СТОЈМЕНОВ ГРАДИ И ПОКРАЈ МОРАТОРИУМОТ ВО ЦЕНТАР-ВЕЛИ ДЕКА МУ БАРАЛЕ МИТО ОД МИЛИОН ЕВРА ЗА ДА ГО ОСТАВАТ РААТ
Инспектори заедно со полиција утрово интервенираа на градилиштето на ТЦЦ „Плаза“ поранешно „Беко“ во центарот на Скопје, за да ја стопираат градбата на објектот. Инвеститорот Борис Стојменов нема нема дозвола за градба од Општина Центар, заради мораториумот, но и покрај тоа веќе неколку недели, работници за време на викендите изведуваат градежни работи за хотелот на Стојменов.
Откако полицијата ги запре градежните работи, на градилиштето дојде Стојменов кој се караше со инспекторите, велејќи им дека немаат право да ги стопираат работите и обвинувајќи дека Општината му барала мито од еден милион евра и затоа не му се дава да гради, пишува СДК.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека ваквите обвинувања на Стојменов се целосно навистинити.
„Веќе неколку пати му е издадено решение за стопирање на градежните работи, но и покрај тоа се гради. Повикувам Обвинителството да излезе на терен и да поведе постапка. Додека не се донесе новиот план Мал ринг не смее да се гради“, вели Богдановиќ.