Шпиро Копривица: “Во месец мај оваа година, Друштвото Св.Сава ми предложи да работам и да се борам против бугаризмот во јужните предели на српска Македонија
Пишува: Зоранчо Маринков
“На крајот на краиштата, мене ми се чини дека доволно е и тоа, што попот со неговите еноријаши останаа при убедување, дека се Македонци, а не Бугари, како што се нарекуваа до нашето доаѓање”.
Агентот на друштвото “Св.Сава” од Белград, Шпиро Копривица, испраќа писмо до премиерот на Србија, Јован Ристич, на 15 август 1887 год. Во него, Копривица известува за неговата работа во Прилеп, каде што бил испратен да се бори против българщината. Тој предлага Друштвото “Св.Сава” да работи по истиот начин во Македонија, кој што веќе се спроведувал од споменатите во писмото, “двајца Македонци, кои потполно српски дишат”, Наум Еврович и Коста Групчевич, агенти на српската влада во Цариград, под директна контрола на тамошниот српски амбасадор, Стојан Новакович.
“Во месец мај оваа година, Друштвото Св.Сава ми предложи да работам и да се борам против бугаризмот во јужните предели на српска Македонија. Јас како патриот, со задоволство го прифатив предлогот и истиот месец тргнав во Прилеп, со главата во торба.
…”Мојата работа во Цариград се заврши неповолно, како резултат на тоа што, попот (претставник на Прилепската општина што протестира против Бугарскиот екзарх), не сакаше да го признае патријархот, од причина што името “македонска” општина (во спротивност на “бугарска”), не звучеше најпријатно во грчко-патријаршиските уши (Грците сметаат дека Прилеп е нивен). Попот се покажа како обичен македонски превртливец, мислејќи како и мнозинството луѓе: “ако ми дадеш пари, ќе постанам Србин, – ако не даваш, ќе постанам каков сакам”.
На крајот на краиштата, мене ми се чини дека е доста и тоа, што попот со неговите еноријаши останаа при убедување, дека се Македонци, а не Бугари, како што се нарекуваа до нашето доаѓање.
Моите ставови и заклучоци за сѐ што видов и слушнав во Македонија, ги соопштив на Друштвото “Св.Сава” во споменатиот извештај. Но бидејќи гледам дека Друштовото и на тоа красноречиво молчи, принуден сум да го замолам Г. Министер, да ги посоветува уважените господа, да се откажат од подобниот начин на работа, бидејќи тој не само што не е полезен, туку е дури и штетен, бидејќи со тоа ја компромитираат Србија. Друштвото би сакало, и волците да се сити и овците да се цели, но тоа е физиолошки апсурд. Нека Друштвото биде уверено, дека таквата пропаганда ќе остане само “pia desideria”
Еден и единствен начин на работа во Македонија, тоа е постепено помагање на сѐ она, каде се појавува македонско самосознание, бидејќи србизмот засега е наполно опасен. Заради тоа, нема потреба специјални лица да обиколуваат по Македонија: еве во Цариград имаме двајца Македонци, кои покренуваат вестник и кои потполно српски дишат, па Друштвото нека работи преку нив, бидејќи тие знаат скоро сѐ што се случува во Македонија.
Во однос на позитивната работа, јас го дадов моето мислење во извештајот. Сепак, ако Друштвото ќе се занимава, со така да се каже донкихотство, го уверувам, дека јас прв ќе го развеам српското знаме на Марковите кули во Прилеп, но тоа ќе биде само борба со ветерни мелници.
Сметам дека е излишно да повторувам она, што веќе го кажав во мојот извештај, па затоа учтиво го молам господинот Министер да издејствува кај Друштвото, што побрзо да ми ги испрати парите за издршка, бидејќи ни најмалку не мислам да станувам пролетер на српскиот патриотизам, а уште помалку “маченик за идејата” без награда и во исто време нека ми испрати напатствија за понатамошна работа.
Останувам како и секогаш, почитувач на Господинот Министер.
Шпиро Копривица”,
Писмото е публикувано во книгата “Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија. Том IV, книга II, (1886-1887)”, Белград 1986 год.



