РЕМЕНСКИ БАРА ИЗЕМАЊЕ НА РУСКОСКА ОД СЛУЧАЈОТ „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“
Фросина Ременски, третообвинета во случајот „Меѓународен сојуз“, заедно со Бојан Јовановски-Боки 13, бара да се изземе обвинителката Вилма Русковска од случајот, бидејќи, како што рече, постојат цврсти докази дека „во сите фази на предистрагата и истрагата има селективност во постапувањето преку кршењето на правата на одбраната, но и во делот на попречување на правдата“.
Како една од причините за изземање, Ременски наведе дека Русковска вршела незаконски претрес во нејзиниот дом.
„За ова постојат повеќе од 16 докази приложени во барањето за изземање до државниот јавен обвинител, за што е прифатена и тужба до Судот за човекови права во Стразбур. Очекувам државниот јавен обвинител да ги разгледа совесно и професионално да одлучи за нејзино изземање како застапник на обвинението, во контекст на мене и на сите во случајот, затоа што се сомневаме дека сериозно се загрозени независноста и објективноста на постапката“, рече Ременски.
Tаа како почесен претседател на „Меѓународниот сојуз“ е обвинета заедно со Бојан Јовановски како претседател, Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ како потпретседател, таткото на Јовановски, Миле Јовановски, и неговата асистентка Христина Блажеска. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски, како почесен претседател на невладината организација, е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се товари за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. При претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола.
Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови преку „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски-Боки 13 и ги оштетиле со повеќе од милион евра. (Повеќе на Макфакс)