|

Средба на Асоцијацијата на балканските новински агенции – Југоисточна Европа (АБНА-ЈИЕ) во Бургас

„Заедно за вистински вести” е темата на која заседаваше Асоцијацијата на балканските новински агенции – Југоисточна Европа (АБНА-ЈИЕ), на 30 генералното Собрание, кое се одржа денеска во Бургас. На денешниот собир во Бургас АБНА-ЈИЕ од неформална организација, која функционира речиси повеќе од 30 години, стана и формално Асоцијација здружение, регистрирано, како правно лице, со свој Статут и правила на однесување на сите членки, но и критериуми, кои треба да ги исполнат оние кои во иднина сакаат да станат дел од оваа Асоцијација.

На состанокот беше изгласан Статутот, кој е креиран врз основа на правниот документ на Европската алијанса на новински агенции, со што всушност АБНА-ЈИЕ во своето работење се приближува кон европските стандарди и правила на Европската Унија.

Управувачкиот борд го сочинуваат минатогодишниот, актуелниот и идниот претседавач, во моментов тоа се директорите на Косовапрес, АНА-МПА и Анадолија, Скендер Красиќи, Аимилиос Пердикарис и Сердар Караѓоз. На Собранието беше изгласано Грција да биде претседавач оваа година, а Турција, следната. Директорот на БТА, Кирил В’лчев предложи на следниот состанок во Солун да се усвои предлогот МИА да биде претседавач на АБНА-ЈИЕ во 2025 година, за што формална одлука ќе биде донесена во Солун.

Состанокот го отвори директорот на БТА, В’лчев, а на него присуствуваат делегации на агенциите членки, но и бугарскиот вицепремиер Атанас Пеканов, министерот за туризам Илин Димитров и градоначалникот на Бургас, Димитар Николов.

В’лчев напомена дека националните новински агенции на Балканот имаат голема одговорност за правилно информирање на граѓаните, но и за вистинско запознавање на земјите меѓусебно.

– Секојдневно разменуваме информации, но и придонесуваме за пронаоѓање решенија за тешките проблеми. Се запознаваме подобро едни со други, истакна В’лчев, напомнувајќи дека балканските агенции ги почитуваат меѓународните новинарски стандарди во пренесувањето на фактите, без оценки, сопствени толкувања и секогаш со наведување на изворот на информацијата.

Тој напомена дека задачата на агенциите е заеднички да работат со цел секогаш да пласираат вистините, точни и проверени информации за сите актуелни случувања.

Директорот на БТА потенцира дека од денеска АБНА-ЈИЕ е регистрирана Асоцијација и правно лице.

– Нашата неформална организација се регистрираше. Отсега натаму АБНА-ЈИЕ ќе ги користи најдобрите практики од европското искуство, со оглед на тоа што Статутот на Агенцијата е креиран врз основа на тој на Европската агенција на новински агенции, нагласи директорот на бугарската новинска агенција.

На конференцијата обраќања имаа директорите на сите новински агенции, меѓу кои и директорот на МИА, Драган Антоновски, кој ги праша присутните, колку агенциите навистина помагаат во заштита на вистината и придонесуваат за освојување и ослободување на медиумскиот простор.

– Не сум запознаен со точните и конкретни причини зошто е формирана АБНА, кога е основана, претпоставувам дека вмрежувањето отсекогаш било доволно добра причина, но во изминатите пет години не почувствував значителна разлика и олеснување од фактот дека сме во ова заедно. Да, соработувавме за важни прашања, сме имале меѓусебни размени, техничка услуга, но дали е тоа доволно? На пример, заедно со БТА успеавме да имаме заеднички известувач во одредени прилики, да имаме дневна размена на една вест, но мислам дека ако сакаме да му оддадеме почит на денешниот наслов на конференцијата, треба да покажеме повеќе од тоа. заедништво во медиумскиот простор, порача Антоновски.

Тој на присутните им потенцира дека е потребно да се размислува за посуштинска размена на информации и предложи поконкретна соработка во развојот на заеднички стории на одредени теми.

– Не гледам проблем ако кажеме дека ќе работиме на една приказна, на пример, како граѓаните на балканските земји ја живеат актуелната економска криза. Една приказна за цените, за платите. Би било интересно ако го избереме образовниот систем. Политичарите и политиката се веќе секојдневна и многу досадна тема, изјави Антоновски.

Тој нагласи дека ова вмрежување би можеле да го искористиме за да го ставиме граѓанинот во центарот, да ги ставиме неговите потреби во фокусот и да ги искористиме индивидуалните искуства за да им пристапиме на заедничките прашања.

– Да се ​​погрижиме да го искористиме она што го имаме при рака во дадениот потенцијал и да ги искористиме моментите како овие денес за да се справиме со вистинските предизвици и можности пред нас, порача Антоновски.

Пред присутните се обрати и бугарскиот вицепремиер Пеканов, кој изјави дека високо ги цени клучните цели, кои пред себе си ги поставиле агенциите членки на АБНА-ЈИЕ и додаде дека може да сметаат на бугарските институции во сите сфери, во кои е можна помошта за нивно реализирање.

– На прво место е да се подигне значењето на проверената информација, Во денешните мошне сложени времиња, создавањето и распространувањето на точни информации е клучна задача на сите кои ги раководат каналите на информирање, првите луѓе на медиумите, додаде тој.

Бугарскиот министер за туризам Димитров се надополни дека вестите создаваат емоции, емоциите мисли, мислите зборови, а зборите дела, поради што, како што рече, е мошне важно да се размислува за начинот на кој се претставуваат информациите.

Пред учесниците се обрати и градоначалникот на Бургас, Николов, кој говорејќи за страшното невреме кое викендов го зафати Бургас и околината, истакна дека оваа ситуација уште еднаш го потенцирала фактот за значењето на медиумите за вистинското информирање за настаните. Напомена дека агенциите во својата соработка треба да придонесат и за приближување меѓу државите, со размена на повеќе вести од секојдневниот живот на граѓаните, вести од сферите на спортот, културата…

Писмени обраќања до учесниците на конференцијата упатија и бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Г’л’б Донев. Радев порача дека вестите можеби се изработени од новинарите, но им припаѓаат на луѓето.

Согласно новиот Статут секоја држава може да учествува со една национална агенција, односно да има еден глас. Со оглед на тоа што БиХ имаше две членки во АБНА-ЈИЕ, Срна и Фена, на Собранието беше донесена одлука Фена да биде постојана членка, а на Срна и се даде можност да биде набљудувач, за што претставникот на Агенцијата кажа дека дополнително ќе одговорат дали се согласни со овој предлог.

Идејата за создавање на АБНА-ЈИЕ се појави во 1994 година на состанок во Софија на претставници на новинските агенции од Балканот. Основачкото собрание се одржа во јуни 1995 година во Солун.

Во АБНА-ЈИЕ членуваат МИА, албанската АТА, босанската ФЕНА, бугарската БТА, грчката АНА-МПА, кипарската СНА, косовската Косовапрес, романската Аџерпрес, српската ТАНЈУГ, турската Анадолија, хрватската ХИНА.

Слични Објави