|

Стабилизирана состојбата по пожарите во Трубарево и „Дрисла“ – здравствениот систем целосно мобилизиран

Во текот на изминатата ноќ, екипите на Итната медицинска помош реализираа 13 интервенции во околината на скопското село Трубарево, при што едно лице беше пренесено на Клиниката за токсикологија, а друг пациент доби транспортна помош поради неможност за самостојно движење.

Министерот за здравство, Азир Алиу, информираше дека здравствениот систем е целосно мобилизиран за справување со последиците од пожарите. „Од сите интервенции, само едно лице е хоспитализирано на токсикологија, а кризниот штаб продолжува со редовни состаноци и превземање на соодветни мерки според развојот на ситуацијата,“ изјави Алиу.

Директорот на Клиниката за токсикологија, д-р Арѓенд Имери, потврди дека пациентката примена ноќеска е во стабилна состојба, но е задржана на лекување поради дополнителни симптоми. Во текот на денот биле прегледани уште тројца пациенти на амбулантско ниво.

Институтот за јавно здравје соопшти дека измерените вредности во воздухот во Скопје не покажуваат никакви отстапувања кои би укажале на присуство на зрачење по пожарот во Трубарево.

Во однос на пожарната состојба, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, извести дека огнот во објектот за електронски отпад во Трубарево е целосно изгаснат, а ситуацијата на депонијата „Дрисла“ е значително подобрена. Пожарот во Трубарево избувна во саботата, додека оној на „Дрисла“ траеше од 9 септември.



Слични Објави