|

СДСМ: Стандардот на граѓаните постојано се намалува а власта одбива да ги покачи платите

На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, предупреди дека животниот стандард на граѓаните континуирано се намалува од месец во месец.

„Животниот стандард на граѓаните од месец во месец постојано се намалува. Најновите податоци покажуваат дека висината на синдикалната кошничка во месец август достигна 65.507 денари,“ истакна Кузеска.

Според неа, најголем дел од трошоците на домаќинствата се за храна и пијалоци, во износ од над 24.064 денари, а дополнителен товар се трошоците за домување, комуналии и хигиена.

„Во исто време платите стагнираат, власта упорно одбива да ја зголеми минималната плата на 500 евра, одбива да ги прифати предлозите за покачување на платите во останатите сектори,“ нагласи таа, додавајќи дека „двајца вработени со минимална плата во едно семејство немаат доволно пари да ги покријат месечните трошоци. За да се покрие синдикалната кошница потребни се 2,7 минимални плати.“

Кузеска оцени дека дури и семејства со двајца вработени не можат да обезбедат пристоен живот. „Европската статистика покажува дека дури 55% од македонските граѓани не можат да си дозволат одмор. Тоа е уште еден доказ за поразителниот стандард во кој живеат граѓаните на државата,“ рече таа.

Таа предупреди и на драматичната состојба со сиромаштијата:
„Стотици илјади граѓани бројаат денови до следната плата, не знаат дали ќе им стигнат пари за сметки и за храна, родители од месец во месец пресметуваат што да скратат за да преживеат. Младите наместо да планираат иднина дома, се повеќе сакаат да се иселат од државата.“

Во своето обраќање, портпаролката истакна дека куповната моќ на граѓаните за една година е намалена за над 20%. „На последно место во Европа сме по куповна моќ, a Македонија е на листата на најсиромашни земји,“ рече таа, обвинувајќи ги „промашените економски политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатата година.“

„Народот врзвува крај со крај, а власта се луксузира со манго, папаја, луксузни патувања со приватни авиони,“ додаде Кузеска.

Таа заклучи дека граѓаните заслужуваат подобро од „криминална влада која ги остава сами да се борат со сиромаштијата и со енормните сметки“ и побара:
„Потребни се итни мерки за раст на платите, намалување на трошоците за живот и вистинска грижа за стандардот на граѓаните.“

Слични Објави