СОЛУЦИЈА ИЛИ ДИСОЛУЦИЈА, ИЛИ МОЖЕБИ ДИСОЛУЦИЈАТА Е СОЛУЦИЈА?

Ако го примениме Аристотеловиот пристап – формата ја одредува содржината – тогаш можеме да претпоставиме дека влада со  „средновековни титули  од типот „Прв Вицепремиер“ така и ќе функционира, средновековно.За волја на вистината, таа традиција не почнува од овој владин состав. Скромно им сугерирам на трибунџиите да пребараат на Мрежата за 2008- та, да ги прочитаат документите објавени на Викиликс кои се однесуваат на разговорите меѓу Никола Груевски и Али Ахмети за статусот на „борците на ОНА“, Хашките случаи, опсегот на  употребата на албанскиот јазик…се разбира, 2008-та не е почеток на традицијата, повеќе е некаков крај на почетокот, да позајмам од Черчил.

          Образложувајки го следниот кабинет, намерно или ненамерно, г. Зоран Заев го изјави следново – Парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото работење кое подразбира конструктивна соработка, дијалог, почитување различно мислење базирано на аргументи и градење на консензуална демократија наместо паралелизам, етноцентризам и надгласување. Впрочем, ова може да се прочита и на сајтот на СДСМ.

          Не е првпат г.Заев а и не е единствен кој ја водел или бил дел од извршната власт во „земјава“, со леснотија да и соопшти на јавноста не дека ќе се интервенира во насока на промена на политичкиот систем, туку дека промената е завршена работа. Тука секако не треба да ги заборавиме и интервенциите кои сериозно ги тангираат економските односи, конкуренцијата и слободата на пазарот, колку и да е тој слаб и анемичен. Да бидам искрен, не е ниту првпат „респектабилните редакции“ да игнорираат една така значајана и отворена изјава со исклучителни последици.

          Во тие рамки, пристапот на ДУИ при формирањето на секој владин состав е за нијанса поискрен кон македонската јавност од оној на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ не зборува од и во име на „македонските Албанци“, ДУИ е репрезент на Албанците во целина, и тие, разбирливо, побрзаа да се пофалат дека сега Албанците имаат три министри за надворешни работи. За жал, ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ не реагираа на таквата изјава од „Првиот Вицепремиер и Министер за Политички систем.“ Веројатно се согласни дека на „Македонците“ тоа и не им неопходно во овој момент.

Борба против корупцијата

          Одамна заборавените препораки на Рајнхард Прибе ќе останат во колективната меморија како фуснота во рамките на партиско – деловното позиционирање на „политичките елити“ чиј врв претставува неславниот крај на „селебрити“ обвинителството познато кај нас како Специјално Јавно Обвинителство. Веројатно свесен за перцепцијата на јавноста по ова прашање, г.Заев и нема што друго да понуди, освен потпретседател на Владата за борба против криминал и корупција, за одржлив развој и човечки ресурси.           Платформите на Матка, Охрид и најславниот советник на светот, Мавровка…овие извикани во јавноста „случаи“ би биле добар почеток. Не, не сме ги заборавиле ниту „најславниот бегалец“ и дузината предмети и истраги останати од погоре спомнатото селебрити обвинителство.Правдата во земјава одамна има феудална, сталешка карактеристика,па е разбирлив односот кон плебсот, кон т.н.трет сталеж и односот кон клерот и благородништвото. Ако на ова ја додадеме и етничката димензија,ниту добрата волја,ниту раката на срце, ни за јота нема да се смени перцепцијата за корупцијата и криминалот кај јавноста. Впрочем, старо-новата владина коалиција имаше доволно време да покаже политичка волја дека има сериозни намери во таа насока. Напротив, и едните и другите не се двоумеа да се нарекуваат едни со други со најпогрдни зборови. И види чудо, заеднички ни соопштија дека во наш интерес, успечно ги надминале сите разлики и отворени прашања?

           Конечно, веројатно еднаш ќе добиеме конкретен датум за преговори со ЕУ,кои пак со новата методологија даваат „широк спектар“ на „креативност во динамиката и прогресот на самите преговори“. Дури и најголемите оптимисти изразуваат загриженост околу можноста преговорите да се претворат во некаква „приказна без крај“ и можеби некој нема да се согласи, но причината нема да биде Бугарија. Ниту Грција.

НАТО, сојузниците и ЕУ!

          „Преспанскиот Договор“ проследен со максимално незграпната и насилна законодавно-правна процедура за промена на уставното име, резултираше со членството во НАТО и со веројатно долготрајна поделба во македонското општество на „тие и ние“. Не дека ни недостасуваа поделби, но ја имаме и оваа во останатиот колорит на поделби.

