и дека во најголем дел нашите претци и херои се сметале за ист народ ќе можеме да зборуваме за пријателство. Ако треба вето тоа да се случи нека биде вето.

Никој од Македонците не треба да бара да станат Бугари или да бара начин како тие прикриено и низ културата да се претворат во Бугари. Тоа е на крајот од краиштата нечесно. Македонската нација е факт и Македонците се во целост оформен народ кој што сака да тера по свој пат. Премногу вода има поминато под тој мост и таа желба е сосем легитимна, но важно е да се знае вистината и да се признае минатото такво какво што било. Бугарското минато не мора да е гарант за бугарска сегашност и иднина и тоа е пораката која што треба да се испрати до Македонците. Убаво е да имаме повеќе бугарска музика во Македонија и обранто, но искрени пријатели можеме да бидеме тогаш кога ќе се расчистат сите сметки. Додека Бугарија може да поработи на реториката и на презентацијата на својот случај, во принцип не греши и нејзините барања со мали исклучоци се сосем разумни.