| |

Рускиот однос кон Македонија и македонското национално прашање

Историски познати факти.

Трансисториски, односот на руската политика ( дипломатија), кон македонското национално прашање ( Македонија), од моментот кога тоа било актуелизирано, односно од неговата појава во втората половина на 19-тиот век, до денеска претежно историчарите ја оценуваат за негативна, со ретки исклучоци. Без разлика, дали тоа било Руското царство, Советскиот Сојуз (СССР), или денешната Руска федерација ( РФ), дипломатската политика  на официјална Москва, како доминантна геополитичка велесила, особено во 19-тиот и 20- век, имала голем удел во обликувањето на балканската историја, прекројувањето на балканските граници, а со тоа и во уредувањето на статусот на Македонија, како една од најважните балкански сфери на интерес. Од  средината на 19 век, кога официјално преку  спогодбен пишан документ, рускиот цар Александар I , и тогашниот австроунгарски министер за надворешни работи Андраши , прво се договориле за создавање на кнежество Македонија, во етногеографските гранични рамки, во тесна царинска унија со Австро-Унгарија. Договорот не бил испочитуван, токму од страна на руското царство,  кога со нивна голема воена, дипломатска, логистичка и финансиска помош  ја создале Санстефанска Бугарија, во чии рамки била вклучена и Македонија.  Изоставувањето на „ братската руска помош“ кон востаниците во Кресненското и Разловечкото востанија, потоа  во големото Илинденско-Преображенско востание, и  на крајот,  арбитражата на рускиот цар во 1913 година во Букурешт, кога завршиле балканските војни и се раздробила етногеографската територија на Македонија помеѓу соседните држави, кој бил  официјален гарант е низа  од историски настани/ обиди преку востанија на македонското население за ослободување од Отомански јарем, во кои се гледа негативната улога на руската империја  во однос на македонското национално прашање.  Овој хронолошки историски приказ за улогата на руската дипломатија, и официјална политика, ни дава за право да констатираме дека Русија во тие историски периоди, македонското национално прашање, а со тоа следствено и Македонија, ја поимале како „ монета за поткусурување“, во територијалните апетити за проширување на соседните балкански држави ( Грција, Бугарија и Србија во прв план), кои , токму  во некој случај директно, во некој индиректно токму со помошта од „ големиот словенски брат“, тие се избориле за полна национална и политичка слобода од Отоманската империја.

Пропаста на обединувањето на Пиринска Македонија кон НР Македонија.

Многу историски текстови и книги се објавени на обидот за обединување на Пиринскиот дел на Македонија, кон штотуку формираната НР Македонија, која после Втората светска војна, на историскиот дел на Вардарска Македонија, за прв пат се формирала  како политичка заедница на Македонците, со своја политичка власт, и свои институции на системот.  Исто така се  создал  и нормирал   посебен кодифициран македонски литературен јазик, како рамноправен конститутивен елемент на новофомираната СФР Југославија. Историчарите ги наведуваат и Бледските договори на највисоко ниво  водени помеѓу Јосип Броз Тито, како највисок врховен лидер на Југославија, и Георги Димитров, поствоениот комунистички лидер на НР Бугарија. Историските факти ни говорат за сериозен обид за создавање на блиска конфедерација помеѓу овие држави, процес, кој би донел „ припојување на пиринскиот дел на Македонија кон НР Македонија“. Не случајно, поствоено во Благоевград ( Горна Џумаја), Петрич, Сандански ( Св. Врач), биле испраќани учители од НР Македонија, актери во театарот во Благоевград, македонски културни друштва, како подготовка на населението за „ обединување на Вардарска и Пиринска Македонија“. Поствоениот попис во Пиринска Македонија, официјализира огромно присуство на декларирани етнички Македонци по долината на реката Струма, во пиринскиот крај, над 80 % од попишаните. Труењето на Г. Димитров во Москва, при неговата  официјална посета  на Ј.В. Сталин се перцепира како „ операција“ за спречување на договорената  конфедерација помеѓу Југославија и НР Бугарија, а со тоа и пропадната последна историска можност за „ обединување на двата дела на Македонија“.

Беневолентноста на КРЕМЉ кон Република Македонија.

Освен официјалното признавање на дипломатска Москва, под уставното име Република Македонија на нашата држава ,  Руската федерација во изминатите 25 години не појавуваше особен интерес за Република Македонија, како држава  која не влегува во нејзиниот геополитички радар. Тектонското поместување на сферите на влијание , порастот на моќта и улогата на В.В Путин на светската политичка сцена  и  судирот на Западот ( САД, НАТО, ЕУ) со Истокот ( Русија, Кина, Турција), Македонија и земијите на Западен Балкан, ги стави на „ жешката линија на огнот“, во прераспределбата на „ новиот светски поредок“. Зачестените изјави на високи претставници на Москва за идниот статус на Македонија ( Сергеј Лавров), се само израз на одново руско „ поткусурување“ со политичкиот статус на Република Македонија во евроатланските сојузи ( ЕУ/НАТО). Република Македонија, Република Српска и Република Србија, се последниот „ руски“ бедем пред заокружување на целокупноста на евроатлантскиот проект, преку  интеграција  на  последните балкански држави од Западен Балкан. „ Руската мечка“, со својата  „ мека моќ“, преку дипломатско-политички, економско- бизнисни, културолошко-спортски и други влијанија, ќе се обиде овие земји, вклучително и Република Македонија да ја држи на „ кратко дипломатско јаже“, спречувајќи ги намерите и интенцијата на нејзините граѓани за полноправно членство во ЕУ и НАТО.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки

Слични Објави