|

СДСМ: Алармантно, над 20 милиони килограми грозје стои неоткупено

На денешната прес-конференција претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ, Трајан Димковски, предупреди на алармантната состојба со откупот на винското грозје.

„Бербата е при крај, а повеќе од 20 милиони килограми грозје се уште стојат неоткупени. Лозарите се оставени сами, без поддршка од власта и во исчекување дали нивниот род ќе биде откупен,“ изјави Димковски.

Тој истакна дека доколку грозјето не се откупи во следните денови, ќе дојде до пад на квалитетот и тежината, што според него отвора сомнежи дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ намерно дозволува ова за потоа родот да биде купен по многу пониска цена.

„Владата не ги заштити лозарите, ги остави на цедило и дозволи винариите да манипулираат и со цените и со откупот,“ нагласи тој, додавајќи дека ветувањата за целосен откуп остануваат само на хартија.

Според СДСМ, најавата дека винаријата „Вардар“ ќе го откупи целиот вишок е нереална, бидејќи таа последен пат откупувала во 2020 година со капацитет од едвај 7 милиони килограми, далеку од потребните 20 милиони.

Димковски го повика премиерот Христијан Мицкоски лично да се соочи со лозарите и да понуди реални решенија: „На лозарите не им треба нов Свед Милк или ново Повардарие, туку вистинска поддршка и конкретни решенија.“

СДСМ обвини дека владејачкото мнозинство го блокирало нивниот предлог-закон за дополнителна поддршка од 3 денари по килограм грозје, како и укинување на можноста за намалување на откупната цена за 8%.

„Владата покажа целосна незаинтересираност за една значајна земјоделска и извозна гранка од која живеат над 11.000 семејства,“ заклучи Димковски, најавувајќи дека СДСМ ќе продолжи да се бори за правата на лозарите, за фер услови и за нивната иднина.

Слични Објави