Ридот Голак- рајска убавина и поглед кон три планини Пирин, Родопи и Рила
Со поглед на три планини, ридот Голак над градот Разлог во Бугарија е еден од туристичките локалитети кои на посетителите им нудат можност да ја допрат природата, а неговата предност е непосредната близина до градот. До него води панорамската патека „Стапалата“. Еко-патеката има повеќе од 50 места за рекреација и одмор и 30 места за набљудување, што на секој посетител му дава можност одозгора да ужива во убавината на Разлошката долина.
Патеката е „посеана“ и со информативни табли кои на посетителите им откриваат дел од историјата на Разлог, природните убавини, културата. Знак на самиот почеток на алејата кажува дека по оваа патека на 11 октомври 1912 година бугарската војска влегла во Разлог и го ослободила градот од османлиската власт.
Разлог неминовно се поврзува и со чаушите, како што се нарекуваат овде кукерите, со нивните прекрасни носии и шпицести капи. Тие се главен лик во локалниот староновогодишен обичај „Старчевата“, а место наоѓаат и на патот за Голак.
Качувајќи се по скалите на панорамското шеталиште, посетителите се запознаваат со најстарата историја на областа. Еко-патеката нуди и мноштво информации за локалната флора и фауна на начин што е интересен и за помладите посетители. На самиот крај на патеката има неверојатна глетка од 360 степени кон планините Пирин, Родопи и Рила.
На врвот има амфитеатар, места за рекреација, а најатрактивен објект е 12-метарската кула со поглед кон планините кои го опкружуваат просторот.
Искачувањето до Голак трае околу половина час, а местата за одмор лоцирани низ патеката им овозможуваат и на најмладите туристи да уживаат во прошетката и глетката што се отвора од врвот на ридот.