|

СДСМ: Бараме локален референдум за рудникот со антимон и исполнување на клучни услови

СДСМ бара за најавата за отворање рудник со антимон во кривопаланечко Луке да има поширока јавна дебата и директно изјаснување на граѓаните преку локален референдум.

Од партијата посочуваат дека станува збор за сериозно прашање кое се однесува на тоа како државата одлучува за своите ресурси, за здравјето на граѓаните и за иднината на локалните заедници.

„Особено што на пример, старото еколошко жариште Лојане со децении стои нерешено, а во исто време се најавува нов рудник за антимон“, се наведува во соопштението.

СДСМ нагласува дека не е против инвестиции, но дека моделите не смеат да бидат насочени исклучиво кон профитот, со висок ризик по здравјето на граѓаните.

„Не може да се зборува само за економска корист која не е сигурна. А при тоа никој да не зборува за загадувањето и опасноста по луѓето, за цената на загадена вода, за цената на заболени луѓе и за цената на уништено земјоделие. Тоа не се бројки во извештаи, тоа се последици кои траат со генерации“, велат од партијата.

Оттаму додаваат дека доколку државата не може да го реши Лојане, „нема кредибилитет да отвора нови рудници“.

СДСМ бара граѓаните да бидат вклучени во процесот на одлучување преку јавни расправи со реално влијание, локален референдум и учество на стручната и локалната јавност.

Партијата наведува дека за вакви проекти мора да бидат исполнети неколку клучни услови:

Владата итно да ги реши постојните еколошки жаришта, Целосна транспарентност – јавно објавување на договори, економски параметри и студии, Детални информации за фирмите вклучени во проектот, Затворен еколошки систем без испуштање во почва, вода или воздух, Финансиска гаранција однапред обезбедена од инвеститорот, Независен мониторинг со јавни податоци во реално време, Директен локален бенефит за општината и граѓаните, Континуирана здравствена заштита финансирана од инвеститорот.

„Доколку овие услови не се исполнат, тогаш подобро е да нема рудник“, се додава во соопштението на СДСМ.

Слични Објави