Републиката во пламен

//

Пишува: Владимир Перев

Беше еднаш еден Љубиша Георгиевски, солиден режисер и вешт дипломат. Знаеше да направи нешто за сите да го прифатат и да каже нешто за сите да мислат дека е нивно. Го сними филмот “Републиката во пламен“ (1969 г.), за оттогаш, па се до сега, пламенот, буквално и преносно, да не се угасне. Гореа планините во Македонија и никој немаше да ги угасне. Гореа македонските автобуси со живи луѓе, никој не ги угасна. Гореше тетовската болница, никој не се спаси, исто како и од автобусот. Да не заборавиме “гореше и изгоре“ и Ристо Шишков и без оглед на сѐ, “потпалувачот“ не се најде! Оние од Лустрациска бааги се потрудија, ама резултатот беше половичен. За автобусот на Струма, никој не се потруди, а за несреќниците во Тетово имаше и “меѓународна истрага“, ама резултатите, мислам одговорноста, се нејасни.

Покојниот Зоран Тодоровски велеше дека пламенот на републиката во Крушево бил вистински и трагичен, ама писанијата за Манифестот биле лажливи, неточни и биле обична измислица на Никола Киров-Мајски. Човек кој бил на линијата на македонизмот, ама живеел од бугарски пари, пензија и привилегии. Многу човечки! Нелогично, ама врши работа, да го парафразираме нашиот Ѓорѓе.

Деновиве пак двајца со нејасни биографии и припадности, ја матат водата македонска и внесуваат нови недоумици. Кирил Петков е премиер на Бугарија, ама образован во Америка, на Харвард. Има канадско државјанство. Нормално, има и бугарско. Говори бугарски малку по добро од мене, нешто кое не треба да го радува. Присуствуваше на отворањето на Клубот “Ванчо Михајлов“ во Битола, како чин на взаемно разбирање меѓу Македонија и Бугарија. Потег нужен за почеток на пристапувањето на Мкд кон ЕУ. Изразена е почит кон личноста на Ванчо Михајлов, човекот кој по 1934 година немал никаков пасош, ама живеел низ цела Европа. Некои велат дека се криел, ама јас тврдам дека бил најслободниот човек на европските пространства. Слободна мисла и творештво, незаробен, неокован дух, наспроти перспективите на стандардизиранито квазилибералистичко ропство.

Клубот го запали “ламбе“, грчкиот израз за “светлина“ и ја осветли целата наша, македонска недоветност, сите наши заблуди и лажни придобивки од неостварената желба за слобода. Стана македонскиот (квази)херој на неостварените наши амбиции. Фрустрирачка неспособност да се препознаеме. Расчекор меѓу реалниот живот и нереалните помнења за себе сѝ.

Ламбе има допирни точки со Петков…двајцата функционирале во Америка, таму се воспитувале и двајцата имаат по две државјанства. Просто речено, и двајцата се дводомни. Двајцата се во секојдневно преиспитување, на кој “дом“ припаѓаат. За разлика од нив, Михајлов од раѓањето па до 1934 година има само едно државјанство, а потоа ниедно како документ…засекогаш си останал револуционер и македонски бугарин. Неговиот живот по 1934 година не е бегство, не е емиграција, не е времен престој некаде по светот. Тој е само физички некаде, тој е секогаш тука, во Македонија и ја дели несреќната судбина на македонските бугари.

Животот знае да биде гротеска. Еден чалгаџија (осветителот Ламбе) и еден харвардовец ги измачуваат истите дилеми на сопствената припадност. Оној од Харвард сака да биде “светски“ човек, а чалгаџијата од Преспа, сака да биде патриот, спасител на својот народ од “фашизмот“. Околу Клубот им се судираат интересите. Амбициите им се слични. Тука некаде се замешуваат и нашите удбаши, оние од Агенцијата, која кобајаги треба да ја контролира председателот Пендаровски. Вторите се оние од (не)трансформираната УДБ-а, кои треба да ги контролира премиерот, а сите да се под контрола на Парламентот. Сите знаеме-нив никој не ги контролира, барем не од Македонија. Тие се инструирани од надвор и тоа трае во последниве осумдесетина години.

Конечно, “ламбе“ ја носи светлината на својот народ и го пали Клубот, а на органите на безбедност им требаат неколку денови да го открие потпалувачот во сопствените редови.

