СЕ ОДЛОЖИ СУДЕЊЕТО НА ЈАНЕВА ПРОТИВ БОКИ: ГО ТУЖИ ЗА 22 ФОТОГРАФИИ ШТО ГИ НАПРАВИЛ БЕЗ НЕЈЗИНО ЗНАЕЊЕ

//

Бојан Јовановски – Боки 13 е сè уште во болница по операцијата на желудникот минатата недела. Излегол од интензивна нега и сега е во болничкото одделение во болницата Св.Наум Охридски, поранешна градска болница.

Тоа беше и причината што денеска тој по повеќе од три месеци не се соочи во судница со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Денеска тие требаше да бидат на спротивните страни во судницата наместо заедно на обвинителна клупа како што јавноата ги гледаше во случајот Рекет.

Во судскиот процес кој требаше да стартува, Јанева по приватна тужба го гони Јовановски за неовластено снимање.

Поранешната специјална обвинителка ја поднесе тужбата на 12 март уште додека траеше судскиот процес за Рекет во кој обвинителката Вилма Русковска презентираше повеќе фотографии и кратки снимки направени со мобилниот телефон на Боки, а на кои се гледа Јанева.

Денеска ниту таа не беше спроведена во судот, а нејзниот адвокат Дељо Кадиев најави дека веројатно нема ни да доаѓа на рочиштата туку ќе ја застапува тој со оглед дека нема таква обврска.

Кадиев пред новинарите кажа дека тужбата против Јовановски ја поднеле за 22 фотографии иако во неговиот телефон имало повеќе. Сите тие беа презентирани на судењето за Рекет како доказ на обвинителството.



Најголемо внимание на јавноста тогаш од нив привлекоа фотографиите и кратките снимки на кои се гледа како Јанева седи во дневната соба од нејзиниот дом во Скопје, а на масичката пред неа има снопче со пари. Имаше и фотографии напрaвени во ресторани и во нејзината канцеларија во СЈО.

Адвокатот денеска изјави и дека на нив како тужители не им е битна казната туку ја поднеле тужбата бидејќи со вакво неовластено снимање се направени фотографии од приватниот живот на Јанева и е нарушена нејзината приватност.

Следното рочиште е закажано на 19 октомври до кога се очекува здравствената состојба на Јовановски да се подобри и да биде испишан од болница и префрлен во затворот во Шутка каде е во притвор од 15 јули лани. Катица Јанева, пак, е во домашен притвор кој од пред неколку дена го издржува во Гевгелија, а не во станот на нејзиниот син во Скопје.

Двајцата се осудени на затворски казни со сè уште неправосилна пресуда за слулајот Рекет. Јовановски на 9 години, а Јанева на 7.

Претходна статија

ПРИВЕДЕНИ 26 ТАНЧЕРКИ КОИ РАБОТЕЛЕ ВО УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТ ВО ТЕТОВО

Следна статија

(ВИДЕО) БЕЛОРУСКИ ДЕМОНСТРАНТКИ ИМ ГИ СИМНУВАА МАСКИТЕ НА ПОЛИЦАЈЦИТЕ

Најново од Вести