СЛОБОДАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ БУГАРИ МЕЃУ ЖЕНЕВА И СТРАЗБУР! (3)
Eпизода: Математичарот – во чест на Х.Л. Борхес и неговиот “магичен реализам“
Владимир Перев
1.
Стразбур не е само градот на Советот на Европа, со огромната зграда низ која се движи една огромна машинерија на административци и политичари, луѓе кои противно на вообичаените верувања кај нас, одлично се информирани за состојбите на Балканот и во Македонија. Прашање е само со која и колкава сила дејствуваат, ама за тоа одговорите се добиваат подоцна, одговори обоени со нашите неспособности и илузии.
Стразбур е град со прекрасна архитектура, мали улички без сообраќај, со одличен јавен транспорт…и најважното, со прекрасни мали кафеани со одлична храна и врвни алзаски вина. Квартот La Petite France е место со неверојатен “магичен реализам“, борхесовски кафеани, разговори и фантазии. Во една таква кафеана седам со неколкумина обични чиновници, административци во Советот на Европа, луѓе без политичко влијание и без право да гласаат, но со извонредно познавање на состојбите кај нас.
2.
Не ми е јасно, ми вели еден млад чиновник, математичар по образование и компјутерџија по занимање, каков е проблемот со влегувањето на бугарите во Уставот на РСМ. Мене ми се јасни бројките, вели тој, ама уште појасна ми е политиката. Ако само ВМРО ДПМНЕ и некои други помали сателитски партии не се согласни со поравнувањето на етничките бугари со сите други етноси во РСМ, тогаш зошто екскомунистите од СДСМ не го стават предметот на гласање во Парламентот, па потоа сите, со лично изјаснување да гласаат. Така ќе се утврди фактичката состојба.
Веќе сме на втората чашка и јас го гледам сомнително. Веднаш му ја објаснувам ситуацијата дека за да се усвојат измените на Уставот, потребно е да се добие квалифицирано мнозинство од 80 пратеници, а при состојба дека ВМРО ДПМНЕ е против промените, а има 58 депутати од вкупно 120, таа работа не може да биде завршена.
Господине, ме прекинува младиот човек, јас знам математика подобро од вас. Сега овде говориме за политика. Нели вие велите дека поголемиот дел од раководствата и на двете партии имаат бугарско државјанство и документи, воедно и бизниси, најчесто со транспорт и трговија, регистрирани во Бугарија. СДСМ има доволно пратеници за да наложи лично и јавно изјаснување за промените на Уставот, за потоа да се одбележат имињата на оние кои се и бугарски државјани, а се против правото на еднаквост со своите сонародници од Македонија. Тогаш треба да стапи на сцената политиката на Софија за заштита на своите во РСМ. На оние пратеници кои гласале против да им се блокира важноста на пасошите, истото да се направи и со членовите на нивните семејства, да се преземат слични мерки и кон оние кои од РСМ со двојно државјанство ги опслужуваат нивните бизниси (најчесто тоа се шофери со бугарски документи) и да им се блокираат одредени финансиски малверзации во банките во Бугарија и Европа. Истото да се примени и кон оние политичари и нивните семејства кои не се членови на Парламентот, но се во инстиуциите на власта и се ползуваат со привилегиите на бугарското/европското државјанство. Притоа, вели младиот математичар, не сакам ниту да дискутирам за јавни личности како новинари, лекари, инженери и други кои даваат грозни антибугарски изјави а самите имаат бугарско државјанство. Посебно, нивните деца кои студираат или живеат низ земјите на ЕУ.

3.
Останатите на масата внимателно слушаат и молчешкум му одобруваат, гледајќи во мене. Јас молчам како риба. Веќе ја привршуваме втората бутилка со алзашкото вино и се плашам да проговорам…страв, тој пусти страв да се даде сопственото мнение, вкоренет во нас македонците со векови, ми го блокира јазикот.
Мислата ми работи со космичка брзина. Воопшто не размислувам за Христијан Мицкоски, одамна сум го одминал…неговите размисли се обични и пресметките по нив јасни како ден. Мислам за лидерот на опозицијата Венко Филипче. Ако тој дава изјави дека половината од пратениците имаат двојно (бугарско) државјанство и големи бизниси низ Пиринскиот крај и Бугарија, зошто не го отвори процесот на расчистување на “мангупите во нашите редови“, кои со двојното државјанство манипулираат две држави и цела Европска Унија. Треба само да предложи јаво и поименично гласање во Парламентот на РСМ. Ако веќе Мицкоски и ДПМНЕ ја презедоа шовинистичката реторика на комунистите од времето на КПЈ/КПМ, редно е Филипче да го отвори процесот на поинаков, модерен, парламентарен начин. Треба да се гласа! Сѐ друго се само празни зборови…не паѓа снегот да го покрие брегот, туку секоја ѕверка да си го покаже трагот!
Потоа сѐ ќе биде јасно!
4.
Ја привршуваме третата бутилка, а математичарот, сега веќе политичар во моите очи, ми вели дека вистинската адреса за моите размисли е Софија, а Стразбур треба само да ја форматира ситуацијата во правна рамка, со сите бенефити за нас македонските бугари и за Софиската политичка и национална номенклатура.
Се разделуваме, а свежиот стразбуршки воздух ми ја разбиструва главата. Ама, тоа не значи ништо!
Во мене останува дилемата Стразбур или Софија, вечната стогодишна дилема на македонските бугари, обесправени и распнати меѓу Женева, Стразбур и Софија!