Генчовска, иако во оставка, пак ќе доаѓа во Македонија. Овдека имаме информативен мрак, или барем, лесно речено, премолчување на фактите. Затоа, нека го потсети колегата Османи на писанијата и осудите на Стејт Департментот за палежот во Битола, за острата, дури и груба реакција на Макрон за истата работа, и за соопштението на, обично молчаливото ОБСЕ, со осуда на злосторот…баш така, злосторот. Тоа да се уточни.

Јасно да се каже дека разговорите Генчовска-Османи тргнале по нагорна линија, кон заеднички позиции за дејствување во иднина. Да се соопштат позициите на партиите, пред сѐ на ДПМНЕ за тоа дали изборите кои ќе следат се поважни од реализацијата на Договорот. Конечно, да му се оддаде признание на чалгаџијата за “пламеното затоплување“ на преговорите. Правосудството да преземе соодветни дејствија. Слободно нека му го укинат притворот. Несреќникот нема каде да бега. Каде и да оди, секаде го чека тешка осуда, морална и затворска. Во Америка најтешка. Може, евентуално во Србија или Русија, тие го прибираат “гарбиџот“ од цел свет…само таму треба да се плати. Пасошот, посебно американскиот, нема никаква важност.

“Паметните“ глави во некои наши партии ангажираат дел од членството, да се изјаснат како бугари, Знаат, ќе дојде тој ден, денот на промена на Уставот. Ќе биде наскоро и тие се организираат. Целта е да се “преклопат“ вистинските бугари. Ама, и ние сме го читале Гогољ, знаеме за Чичиков и слатко се смееме на таквите глупости. Илузија на неспособните лидери која нема да мине. Инфилтрација на кукавичино јајце во седелцето на бугарската птица. Е па, заради ваквите глупави размисли, ние сме таму каде што ни се смее целиот свет.

Безскрупулозниот диктатор Слободан Милошевиќ, во својот патолошки антимуслимански израз направи војна во СФРЈ и најтешката, во БиХ. Победија муслиманите и денес таму, со заслуга на Милошевиќ се инсталира ислам со корени и позиции од Техеран и Ријад, досега невидена појава на овие пространства. Македонското антииалбанство, основната одлика на србокомунизмот во Македонија, длабоко насадено од белградските инструктори, доведе до војна во 2001 година. Македонија загуби, а денес македонските албанци се единствениот решавачки фактор во земјата. Ова србоманство денес, оваа антибугарска хистерија со децении насадувана врз обичниот македонски човек, ќе ја донесе идната инсталација на бугарскиот елемент на македонската почва, таму каде што е најзаслужен и единствено логичен. Може би нема да биде во блиска иднина, но албанците и бугарите ќе владеат со Македонија, или нема да ја бидне. Историјата не учи на тоа. А меѓународната заедница веќе го крева својот глас за одговорност на политичарите и “структурите“ во земјава, а Белград не може да помогне.

Вучич го имитира Путин во Охрид, дека кирилицата дошла од “ова место“, ама тоа просташтво не минува. Да, кирилицата дошла “од Охрид“, ама нашата азбука дошла од Белград, тоа е барем јасно.
Да се помилува чалгаџијата, тоа е барање на сите разумни луѓе. Нему не може да му се суди. Ист е законот насекаде во светот, се судат само разумни луѓе, во потполна свест. Ама, пламенот што го запали “ламбе“, ја осветли целата наша лажливост и неподатност на промени. Казните допрва ќе следат, а несреќниот “дводомен“ потпалувач ќе продолжи со концертите. Таму му е местото. Не знам каде ќе оди другиот “дводомен“, Петков. Ќе го примат насекаде, тој и така не завршил никаква работа.

Љубиша Георгиевски ни се смее некаде од оној, другиот свет, републиката ни е во вистински пламен, а Врабевски се подготвува да ја санира штетата на Клубот со сопствени средства. Кој ќе ја санира штетата на државата, прашање е сега…





Претходна статија

Проф. д-р. Даниел Вачков: Нашите колеги од РС Македонија се соочени со огромен проблем во однос на историските извори

Следна статија

(Видео) Перев: Антибугаризмот ќе ја запали Македонија

Најново од Истакнато

Ковачев: На местото на спомениците на окупаторската Црвена армија во Софија и во Пловдив да се постават споменици на Левски, Ботев, Гоце Делчев, Тодор Александров и Ванчо Михајлов

Бугарскиот европратеник од редовите на ГЕРБ-СДС Андреј Ковачев, даде интересна идеја за тоа што треба да

Туѓа влада

Facebook статус на Никола Димитров Новата опаковка на предлогот е апсолутно истиот непоправлив дебакл со кој