          Да ги заборавиме на момент сите одржани и неодржани концерти, непримерните и помалку хистерични изливи на оптимизам, државни тапии, цименто и бетон,граници, идентитет…Да се задржиме на погоре спомнатиот цитат на идниот премиер, на консензуалната демократија. Треба да очекуваме тој процес да се заокружи далеку побрзо отколку преговорите со ЕУ. Тој процес ќе ја „ужива поддршката“ и од НАТО и од ЕУ. Со други зборови, нема да биде плод на насилство и сила, туку “резултат на плодна политичка расправа во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија и нејзината европска иднина“.Убаво звучи,нели? Впрочем, повеќе им верувам на изјавите  на г.Али Ахмети, отколку во оние на г.Зоран Заев. Да не заборавам, и најголемата опозициска партија конструктивно ќе го понесе својот дел од товарот во тој процес.

          Во овие рамки,реално е да очекуваме и одредена финансиска помош, но,нејзиниот износ нема да биде преголем и доволен да ги задоволи големите очекувања. Тие, очекувањата, ќе бидат поткрепени со силни изрази на поддршка кои отсекогаш и за секакви прилики ги добиваме, како овие на пример —Задоволна сум што граѓаните на оваа земја учествуваат во демократскиот процес. Тим од амбасадата на САД му се придружи на ОБСЕ, на граѓанското општество и меѓународните набљудувачи за набљудување на изборите, и ќе бидам таму заедно со нив, напиша на нејзиниот официјален твитер профил амбасадорката Брнз. Ова е објавено(среда5.07.2020 | 8:21 pm) откако токму дел од тие набљудувачи изразија сериозен сомнеж дека излезеноста на гласачите ќе биде 50%.Личи на шега кога се зборува за граѓанско општество, а владата ја составува троецот СДСМ-ДПМНЕ и ДУИ.  Останатото ќе биде дел од политичкиот фолклор, имавме избори без Државна Изборна Комисија со хакерски напад, без руси, кинези и слични непријатели. Безсмислена бирократска неефикасност која не обезбедила заштита, сервер, и сл. Дури ревизорите строго ќе и сугерираат – повеќе да не правите вака!Полјаците на пример имаат долго и богато искуство со сојузниците, прашајте ги нив, ако мислите дека не сум во право. Во меѓувреме,МВР и Јавното Обвинителство ќе истражуваат, и истражуваат…

Наместо заклучок

          УНЕСКО,министри, официјални лица на ЕУ и претставници на европските влади,на САД, Русија, јавни личности како писателот Орхан Памук, изразија јавно незадоволство од одлуката на Претседателот Реџеп Таип Ердоган да го промени статусот на Света Софија и таа да биде џамија. Папата на 12 јули на неделната миса изјави дека неговите мисли одат кон Истанбул и Света Софија и чувствува болка. Друг верски водач, Големиот муфтија на Египет, одлуката на турскиот претседател ја нарече недозволива!

          Од друга страна, никој од Владата на Република Северна Македонија, ниту од СДСМ, ниту од самонаречените демохристијани во ДПМНЕ, ниту пак поранешниот Претседател Иванов, дури ни нашиот најславен азилант,ниту збор!?

          „Честа на Северна Македонија“ ја одбрани никој друг,туку  Новиот поглавар на ИВЗ, Шаќир Фетаху, го поздрави рестартирањето на Аја Софија како џамија со писмено обраќање до Ердоган.Раководството на Реџеп Таип Ердоган е ѕвезда во подем кај порано угнетените и сакам да изразам дека тоа е неопходен извор на надеж “, се вели во честитката на Шаќир Фетаху

            И така, Република Северна Македонија братски застана рамо до рамо со „Муслиманското братсво” со Хамас, со муфтијата на Оман, со Пакистанската муслиманска лига…

            Овој вовед ми се виде како соодветен пред „здраво“ да се фати за работа двоецот Османи-Димитров. Обајцата негуваат страст кон фотосесии, првиот дури и ги ретушира фотографиите па ги објавува. Обајцата одбраа да молчат, опортунистички или не, небитно е, битно е дека тоа говори за интегритетот и принципите кои ќе ги застапуваат. Ги знаеме ли?Впрочем, освен изјавата на г.Зоран заев, неговите сопартијци повеќе изразуваат благодарност,отколку што зборуваат конкретно. Добро, по некој пишува и песни!

Автор: Ѓорѓи Трендафилов